Aпел за помош на Пакистан
12 август 2010На ОН им се потребни околу 350 милиони евра за жртвите од поплавите. Координаторот на итната помош на ОН, Џон Холмс во Њујорк упати апел до земјите членки на Светската Организација: „Ни од далеку не знаеме, колку навистина се големи загубите и уништувањата, но јасно е дека најтешките поплави во Пакистан по осумдесет години предизвикаа огромни страдања“, рече Холмс.
Помошта е итно неопходно зашто се заканува втор бран на жртви од болести и глад. Со бараните средства треба итно да се обезбеди најопходното: вода, храна, лекови, привремени живеалишта и мрежи за комарци. Голем проблем е и обезбедувањето санитарни услови: „Случаите на дијареа и други болести поради загадената вода се множат“, рече Холмс. Во катастрофалните поплави во Пакистан досега загинаа 1600 луѓе, а околу два милиона се без покрив над главата.
Ветувања за помош
Инаку досега државите ветија околу 150 милиони долари помош, меѓутоа сега многу членки на ОН говорат дека ќе дадат повеќе, меѓу нив и Германија, која ја зголеми најавената помош на 10 милиони евра. Но, веројатно ќе бидат потребни далеку поширокогради ветувања за помош. Кооринаторот за итна помош, Холмс предупреди: „Уништувањето ни од далеку не е завршено. Бранот поплави се движи низ јужната провинција Синд, а поројните монсунски дождови продолжуваат“. Тој очекува натамошни милиони луѓе да бидат погодени од катастрофата.
Во наредните 30 денови апелот за помош ќе биде актуелизиран. Холмс обраќајќи им се на земјите членки на Светската организација потенцираше: „Од одлучувачко значење е како ќе биде поддржан планот за итна помош во наредните недели и месеци.“
Автор: Лена Бодевајн/ Симе Недевски
Редактор: Александра Трајковска