1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хирургот, пациентот и Кочо на тераса

17 октомври 2024

Се потврди тезата на Ахмети и на Софија, дека Скопје не сака решение со Бугарија, не поради идентитетските прашања, туку поради одбојноста кон ЕУ. Пишува Арсим Зеколи

https://p.dw.com/p/4ltQ2
Христијан Мицкоски
Христијан Мицкоски, Урсула фон дер Лајен и Олаф Шолц на самитот на Берлинскиот процес. 14.10.2024Фотографија: Lisi Niesner/REUTERS Pool/dpa/picture alliance

Неделава имавме можност да сведочиме на дипломатски Pass a Deux модел, демонстриран  со мултилатералниот престој на Христијан Мицкоски и Тимчо Муцунски на Берлинскиот процес. За чија увертира се погрижи екс-министерот Бујар Османи директно, Али Ахмети и амбасадорот на Бугарија индиректно, и самиот Мицкоски – инспиративно. 

Предлогот од Османи

Имено, понудата на Османи во предвечерието на самитот во Берлин може (но не мора) да се поврзе со средбата Ахмети – Радуков како можност за изнаоѓање излез од сегашната безизлезност во спорот со Софија и смрзнатите интегративни процеси. Изборот на Османи за да ја пренесе пораката или маслиновата гранка на компромис секако не е случајност. А сепак, иако неговиот предлог за „условено дејство” ја вознемири портпаролката на Владата, во основа не е ништо повеќе од надополнување на изјавата на  самиот Мицкоски  кој претходно бараше решавање на спорот преку копирање на Преспанскиот модел со Грција од аспект на петгодишни условни рокови. Зошто тогаш таква нервозна реакција кон Османи? И зошто убеденоста дека предлогот е даден од Ахмети-Радуков, а не од некој од дипломатските тешкаши кои го заобиколуваат Скопје?

Изјавата на Османи сама по себе не би била драматична доколку ден подоцна не се надополнеше со, за Германците, зачудувачки студената реторика на министерката Бербок пред колегата од Скопје. Најболната реченица на симпатичната министерка беше онаа дека (сублимирано) „нема никаков неправеден однос кон Северна Македонија, одлуките мора да се носат дури и ако се против волјата на мнозинството”, која однапред ги разоружа сите дефанзивни оправдувања на скопскиот естаблишмент. И притоа ем го остави Муцунски без збор, а и самиот Мицкоски без волја за  пишување писма до европските метрополи.  Сепак, Мицкоски се уште молчи за предлогот на Османи и се компензира со академски беседи. 

По сите усилби, сите демонстрации на добра волја и заштитничка улога, по сите високи посети и во Бундестаг изгласани резолуции за идентитетот на Македонците, на Берлин очигледно му е прекипено од двотактните игри на ВМРО (но и СДСМ) преку експлоатација на спорот како изговор за неспроведување на реформите и одбрана на олигархијата. И уште повеќе, од циничното псевдо-справедливо барање од Берлин да се покаже поголем заштитник на Македонците од самиот Мицкоски и неговата патриотска камарила со двојни идентитети и приватни бизниси во соседна Бугарија. 

Очекувано, дома вината за  дебаклот на Мицкоски во Берлин  требаше да се префрли врз Османи. И со тој пристап се потврди тезата на Ахмети, на Софија дека Скопје не сака решение со Бугарија, не поради идентитетските прашања, туку поради одбојноста кон ЕУ. За разлика од ДУИ и Османи кои предлагаа и самоелиминација од власта во полза на отварање на процесите, за разлика од ДУИ која повторно преку дипломатски канали се обидува да најде решение (како на времето со Атина), Мицкоски и севкупниот македонски естаблишмент ја вежба извежбаната пародија дека сиот свет им е виновен – освен тие самите.

Затоа, и овој потега на Османи/Ахмети треба да се стави во контекст на пошироките политики низ кои се демонтира и расчленува севкупниот арсенал на изговори на ВМРО и СДСМ. Почнувајќи од барањата за севкупен ветинг за комплетната тридецениска политичка постава на земјата, надополнето со барањата за спроведување судски дејства против сите ликови опфатени со американските црни-листи, одржување на дијалогот со соседите – политики кои жестоко се одбивани од ВМРО јавно и СДСМ потајно. Но зошто и од ВЛЕН?

