Австралија: На повидок референдум за правата на Абориџините
19 јуни 2023Австралискиот Сенат го поддржа денеска (19 јуни 2023) одржувањето на референдум за измена на уставот за овозможување на повеќе права за домородните народи на Австралија.
Целта на референдумот е да им се даде можност на Абориџините и на жителите на островот Торес да ја советуваат владата во парламентот за прашања кои ги засегаат нивните заедници.
Референдумот ќе се одржи пред крајот на 2023 година. Според локалните медиуми, Австралијците најверојатно ќе гласаат во октомври.
Сенатот денеска донесе одлука со 52 гласа „за“ и 19 „против“, со која се потврди текстот на уставните измени, кој ќе биде ставен на референдум, откако долниот дом на парламентот во мај го усвои нацрт-законот.
„Чекор поблиску сме да им се даде глас на потребите и на аспирациите на домородците во Австралија“, рече министерката за домородни прашања, Линда Барни, на прес конференција во понеделникот.
Австралискиот премиер, Ентони Албанезе, на социјалната мрежа Твитер напиша: „Заедно можеме да напишеме историја со вклучување на признавањето на Абориџините и на жителите на островот Торес во нашиот устав“.
Албанезе се залага за референдум откако победи на изборите во мај 2022 година.
Потребно е „двојно мнозинство“ за да се овозможат уставни измени. Според австралиската изборна комисија, тоа значи дека е неопходно да се добијат повеќе од 50 отсто од гласовите „за“, но и дека мнозинството гласачи мора да се изјаснат во најмалку четири од шесте австралиски сојузни држави.
Абориџините и жителите на островот Торес се сметаат за дел од населението од уставните промени во мај 1967 година.