1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ОпштествоГлобално

Дискриминацијата на жените го зголемува ризикот од рак

Александер Фројнд
27 септември 2023

Ракот е една од најчестите причини за смрт кај жените. Милиони животи би можеле да се спасат доколку жените имаат подобар пристап до превенција и третман. Затоа експертите бараат феминистички пристап.

https://p.dw.com/p/4WnzR
Плакат на кој е напишано барањето за рамноправност
Плакат на кој е напишано барањето за рамноправностФотографија: Xavier Lorenzo/Westend61/IMAGO

Ракот е една од трите најчести причини за прерана смрт кај жените во светот под 70 години. Од 2,3 милиони жени кои годишно умираат предвреме од рак, 1,5 милиони животи би можеле да бидат спасени доколку се елиминираат клучните фактори на ризик и се подобри раното откривање, покажува една нова анализа. Дополнителни 800.000 смртни случаи би можеле да се спречат доколку сите жени имаат пристап до оптимален третман на болните од рак.

Дискусијата за карциномот кај жените, судејќи според наводите на Комисијата Лансет, чија цел е да им даде препораки за системите за здравствена и социјална заштита на политичарите кои носат одлуки, често се фокусира на „женскиот рак“, како што е ракот на дојката или грлото на матката.

Но, секоја година приближно 300.000 жени на возраст под 70 години умираат од рак на белите дробови и 160.000 од рак на дебелото црево. Во последниве децении, во многу земји со високи приходи, бројот на смртни случаи од рак на белите дробови кај жените го надмина бројот на смртни случаи од рак на дојка, вели д-р Изабел Соерјоматарам, заменик-раководител на Одделот за надзор на рак во Меѓународната агенција за истражување на ракот (ИАРЦ) и копретседател на Комисијата.

Рентегенска снимка на бели дробови
Во многу земји со високи приходи, бројот на смртни случаи од рак на белите дробови кај жените го надмина бројот на смртни случаи од рак на дојкаФотографија: Rainer Jensen/dpa/picture alliance

Феминистичка агенда за општествени промени

Фактот дека жените имаат толку лош пристап до превенција, откривање и лекување на ракот првенствено се должи на родовите нееднаквости. Комисијата Лансет затоа повикува на нова феминистичка агенда за третман на рак за да се елиминира нееднаквоста меѓу половите.

Здравствените системи при лекувањето и истражувањето на ракот треба многу повеќе да ги земат предвид потребите на жените со цел да се намали глобалниот ризик од рак кај жените.

Новиот извештај, „Жените, моќта и ракот: Комисија Лансет“, е составен од разновиден, меѓународен тим на истражувачи од областите на родови студии, човекови права, право, економија, општествени науки, превенција и лекување на рак и застапување на пациентите.

„Глобално, здравјето на жените е често фокусирано на репродуктивното и мајчиното здравје, што е поврзано со тесни антифеминистички дефиниции за вредноста и улогата на жената во општеството, додека прашањето на ракот и натаму е значително помалку застапено“, вели д-р Офира Гинсбург, виш советник за клиничко истражување во Центарот за глобално здравје на Националниот институт за рак во САД.

рак на дојка мамографија
Здравствените системи при лекувањето и истражувањето на ракот треба многу повеќе да ги земат предвид потребите на жените со цел да се намали глобалниот ризик од рак Фотографија: Fotolia/S. Bähren

Подобро запознавање со ризиците од рак

Според Комисијата, причините и факторите на ризик за рак кај жените треба да се истражат повнимателно, бидејќи тие се помалку познати во споредба со факторите на ризик за рак кај мажите. Постојат значителни индиции дека постои поврзаност помеѓу одредени производи кои доминантно ги користат жените, како што се средствата за осветлување на кожата и пеглата за коса, и зголемен ризик од рак.

Алкохолот и ризикот од рак на дојка

Многу жени не се ни свесни за многу фактори на ризик кои што може да се избегнат: Околу 1,3 милиони жени од сите возрасти починале во 2020 година како резултат на четири од најважните фактори на ризик за рак: тутун, алкохол, дебелина и инфекции. Многу жени ги потцениле овие фактори на ризик. Студија од 2019 година покажа дека само 19% од жените кои во Велика Британија имале скрининг за рак на дојка знаеле дека алкохолот е еден од главните фактор на ризик за рак на дојка.

„Сметаме дека е време владите да одговорат со политика која се темели на специфичностите на половите, со политика која ја јакне свеста по прашањето на тие фактори на ризик, односно намалување на изложеноста на жените на тие фактори“, вели д-р Изабел Соерјоматарам.

плакат со барање да се стави крај на нееднаквоста во платите помеѓу мажите и жените
Нееднаквата плата е дел од родовата дискриминација на женитеФотографија: Vuk Valcic/ZUMA/picture alliance

Што е со потребите на жените?

Имајќи предвид дека многу жени ширум светот се дискриминирани во однос на нивните шанси за образование или вработување, тие често немаат финансиски средства потребни за скапи третмани за рак.

И има уште еден проблем: имајќи предвид дека мажите генерално не го преземаат главниот товар на грижата за децата, жените кои боледуваат од рак често не се во состојба да се грижат за сопственото здравје, вели коавторката на студијата, проф. Нирмала Бу-Пати, од Универзитетот Малаја и Кралскиот универзитет Белфаст. „Поради нормите врзани со родовата улога, од жените често се очекува да ги стават потребите на своето семејство пред сопствените потреби или дури и на сметка на сопственото здравје, што понекогаш им го отежнува консумирањето здравствени услуги.“

Македонија во врвот по болни од рак на бели дробови

Жените како неплатени негувателки

Дискриминаторските улоги меѓу половите се одговорни и за тоа што најмногу жените се тие кои неплатено се грижат за болните од рак - главно без соодветна валоризација од општеството. Затоа Комисијата Лансет повикува на воведување поправедни и поинклузивни стандарди за плаќање за нега на болните од рак.

Дискриминацијата на жените во многу општества, според Комисијата Лансет, е и причината поради која се „кочи“ професионалното искачување на жените на водечки позиции во истражувањето на ракот, политиките кон ракот или односот кон ракот во пракса. Според нив, ова е една од главните причини зошто денес има толку малку превентивни мерки „прилагодени“ на потребите на жените, односно мерки во лекувањето на ракот прилагодени на женската популација. Ова исто така важи и за болниците, центрите за лекување на рак или истражувачките институти, во кои, на глобално ниво, жените играат водечка улога во само 16% од случаите.

Шри Ланка болен од рак
Најчесто жените се тие кои неплатено се грижат за болните од рак Фотографија: DINUKA LIYANAWATTE/REUTERS

Зајакнување на правата на жените

Комисијата се залага за вклучување на родовите прашања во сите политики и насоки поврзани со ракот, за соодветно да се задоволат потребите и желбите на сите жени.

Исто така, се подготвуваат стратегии за подигање на свеста на жените за факторите на ризик и симптомите на ракот и за поеднаков пристап до рано откривање и дијагностицирање на ракот. Ова, исто така, може подобро да се обезбеди преку еднаква застапеност на жените на лидерски позиции.