1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фон дер Лајен на Балканот: Вечниот процес на приклучување

Лусиа Шултен
23 октомври 2024

Претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен денеска патува во земјите од Западен Балкан. Станува збор за проширувањето на ЕУ и финансиската поддршка за регионот - и за сомнежи и слушање.

https://p.dw.com/p/4m7Ey
Албанскиот премиер Еди Рама и шефицата на ЕК, Урсула фон дер Лајен
Албанскиот премиер Еди Рама ја поздравува шефицата на ЕК, Урсула фон дер Лајен на самит на ЕУ за Западен Балкан во Тирана, декември 2022 годинаФотографија: Olsi Shehu/AA/picture alliance

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, својата тридневна посета на Западен Балкан ја започнува со средба со албанскиот премиер Еди Рама во Тирана. Фон дер Лајен до крајот на неделата ќе се сретне со шефовите на држави и влади на Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Србија, Косово и Црна Гора.

Според ЕК, ова е вообичаено патување, какви што имаше во последните години, а фокусот главно ќе биде на процесот на проширување на ЕУ и таканаречениот план за раст на Западен Балкан.

Посетата се одржува и пред објавувањето на годишните извештаи за напредокот на проширувањето. Според сегашниот план, ЕК би требало да ги претстави овие оценки за реформскиот напредок на земјите кои сакаат да се приклучат следната недела.

Патувањето ѝ нуди можност на шефицата на Европската комисија да ги пренесе своите очекувања и пораки на највисоко можно политичко ниво, изјави за ДВ Весела Чернева од Европскиот совет за надворешни односи. Тоа за Фон дер Лајен е и „вежба за слушање“. Во регионот постојат сомневања во тоа дека процесот на пристапување напредува соодветно и дека понудите на ЕУ се навистина веродостојни.

Шпајх: Македонците со право се фрустрирани од ЕУ

Долги преговори - без крај на повидок

На шесте земји од Западен Балкан им беше ветено членство во ЕУ пред повеќе од 20 години. Денес тие се на различни степени во евроинтегративниот процес. Од минатата недела ЕУ и Албанија преговараат за суштинскиот дел од пристапувањето. Отсега се преговара за вкупно 35 поглавја, кои ги дефинираат правните области во кои Албанија мора да го прилагоди својот систем на сегашното право на ЕУ.

Црна Гора и Србија ги водат овие суштински дискусии околу една деценија. Северна Македонија сè уште чека да започнат суштински преговори, а за Босна и Херцеговина недостигаат одредени чекори кои им претходат на суштинските дискусии. Косово во моментов се смета само за „потенцијален кандидат за членство“, меѓу другото и поради конфликтот со Србија. Косово прогласи независност од Србија во 2008 година, која Србија не ја признава. Независноста не ја признаваат и пет земји-членки на ЕУ: Шпанија, Грција, Кипар, Романија и Словачка. Сè додека условите меѓу Косово и Србија не се нормализираат, нивниот пристап во ЕУ останува малку веројатен, бидејќи процесот на пристапување бара едногласна одлука на сите 27 земји-членки на ЕУ.

Шолц: Го цениме она што го прави владата на С. Македонија

План за раст за Западен Балкан

Сепак, постои поддршка за регионот. Таканаречениот план за раст е пакет од шест милијарди евра за периодот од 2024 до 2027 година, кој се состои од четири милијарди евра кредити и две милијарди евра грантови. Целта: Земјите од Западен Балкан треба да се доближат до ЕУ и до европскиот внатрешен пазар пред да станат членки. ЕК ветува дека ова ќе ги зајакне економиите на земјите-приматели и потенцијално ќе ги удвои нивните економии во следната деценија. За да ги добијат парите, земјите, меѓу другото, мора да презентираат реформска агенда со која се имплементираат препораките на Комисијата.

Милена Михајловиќ, коосновач на тинк-тенкот Центар за европски политики (ЦЕП) од Белград, во интервју за ДВ го фали пактот за раст како прв конкретен пример за постепениот пристап на интеграција развиен во 2022 година. Според неа, ќе следат и други примери, на пример во делот на институционалната соработка. Михајловиќ очекува претседателката на ЕК да се заложи за решавање на регионалните спорови, на пример во дијалогот Белград-Приштина меѓу Србија и Косово, во кој посредува ЕУ. Напредокот во оваа област е основен предуслов за исплата на средствата од ЕУ.

Германија Берлински процес Урсула фон дер Лајен
Урсула фон дер Лајен во Берлин зборува за средствата од планот за раст (до неа е канцеларот Олаф Шолц), октомври 2024 годинаФотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

Минатата недела, Комисијата соопшти дека пет од шесте реформски агенди - сите со исклучок на Босна Херцеговина - веќе биле одобрени од земјите-членки. Сега Комисијата ќе го усвои ова формално и брзо. Ако една држава сака да профитира од средствата од планот за раст, мора и да склучува и имплементира договори за заеми. Според Урсула фон дер Лајен, тоа би требало да се оствари до крајот на оваа година.

Нови геостратешки приоритети

Брисел, особено по почетокот на руската агресивна војна во Украина, смета дека е геостратешки важно во ЕУ да бидат примени државите од Западен Балкан. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во говорот во Блед, Словенија, во септември рече: „Во време на геостратешки ривалства, поголемата Европска унија ни дава посилен глас во светот“.

Сепак, тоа не им дава на земјите „слободна пропусница“, нагласува експертот за Западен Балкан, Чернева, дури и ако многу влади во регионот сметаат дека веќе не мора да прават такви напори поради геополитичката ситуација. Фон дер Лејен веројатно ќе го каже тоа јасно на своето патување.

Сега државите од Западен Балкан треба да покажат дека можат да напредуваат, нагласува аналитичарката Михајловиќ. И тие би морале да одговорат на позитивните сигнали од ЕУ. ЕУ, од своја страна, треба да се обиде да ги распрсне сомнежите дека - и покрај поинаквите гаранции и програми - не е навистина сериозна во врска со изгледите за пристапување.

Овој текст првично е објавен на ДВ на германски  јазик