1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фемицид: Речиси секој ден по една жртва

Андреа Грунау
25 ноември 2024

Во Германија речиси секој ден се убива жена. Сторителите често се (поранешни) партнери. Дијана имала среќа. Таа е преживеана која со своите деца нашла заштита во засолниште за жени.

https://p.dw.com/p/4nPZk
Фемицид
Фемицид: Речиси секој ден по една жртваФотографија: Luca Bruno/AP Photo/picture alliance

Во Германија се зголемуваат сите форми на насилство врз жени. Извештајот на Сојузната полиција „Полово специфични злосторства врз жени во 2023 година“ зборува за 360 убиени - поради мизогинија, како резултат на семејно насилство или разделба. Сојузната министерка за внатрешни работи Ненси Фезер (СПД) вели дека „речиси секој ден гледаме фемицид во Германија. На секои три минути една жена или девојка е жртва на семејно насилство“. Таа нагласува дека „тие стануваат жртви затоа што се жени. Тоа е неподносливо - и бара доследно дејствување“, оценува министерката. 

Од кои луѓе произлегува опасност за жената? Од непознат во мрачниот парк? Всушност, често пати опасноста произлегува од партнери и поранешни партнери, кои злоставуваат и убиваат. Секој ден во Германија има обид од маж да ја убие својата (поранешна) партнерка, а многу често тоа и им успева. Според сојузната полиција, 155 жени во 2023 година биле лишени од живот од страна на партнерите. Сопругот на Дијана Б. (името е сменето) постојано ѝ се заканувал дека ќе ја убие, вели таа за ДВ. Нејзиното вистинско име и местото на кое престојува мора да останат тајна. Судот  има изречено забрана за нејзиниот сопруг за какво било приближување. Но, таа повеќе се надева дека тој воопшто нема ни да ја најде. Ја тепал со години, ја давел и на крајот тешко ја повредил. Бидејќи претходно немало обвинение против него, таквата околност придонела за условна казна. По осум месеци заштита и поддршка во засолништето за жени во Кобленц, Дијана Б. Почнала нов живот на ново место за себе и своите деца. Таа преживеа - стотици други жени се мртви.

Спречување на фемицид: обуки контра насилство и електронски лисици

Фемицидот не е регулиран како посебно кривично дело во Германија, па сторителите може да бидат осудени за убиство или повреди со смртна последица. Семејното насилство често им претходи на делата. „Потребна ни е поголема строгост за сторителите и повеќе внимание и помош за жртвите“, порача министерката за внатрешни работи Фезер. Социјалдемократката бара „покрај строги казни и задолжителна обука против насилство и електронски лисици, за насилниците да го променат своето однесување и веќе да не можат незабележано да им се приближат на засегнатите жени“. Сојузната министерка за семејни прашања Лиза Паус (Зелени) уште пред неколку месеци нагласи дека „не ни треба само безбедносен пакет против терористи со ножеви, туку и за спречување и заштита на жените од насилство“. 

Фемицид Германија Жени
Цвеќе за жртва на фемицидФотографија: Caro/Sorge/picture alliance

Засолништа за жени: премалку слободни места и пари

Според Истанбулската конвенција на Советот на Европа за заштита на жените од насилство, на Германија во женските засолништа ѝ недостасуваат околу 14 илјади места за жени и деца. Една студија покажува дека се инвестира премалку - 300 милиони евра наместо препорачаните трошоци за превенција и заштита од насилство од околу 1,6 милијарди евра годишно. Секоја покраина и секоја општина самостојно одлучуваат за доброволното финансирање. Александра Најзиус, која е шеф на засолниште за жени во Кобленц, каде што се криела и Дијана Б. со нејзините деца, го критикува тоа. Со 115 илјади жители, на градот му се потребни единаесет до дванаесет засолништа, а има само седум - многу жени мора да бидат одбиени кога бараат засолниште. Кога на порталот „Пребарување засолништа за жени“ ќе се отвори слободно место, тоа се пополнува за еден до два часа, вели таа.

Полицијата: „Мора да дејствуваме“ 

Некои жени повикуваат полиција, други доаѓаат сами сосе деца и багаж затоа што се плашат од партнерот, пренесува Габриеле Слабениг. Во полицијата во Кобленц таа е одговорна за отсекот семејно насилство. „Зад тоа се крие вистинска закана. Мора да дејствуваме“, вели жената која обработува од 150 до 200 случаи на семејно насилство врз жени годишно и ги следи и случаите од висок ризик. „Сѐ повеќе жени доаѓаат кои велат дека им е потребна заштита, дека не може да одат дома, дека ги тепаат, им се закануваат со смрт“, вели Слабениг. Местата во женските засолништа ретко брзо се на располагање или пак во близина. Полицијата во Кобленц некои жени ги вози од 200 до 300 километри подалеку од градот. Експертите ги проверуваат нивните мобилни телефони за да отстранат евентуален софтвер за следење и шпионирање. 

Кобленц Александра Нејзиус
Александра Нејзиус на своето работно место во КобленцФотографија: ANDREA GRUNAU/DW

Излез од стравот и насилството 

Дијана Б. имала среќа во несреќа. За време на последното сериозно малтретирање од страна на нејзиниот сопруг, таа успеала, сета облеана во крв, да побегне во продавница каде што други мажи застанале во нејзина одбрана. По операцијата заради скршеници на лицето и времето минато во болница, таа и нејзините деца добиле соба во засолништето за жени во Кобленц. Адресата е анонимна, влезот се надгледува со видео-камери. Мајката и децата по години насилство можеле да си дојдат на себе. Таа се насмевнува додека зборува за почитта со која била третирана таму. Нејзиниот сопруг ја претепувал до степен на хоспитализација и постојано ветувал дека никогаш веќе нема да го стори тоа. Таа сакала на децата да им го сочува семејството, што според Нејзиус е типично за многу мајки. 

Ескалација на насилството по разделба 

Пред ескалацијата, Дијана Б. се надевала дека ќе може да се ослободи од насилството преку разделба од сопругот. За да го натера нејзиниот сопруг да се согласи со разводот, таа ги повлекла тужбите поднесени против него. Живеела сама со децата, но опасноста не поминала, вели таа и раскажува како нејзиниот сопруг се појавил на роденденската забава на нивниот син. Ја влечел за коса во подрумот, ѝ се заканил дека ќе ја убие и ја давел. Ќерката одела по нив и викала низ плач „те молам тато, пушти ја мама, пушти, те молам престани!“ 

Кога сопругот ја пуштил Дијана Б., таа се качила горе, си ја средила косата, се нашминкала и се погрижила за роденденската забава на нејзиниот син. Таа вели дека дури подоцна ги почувствувала болките. „Тоа се многу силни жени“, нагласува Нејзиус. Во засолништето за жени во Кобленц, децата се учат на ненасилно однесување и на други улоги, а во куќата доаѓа социјален работник за момчињата. Александра Нејзиус апелира до жените кои заради децата сакаат да останат со своите сопрузи со зборовите „ве молам заминете токму поради нив“. 

Косово: Жртви на сексуално вознемирување

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи