1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ дискутира за забрана за визи за руски државјани

Бернд Ригерт
29 август 2022

Забрана за патување за лица од Русија, или да има дозвола за контакти и покрај војната против Украина? Министрите за надворешни на ЕУ се обидуваат да формулираат заеднички став. Ограничувања веројатно ќе има.

https://p.dw.com/p/4GAeb
Русија патување пасош виза Шенген
Патувањето со руски пасош станува потешко - но Русите сѐ уште можат да влезат во 90 земји во светот без визаФотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance

Украинскиот претседател Володимир Зеленски со својот апел за забрана за влез во ЕУ на сите руски државјани, предизвика жестока дебата во Европа. Може ли граѓани на една држава која води агресорска војна против соседна земја и понатаму без проблем да си патуваат во ЕУ како ништо да не се случило? Не, велат Финска, Полска, Чешка и балтичките земји. Тие престанаа да издаваат краткорочни визи за Русите. Германија, Грција, Кипар и Европската комисија се скептични и одбиваат целосна забрана за влез на Руси. Германскиот канцелар Олаф Шолц минатата недела изјави дека ова е војна на рускиот властодржец Владимир Путин и поради тоа му паѓа тешко воведување општа забрана од која би биле погодени и недолжни граѓани.

Чешкото претседателство со ЕУ го стави спорот околу визите на дневен ред на неформалната средба на шефовите на ЕУ дипломатиите во вторник (30.08) во Прага. Не се очекува одлука за санкции која би требало да биде донесена едногласно. Но, во духот на европскиот компромис, многу е можно да се намали бројот на издадени визи, сметаат од Европската комисија. Поединечни решенија не би имале ефект бидејќи краткорочните туристички визи во принцип важат во сите 26 земји во Шенген-зоната, без разлика која земја ги издала.

Колкави димензии има проблемот?

Според податоците на агенцијата на ЕУ, Фронтекс, од почетокот на војната во Украина, пред околу половина година, во ЕУ имало речиси еден милион влегувања со руски пасоши. Најголем дел од нив преку Финска (330.000), потоа Естонија (234.000) и Литванија (132.000). Тоа се главно туристи кои престојувале во ЕУ по неколку дена. Но, тоа не значи дека се издадени еден милион визи, туку тоа се Руси кои со истата 90-дневна виза може повеќепати да влезат и излезат од Шенген-зоната. Пред корона-пандемијата годишно биле издавани околу 500.000 нови визи на Руси.

Шенген виза барање
Краткорочните туристички визи во принцип важат во сите 26 земји во Шенген-зонатаФотографија: picture alliance/ZB

Каде претежно патуваат Русите?

Големиот број Руси кои влегуваат преку копнен пат во соседните земји на истокот на ЕУ се должи на тоа што веќе нема директни летови меѓу Русија и ЕУ. Тешко е да се добие виза и влез во земји како Германија или Франција. Според германското Министерство за надворешни работи, германските конзулати во Русија во првите шест месеци од годинава издале околу 14 илјади краткорочни визи. Пред пандемијата и војната, односно споредено со истиот период во 2019, биле издадени речиси десет пати повеќе визи.

Годинава помалку руски туристи прошетале и на Шанзелизе во Париз. Русин во Франција може да допатува само преку трета земја, а не во транзит преку други ЕУ-земји. На пример, со авион од Москва преку Истанбул за Париз, но не и со авион преку Хелсинки.

Голем број руски туристи се регистрирани во Грција и Кипар. Една четвртина од сите туристи на Кипар годинава доаѓаат од Русија. Околу 50.000 Руси имаат постојано живеалиште во Кипар. Северна Грција е исто така омилена дестинација за Русите, кои таму пристигаат преку Турција или Србија. Црна Гора, земја кандидат за ЕУ која важи за популарна дестинација за Русите, годинава бележи помал број руски туристи. Многумина ја одбраа Турција. Земјата, иако е членка на НАТО и кандидат за членка на ЕУ, не ги поддржува западните санкции против Русија и на Русите и натаму им дозволува слободен влез без визи.

Црна Гора руски туристи
Црна Гора, земја кандидат за ЕУ која важи за популарна дестинација за Русите, годинава бележи помал број руски туристиФотографија: National Tourists Organization of Montenegro

Може ли да се ограничи издавањето визи?

Целосна забрана за издавање визи според ЕК е тешко изводлива, бидејќи според меѓународното право мора да се дозволи издавање на визи од семејни и хуманитарни причини. Но, има можност за значително ограничување на издавањето краткорочни Шенген-визи.

