Венецуела: Веќе видено сценарио
30 јули 2024Резултатот од претседателските избори во Венецуела ја погоди опозицијата како шлаканица. Во понеделникот вечерта (29.07), изборната комисија ЦНЕ, контролирана од владата, го прогласи актуелниот претседател Николас Мадуро за победник на претседателските избори.
Мадуро, кој е на власт од 2013 година, се наведува дека добил 51,2 отсто од гласовите на изборите во неделата, додека заедничкиот опозициски кандидат Едмундо Гонзалес добил 44,2 насто од гласовите. Пред изборите 74-годишниот поранешен амбасадор Гонзалес водеше со околу 20 проценти пред Мадуро во сите сериозни анкети.
Мадуро веќе „победи“ на претходните претседателски избори во 2018 година под нетранспарентни околности. Повеќето западни земји не го признаа овој негов „реизбор“ и последователно воведоа санкции против Венецуела.
„Зошто Мадуро би преговарал?“
„Изборните власти, судството и воопшто институциите во Венецуела одамна станаа инструменти на угнетување на режимот на Мадуро“, вели за ДВ Ана Солиз де Штанге, политиколог од Универзитетот Хелмут Шмит на Бундесверот во Хамбург.
Сабине Куртенбах од институт за латиноамерикански студии ГИГА во Хамбург исто така не е изненадена од исходот на изборите во Венецуела: „На крајот од краиштата, никој од нас не е изненаден. Пред изборите се говореше дека ако не победи убедливо, тогаш можеби ќе има простор за преговори. Но, зошто? Зошто Мадуро би го сторил тоа? Сепак, верувам дека натамошниот развој на настаните е сè уште целосно отворен“, истакнува Куртенбах во интервју за ДВ.
Ана Солиз де Штанге изразува песимизам: „Овој резултат е разочарувачки и неверодостоен. Сметам дека волјата на венецуелскиот народ не е респектирана“.
„Понатаму, ваквото постапување на режимот на Мадуро става крај на секоја можност за демократска транзиција во Венецуела, а тоа е најкомплицираниот аспект на оваа ситуација. Сега останува да се види како ќе реагираат граѓаните на Венецуела“, вели политикологот од Хамбург.
Војската го поддржува Мадуро
Лидерката на опозицијата Марија Корина Мачадо ја повика војската на земјата да интервенира. Но, колку е веројатно вооружените сили да се свртат против Мадуро?
Лојалноста на војската кон владата е клучен фактор што го одржува режимот стабилен. Претседателот Николас Мадуро успеа да обезбеди поддршка од високи воени функционери со издигнување на многумина на стратешки позиции и давајќи им економски привилегии. Многу набљудувачи сметаат дека оваа тесна врска меѓу војската и власта ги попречува демократските реформи и политичките промени.
„Војската е важен играч во Венецуела“, вели Сабине Куртенбах. И поранешниот опозициски лидер Хуан Гуаидо претходно се надеваше на нејзината поддршка. „Токму воениот врв е тесно поврзан со режимот. Како изгледа ситуацијата кај пониските чинови е тешко да се процени. Војската исто така не е обединет блок. Постојат различни вооружени актери кои меѓусебно се контролираат“.
Согласно со тоа, експертката не очекува војската да тргне во државен удар. Наместо тоа, она што сега е далеку поважно се следните чекори на опозицијата. Дали таа ќе повика на протести на улица? Опозицијата, се чини, сѐ уште се колеба околу тоа. Мадуро предупреди на ова сценарио во пресрет на изборите и отворено се закани со „крвопролевање“.
Честитки и закани
Поради ова Мадуро беше прекорен од страна на бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва: „Ако победиш, остануваш. Ако изгубиш, заминуваш“.
Лула се смета за најсилниот глас на умерениот и демократски социјализам во регионот - заедно со претседателот на Колумбија, Густаво Петро и претседателот на Чиле, Габриел Бориќ. Многу набљудувачи му даваат шанса можеби да го убеди Мадуро сепак да се повлече од власт.
На политичкиот раб, од една страна, има реакции од автократиите на Куба и на Никарагва со топли честитки за „изборната победа“. Од другата страна на спектарот е ултралибералниот аргентински претседател Хавиер Милеи. На платформата Х, тој го нарече Мадуро диктатор и отворено ја повика венецуелската војска да изврши државен удар.
„Ова е целосно контрапродуктивно и е слично на нивото на Доналд Трамп, кој тогаш во однос на Венецуела рече дека сите опции се на маса“, рече Куртенбах. „Ова му помага на Мадуро да се служи со старите слики за непријатели“.
Претседателските избори во Венецуела се одржаа во услови на цензура и на репресија. Според венецуелската невладина организација „Espacio Público" (Јавен простор), режимот ги прекина сигналите за емитување на програмата на над 200 радио станици и повеќе од десетина телевизиски канали од 2016 година. Над сто печатени медиуми престанаа да се објавуваат од почетокот на претседателството на Мадуро.
„За една деценија, државната пропаганда на режимот на Мадуро стануваше сè посеопфатна“, изјави Ања Остерхаус, директорка на Репортери без граници, неколку дена пред изборите.
Владата го потиснува независното новинарство со малтретирање, цензура и произволно апсење на новинари. Во рангирањето на слободата на печатот, Венецуела го зазема 156-то место од 180 земји.
Богата земја без млеко, брашно, лекови и тоалетна хартија
Ситуацијата во Венецуела, посебно за нејзиното население, е особено трагична бидејќи таа е всушност многу богата земја. Во 2024 година, Венецуела имаше најголеми резерви на нафта во светот - речиси 304 милијарди барели. На второ место следи Саудиска Арабија со околу 260 милијарди барели нафта.
Но, на венецуелската економија со години ѝ оди мизерно, страдајќи од огромни проблеми со снабдувањето и со хиперинфлацијата што речиси ја уништи куповната моќ на нејзините граѓани.
Причините за оваа криза се различни и се движат од политички грешки до структурни проблеми и меѓународни санкции. На супермаркетите им недостасуваат најосновните намирници како млеко, брашно, шеќер и масло за јадење, па дури и тоалетна хартија.
Милиони Венецуелци седат со спакувани куфери
Една од најнепосредните последици од политичката и економската криза во Венецуела е масовната емиграција на милиони Венецуелци. Тековната нестабилност и неизвесните перспективи за иднината тераат сè повеќе луѓе да си заминат од земјата.
Овој за многу Венецуелци разочарувачки изборен резултат може дополнително да ја зголеми миграцијата. Сабине Куртенбах очекува дека Колумбија и Бразил сега ќе станат поактивни и ќе се обидат да започнат разговори со Мадуро.
Околу осум милиони венецуелски мигранти веќе живеат во овие две земји. Набљудувачите проценуваат дека уште три до четири милиони луѓе во Венецуела моментално седат со спакувани куфери.
И тие имаат силни причини да си заминат, вели експертката Солиз де Штанге. „Според мене, Мадуро нема доволно поттик да ја предаде власта на демократски начин. Овие избори, од самиот почеток, не беа ниту конкурентни ниту транспарентни .“