Одговорот е едноставен. Со детската и лицемерна, симплицистичка манипулација на Меџити, Касами, Гаши дека де ќе условат, де нема да го условат учеството во кабинетот на Мицкоски со уставните измени, ВЛЕН си го уништи сопствениот кредибилитет, вредносна цена и политичка улога во очите на ЕУ и САД. Не дека не им беше дадена шанса да се покажат и докажат. Но нудење на голем двор на пилиња навикнати на маалски бавчички очигледно ги има разубедено партнерите за употребната вредност на ВЛЕН. Затоа, реставрацијата на кредибилитетот и политичкиот гравитас на Меџити и Касами не води преку петлешко кукурикање против ДУИ, туку  преку предизвикот на дистанцирање од Арбен Таравари. Онака како што опозицијата на ДУИ кон ВМРО ќе остане сведена на празна реторика се додека Ахмети не се дистанцира и огради не само од СДСМ, туку и опкружувањето со соработниците со сдсмовски мајндсет и спид-дајл контакт со Бихаќка. Во обата примери, не поради етнички мотиви, туку заради зачувување и развивање на стратешкото партнерство со САД, ЕУ, НАТО. 

Интернационализација на спорот на погубен начин 

Имено, сегашниот момент во односите Скопје – Софија е паралелно илустрирано еднаков со моментот кога „мудрите скопски правнички глави” спорот околу името со Грција го воздигнаа во идентитетски спор. Елем,  Мицкоски, Сиљановска, Николовски спорот со Бугарија поврзан со признавањето на грст Бугари во Уставот веќе го имаат воздигнато на ниво на геостратешки спор помеѓу Западот и Истокот, да не кажам помеѓу Русија и НАТО. Кажано поинаку, го интернационализираа спорот на за Македонците најпогубен, и за Србија, Русија најповолен можен начин. 

Службената дипломатија тоа нема да го каже јавно, но стратешките економски-индустриски гласила немаат таква дискреција. Па така, гласилото на Европските пристаништа PortsEurope ќе излезе со наслов „Северна Македонија го торпедира паневропскиот Коридор 8” (14 октомври), наведувајќи дека нашата земја „под притисок од Србија, која пак е окуражена од Русија, чини се што е можно да го торпедира развојот на еден од стратешките паневропски коридори.” Мисли ли Мицкоски дека неговите собеседници од Германската комора не ги следат таквите наслови? Мисли ли дека битноста на неговите алтернативни Коридори има смисла доколку завршуваат десетици километри пред западни порти? И мисли ли Мицкоски дека германскиот сериозен бизнис (а не оној на перење пари) е спремен да инвестира во земја за која нејзиниот премиер, т.е. Мицкоски лично, вели дека е пред дестабилизација? Исчекорот направен во правец на потпишување на договорот за изградба на источниот дел од Коридорот е затоа за поздравување, но само комплетирањето на проектот е карта за враќање на довербата на стратешките партнери.

Меџити-Касами допрва ќе треба да се соочат со самонанесениот имиџ на слабаци. И се придружат на Мицкоски и Сиљановска веќе акомодирани на изолацијата. Впрочем, со тоа не само што се помирени, туку и би го сметале тоа „како оставање на раат", како дар од ведро небо. Но избегнувањето на Скопје од страна на видни западни, особено американски првенци во последните неколку недели, не значи дека таквите претставници немаат контакти со овдешните партнери од доверба. Разликата е само во изборот на локации, на безбедносна дистанца од руско-српските пипци од Скопје и Гостивар. Од тој однос, Македонија повеќе отколку Мицкоски и Филипче, треба да извлече две поуки.