Секоја земја членка има дискреционо право за одлука при разгледувањето на апликациите. Државите исто така имаат можност да ги повлечат веќе издадените визи. Естонија веќе го прави тоа. Сепак, Шенген-визата мора да биде прифатена во секоја држава. Па така, Естонија не може да не ја прифати издадената виза од Германија или Шведска. Ова е и практично речиси невозможно, поради тоа што нема контроли меѓу земјите во Шенген-зоната.

Сепак, според визните правила на ЕУ, тие го применуваат рестриктивното правило туристот да престојува претежно во земјата од која му е издадена визата. Одбивањето да се признаат издадените визи може да се оправда со променетата политичка состојба и безбедносни околности.

Руски туристи во Турција
Руски туристи во Турција (архивска фотографија)Фотографија: Chris McGrath/Getty Images

Кои ограничувања се веќе на сила?

Покрај Естонија, Литванија, Летонија, Финска, Полска и Чешка, сега и Данска сака да го ограничи издавањето на визи. Според визниот сервис „Фрагомен“ и Холандија, Белгија, Шпанија и Романија значително го намалиле бројот на издадени визи.

Многу земји исто така значително го намалија персоналот во конзулатите или амбасадите во Русија, поради што е многу тешко да се закаже термин за виза. Договорот за визно олеснување за дипломати, владини претставници и бизнисмени е суспендиран, иако во принцип уште важи.

Доколку биде целосно укинат, на руските граѓани ќе им биде потешко и поскапо да аплицираат за виза. Со оглед на тоа дека Русите веќе не можат да ги користат западните сметки и картички, немањето доволно средства може да биде една од главните причини да им се одбие барањето за виза.

Што се „национални визи“?

Државите членки на ЕУ може да издадат и виза за постојан влез и престој на нејзината територија. Овие визи се наменети за лица кои работат, студираат или извршуваат научно-истражувачка дејност, но не им даваат право да патуваат во други Шенген-земји. Руските опозиционери кои сакаат да ја напуштат земјата поради агресорската војна, може да аплицираат за ваква виза. Во првите шест месеци од годинава Германија има издадено 10 илјади вакви визи.

Србија привлекува сѐ повеќе Руси

Што може да направат министрите за надворешни работи на ЕУ?

Експертот за миграција на германската Фондација за наука и политика, Ралф Босонг, препорачува подобра координација и намалување на издавањето визи не преку воведување забрани, туку преку користење на постоечките правила. Тој посочува дека „земјите имаат интерес да постои заедничка европска линија и во таа смисла Германија може да се придвижи кон источноевропските или балтичките држави“. Босонг во подкаст за СВП уште потенцира: „На национално ниво има простор за мерење. Ние Германците се движиме повеќе во правец на рестрикции. Ние се обидуваме како и Финците, туристичките патувања да ги двоиме од другите основи за посета. Како контратежа отвораме други можности од типот хуманитарна виза или миграција заради работа и слично."

Кои се барањата на европарламентарците?

Во отворено писмо до Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика, Жозеп Борел, европратениците бараат ограничување на издавањето на визи и целосна забрана за патување за 6 илјади лица од руската елита.

Претседателот на пратеничката група на демохристијаните во Европскиот парламент, Манфред Вебер (ЦСУ), смета дека не е исправно Руси да одмораат на островот Зилт и во рестораните да ги служат украински келнери. „Тоа за мене е тешко замисливо, истовремено да имаме бегалци од Украина и Руси кои тука си уживаат во животот“, вели Вебер за првиот канал на германската телевизија АРД.

Зилт туристи Русија Украина
Не е исправно Руси да одмораат на островот Зилт и во рестораните да ги служат украински келнери, смета ВеберФотографија: Axel Heimken/picture alliance/dpa

Што прават другите држави?

САД прекинаа со издавање на краткорочни визи за руски државјани. Русите може да поднесуваат барања во амбасадата во Варшава, во Полска, доколку успеат да стасаат до таму. Претседателот Џо Бајден од млади руски научници и претприемачи побара да ја напуштат нивната земја која води војна. Таквиот Brain Drain треба да биде поттикнат со великодушно издавање долгорочни визи.

Обединетото Кралство не сака да воведе генерална забрана за патување за Русите, но има намера во голема мера да го ограничи издавањето визи, рече во едно интервју министерот за одбрана Бен Волис.

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија