1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Андоновски бара докази од Венецуела за хакерскиот напад

ДТЗ
30 јули 2024

Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски со резерва гледа на обвинувањата на Венецуела дека Македонци го хакирале системот за пренос на податоци, со што влијаеле на изборите во земјата.

https://p.dw.com/p/4iuIN
Венецуела
Изборната комисија во Венецуела прогласи победа на авторитарниот претседател Николас Мадуро со 51,2% од гласовитеФотографија: Cristian Hernandez/AP Photo/picture alliance

Македонското Министерството за дигитална трансформација со резерва гледа на обвинувањата на Венецуела дека Македонци го хакирале системот за пренос на податоци, со што влијаеле на изборите во оваа јужноамериканска земја. Министерот Стефан Андоновски бара докази за ваквите обвинувања. 

„Внимателно го следиме процесот, Министерството не е истражен орган, но ќе се заложиме за тоа никој да не биде обвинуван во државата без да има соодветни докази за тоа“, изјави министерот за дигитална трансформација на прес-конференција во Скопје. 

Кој го извршил сајбер-нападот?

Обвинителството во Венецуела објави дека сајбер напад извршен од Северна Македонија влијаел врз пренесувањето на резултатите од претседателските избори во Венецуела. Според главниот обвинител Тарек Вилијам Сааб, бил направен обид за манипулирање на резултатите, но тој не успеал. Зад нападот стојат опозициската лидерка Марија Корина Мачадо и двајца други познати противници на венецуелската влада, тврди Сааб.

По гласањето во неделата, Изборната комисија прогласи победа на авторитарниот претседател Николас Мадуро со 51,2% од гласовите. Опозицискиот кандидат Едмундо Гонзалес, според Изборната комисија, добил 44,2% од гласовите. Опозицијата не ги признава резултатите и ја обвинува власта за изборна измама. Сомневања во официјалните резултати изразија и САД и низа латиноамерикански држави. Во истражувањата на јавното мислење пред изборите се исцртуваше јасна победа на опозицијата.

хакери
Македонија со резерва гледа на обвинувањата на Венецуела дека македонски хакери вмешале прсти во изборите во земјата Фотографија: picture-alliance/dpa/O. Berg

„Социјалистички режим кој лиферува непотврдени информации“

Андоновски во врска со обвинувањето од главниот обвинител на Венецуела дека македонски државјани извршиле сајбер-напад во корист на опозицијата, а против досегашниот претседател Николас Мадуро, вели дека „станува збор за социјалистички режим којшто со години лиферува често информации непоткрепени со докази и обвинува засегнати страни и држави коишто немаат одговорност во таквите случаи“. 

„Се надевам дека освен коментарите што излегоа во јавноста и коишто ги забележавме и со внимание ги следиме, од државата, од властите во таа држава ќе има и соодветни докази за наводно вмешување на некои наши граѓани или институции од државата. Внимателно го следиме процесот. Ќе се заложиме никој да не биде обвинуван во државата без да има соодветни докази за тоа и да не бидеме вмешувани во внатреполитички битки на еден авторитарен режим којшто постои со години во таа држава и неговиот однос кон опозицијата во таа држава“, рече Андоновски.