Берлин и Париз се против општа забрана за визи за Русите
30 август 2022Германија и Франција предупредуваат да не се воведува генерална забрана за визи за Русите. „Додека ги ограничуваме контактите со претставниците на режимот и властите во сфери од витален интерес на ЕУ, мораме стратешки да се бориме за 'срцата и главите' на руското население, барем за оние делови од населението кои не се сосема оддалечени од 'Западот'“, се вели во документ на кој се повикува Ројтерс.
За прашањето на визите денеска (30.08) разговараат министрите за надворешни работи на ЕУ. Дел од земјите членки на Унијата, пред сѐ од источна Европа, бараат запирање на издавањето визи за руски државјани, а некои држави веќе воведоа забрани на национално ниво.
Германскиот канцелар Олаф Шолц вчера потенцираше дека останува на ставот оти не треба да се воведува генерална забрана за визи за Русите. Наместо тоа, Германија и Франција пледираат за прецизна проверка на барањата за визи од аспект на безбедносни ризици, но сепак се за продолжување со издавањето визи. Не треба да се потцени влијанието кое го има лична посета и поглед врз животот во демократски системи од прва рака, сметаат Берлин и Париз.
Неименуван ЕУ-дипломат вчера изјави дека министрите за надворешни рбаоти би можеле да постигнат согласност за суспензија на договорот за визни олеснувања постигнат со Русија. Тоа би значело дека Русите ќе мора да минуваат низ долг процес за добивање виза, а таа наместо како досега 35 евра, би чинела 80 евра.