090810 Interview Höppe Klimawandel
10 август 2010Незапамтени горештини во Русија, најголеми во последните илјада години. Шумските пожари предизвикани од нив беснеат веќе со денови и однесоа најмалку 52 човечки животи, а опожарија повеќе од двесте илјади хектари.
Она што го нема во Русија, во Пакистан го има премногу - монсунски дождови кои доведоа до огромни поплави. ОН вчера објавија дека од катастрофата се погодени 13,8 милиони лица. Само колку за споредба, земјотресот на Хаити загрози три милиони жители. Според официјалните податоци, загинале најмалку 1.600 лица.
Во Кина, пак, неколку дена по лизгањето на земјиштето како исчезнати се водат околу 1.100 лица. Бројот на загинатите, во меѓувреме, изнесува околу 300.
Професорот Петер Хепе од Минхенското друштво за реосигурување, задолжен за климатските ризици, смета дека ваквите катастрофи се јасен сигнал дека промената на климата веќе не е само научна теорија: „Деновиве сме сведоци на зачестени екстремни временски појави, кои покажуваат дека климатските промени веќе почнуваат да играат улога. Од една страна, поплавите во источна Германија, од друга страна топлотниот бран што ја зафати Русија и предизвика пожари“, вели професорот Хепе од Минхенското друштво за реосигурување.
Луѓето се најголемите виновници
Дали сето ова значи дека промената на климата веќе не е нешто што не` очекува во иднина, туку процес кој веќе се случува? „Да, нема сомневање дека промената на климата веќе се случува. Тоа е главната порака и од последниот извештај на Светскиот климатски совет. И безмалку е сигурно дека ние, луѓето, во последниве децении најмногу придонесовме за промената на климата.“
Според професерот Хепе, ситуацијата во иднина нема да се подобрува. „Мора да сметаме на тоа дека екстремните временски појави во иднина ќе се интензивираат, бидејќи нема никакви показатели дека концентрацијата на јаглероден диоксид во наредниве години драстично би се намалила“, нагласува професорот Петер Хепе од Минхенското друштво за реосигурување, задолжен за климатските ризици.
Автор: Клаус Клебер/ Трајче Тосев
Редактор: Александра Трајковска