Христијан Мицкоски Северна Македонија
Mисли ли Мицкоски дека германскиот сериозен бизнис е спремен да инвестира во земја за која нејзиниот премиер, т.е. Мицкоски лично, вели дека е пред дестабилизација? Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Првото е дека кампањата на перманентна албанофобија е веќе прочитана во нејзината затскриена мотивација и побуда. Процесот започнат со борба против албанскиот сепаратизам, па против Голема Албанија, па потоа против етнички партии, па потоа против образование, па потоа против ДУИ – сега се докажува во нејзиното вистинско светло на плански ширен и наметнуван анимозитет кон Албанците во целост. Разголувајќи ја стратешката воено-безбедносна димензија во позадината на емотивната албанофобија. А таа димензија е борба до елиминација на секоја про-НАТО масовна групировка која е трн во окото како на Србија, на Русија, така и на проруските струи во Турција, Бугарија, Грција. Оттаму рефакторизацијата на ДУИ е диктирана од способноста на Ахмети да го сочува имиџот на несовршен, но доследен партнер на САД, ЕУ, НАТО во (не само) Северна Македонија, но двојно повеќе засилена поради апсурдно конфузната политика на Меџити-Касами како и сомнителноста кон Таравари-Гаши. Отклонот на Ахмети кон СДСМ не е избор, туку е дел од стратегијата за консолидација на прозападниот курс. 

Втората поука е дека и Мицкоски и Филипче се имаат само-дефакторизирано како политички лесно менливи кукли на олигархиски жички во белградско-московски раце. По принципот на  „глупавиот се фали со она за што мудриот би се срамел”, фалбаџиството на ВМРО со кинење на стратешките западни интереси во Северна Македонија, проследено со соучеснички молк од подеднакво марионетската СДСМ, резултира во тоа да за Северна Македонија повеќе се решава во Белград, Софија, Тирана, Атина и најмалку во Скопје. Преведено, десуверенизацијата изведена од ВМРО-СДСМ во полза на олигарсите, резултира да во дијалозите околу Македонија повеќе тежат муабетите и ставовите на Вучиќ, Радев, Рама, Курти, Мицотакис отколку дневните изјави на Мицкоски, а да не зборуваме за Гордана која „не гледа разлики оттаму-одваму границата” помеѓу Србија и НАТО. 

Ќе треба премногу (предоцна) време за обичниот граѓанин да ја разбере пораката од стратешкиот партнер во Вашингтон во внимателно црно-листење на олигарсите во Северна Македонија. Ќе треба уште повеќе време да се разбере дека битноста на ваквите меанџиско-паразитски олигарси не е ефект на нивната способност, туку на „контролирана релевантност” од Белград до мерка да бидат „манги по дома, просјаци по Калемегдан”. Обидите на ВМРО преку координираните харанги против албанските бизнисмени се ништо повеќе отколку реприза на веќе-видените сценарија против „ненашите” Рамковски-Цановски. Разликата е во тоа што леснотијата на справување со Велија и Фиат беше детерминирана од фактот што и тие беа системски производи под локална контрола. За разлика од сегашните албански олигарси со далеку побитна хоризонтална и вертикална мрежа на контакти, влијанија и пред се – интереси. 

Слободата е прашање на избор

Мицкоски прешироко ја спушти косата во косење тревка, несвесно давајќи до знаење дека јаките му политички бицепси лежат врз кревки економски и безбедносни ножиња. И со тоа самиот се сведе на пациент премиер на земја-болен на Балканите. За разлика од „политиката на врлудање” на Вучиќ координирана со големи играчи, политиката на Мицкоски е „политикантство на влечкање по темница” во која неговите олигарси Анѓушев, Чифлиганец, Азески, Костов му даваат светло со дистанца прст-пред-нос. И што поблиску е часот во кој деструктивната улога на скопската олигархија ќе биде изложена „на тераса пред Гоцевата раса”, толку поблизок е часот на неминовноста која веќе се одвива. Бидејќи темите како независност, сувереност, интеграции, реформи се веќе passe во светот на реалполитиката. Во време на благосостојба и мир, слободата е прашање на избор. Во кризни времиња и немирни подрачја кон кои Мицкоски (не)свесно не бутка, прашањето над сите прашања, темата над сите теми, предизвикот на времето кое го живееме е – лојалноста. Кому се лојални Мицкоски, Сиљановска, Филипче? Кому се лојални нивните гласачи? Кон Северна Македонија секако дека не се.  

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи