Американската инвазија врз Ирак – сè почна со лаги
20 март 2023Ни по 20 години нема крај на смртоносното насилство во Ирак. Само во февруари животот го загубија најмалку 52 цивили – луѓе убиени од огнено оружје или разнесени во бомбашки напади. Ова актуелно насилство е ехо на нападите кои започнаа ноќта меѓу 19 и 20 март 2003 година кога американските бродови истрелаа 40 ракети врз населбата во Багдад каде се наоѓаа државните институции и Владата.
САД, Велика Британија, Австрија и Полска
Воено, Ирак немаше со што да и се спротивстави на инвазијата од големи размери на „коалицијата на волните“ која ја сочинуваа САД, Велика Британија, Австрија и Полска. Бруталниот диктатор Садам Хусеин е соборен од власт по три недели. Шест недели од почетокот на војната, на 1 мај 2003 тогашниот претседател Џорџ.В. Буш на носачот на авиони Абрахам Линколн триумфално објави крај на поголемите борбени операции. Според една американска воена студија, коалицијата предводена од САД до тогаш имаше испалено и исфрлено точно 29.166 бомби и ракети. Уништен е голем дел од инфраструктурата во земјата. Според угледната британска невладина организација „Ирак Боди Каунт“, животот го загубиле повеќе од 7000 цивили. Бројот на мртвите од мај 2003 година е неколкукратно зголемен. Вкупниот број на загинати во војната во Ирак е меѓу 200.000 и еден милион луѓе, во зависност од проценките. Угледното медицинско стручно списание Лансет во 2006 објави за над 650.000 „дополнителни смртни случаи“, а војната во Ирак тогаш беше далеку од завршена.
Американските војници се повлекоа дури во 2011 година, и тоа привремено. Повторно се вратија да го поддржат Ирак во борбата против терористичката организација Исламска држава. Германски војници и денес се стационирани во Ирак. Во моментов има 120, потврди за ДВ, Министерството за одбрана.
Добија војна, загубија мир
Изградбата на нов, демократски Ирак според западните идеи се покажа многу потешка мисија отколку што тоа од политичката класа во САД си го замислуваа во нивните убаво напишани стратешки документи – богат, демократски остров под влијание на Западот не беше создаде на Блискиот Исток.
Операцијата на окупација, предводена од САД, не беше во состојба да се избори со сложените етнички и верски поделби во земјата. На 19 август 2003 година пред седиштето на ОН во Багдад автомобил бомба усмрти 22 лица. Тоа беше крвав почеток на востанието и долгогодишната граѓанска војна.
Ден Смит, директор на Институтот за истражување на мирот, СИПРИ во Стокхолм за ДВ вели дека американската инвазија беше „дрзок израз на западното уверување дека можат да ја преобликуваат земјата и регионалниот поредок во согласност со сопствените желби.“
Хавиер Солана, поранешниот генерален секретар на НАТО и високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, на крајот повлекува горчлив биланс: „Ако беше мисијата Ирак да се ослободи од теророт, да се обнови и да се зголеми безбедноста на сите нивоа, тогаш е апсолутно неуспешна.“
Меѓународно право
Сепак, нападот врз Ирак првенствено беше „употреба на сила спротивна на меѓународното право и кршење на статутот на ОН,“ како што вели за ДВ Кај Амбос, експертот за кривично и меѓународно право од Гетинген.
„Инвазијата на Ирак не е заснована на резолуцијата на Советот за безбедност на ОН. Освен тоа, единствената преостаната опција да се оправда употребата на сила е самоодбрана според член 51 од статутот на ОН, што очигледно не е применливо во овој случај.“ Поради тоа генералниот секретар на ОН, Кофи Анан ја опиша војната во Ирак како спротивна на меѓународното право.
Улогата на Германија
Германија додуша одби да учествува во војната, но ги стави на располагање воените бази и дозволи прелет на коалициските сили така што според Амброс „помагала во актот кој беше спротивен на меѓународното право.“
Набрзо по почетокот на војната, Јирген Хабермас за Франкфуртер Алгемајне Цајтунг вака ја резимираше една од последиците на тоа кршење на меѓународното право: „Да не се лажеме, нормативниот авторитет на Америка е уништен.“ Речиси видовито, филозофот предупреди дека со своето однесување САД им „даваат опасен пример на идните велесили“.
Мачења и воени злосторства
Угледот на САД беше дополнително нарушен со случаите на воени злосторства и тортура. Пролетта 2004 година цел свет слушна за Абу Граиб – затвор на ужасот уште од времето на Садам Хусеин каде на фотографии се виде како таму американските војници вршеле мачења и тортура. Често имаше и случаи на масакр врз цивилно население.
Како на пример во Хадит каде во 2005 година американски маринци убија 24 невооружени цивили. Или во 2007 година на прометниот плоштад Нисур во Багдад, каде платениците на „Блеквотер“ со автоматско оружје пукаа во толпата и убија 17 лица. Или пак како што се гледа од снимката „Колатерално убиство“ која ја објави „Викиликс“ на која се гледа како два хеликоптери стрелаат на невооружени цивили од топови со калибар од 30 мм. Најмалку 12 лица загинаа, вклучително и двајца новинари на Ројтерс, а две деца беа тешко повредени.
Лаги и манипулации
САД наведоа две причини за својата операција за промена на режимот – наводната закана која ја претставува ирачкото оружје за масовно уништување и наводните врски на Садам Хусеин со Ал Каеда. Ништо од тоа не беше точно. Во Ирак не е пронајдено оружје за масовно уништување, а како лажни се покажаа и информациите, добиени по мачење и тортура, дека ирачкиот диктатор е поврзан со атентаторите од 11 септември.
Политикологот од Харвард, Стивен Волт, во интервју за ДВ за тоа вели: „Тие веќе имаа донесено одлука и само бараа дополнителни причини. Одлуките не беа засновани на информации – тие ги изманипулираа информациите за да си ја оправдаат веќе донесената одлука“.
Кулминацијата на кампањата за убедување на јавноста која беше скептична во однос на војната, беше внимателно инсценираниот говор на тогашниот државен секретар Колин Пауел на 5 февруари 2003 година во ОН во Њујорк. Пауел изнесе бројни наводни „докази“ според кои тиранот во Багдад веќе поседува биолошко оружје за масовно уништување и забрзано работел на производство на атомски бомби.
Две години подоцна, Пауел се дистанцираше и за тој свој говор рече дека е „срамота“. „Јас сум тој кој во име на САД пред светот ги изнесе лажните информации и тоа засекогаш ќе остане дел од мојот живот.“
Ирак долго време им беше на нишан на САД
Во САД одамна имаше такви кои бараа промена на режимот во Ирак. Под администрацијата на претседателот Клинтон со „Законот за ослободување на Ирак“ од 1998 година тоа стана и официјална политика на САД. И „јастребите“ во следната нова администрација под Џорџ В. Буш вршеа притисок Садам што поскоро да се тргне. Сето ова беше уште пред терористите на Ал Каеда да ги извршат нападите од 11 септември 2001 година. Американскиот историчар и експерт за надворешна политика Стивен Вертхајм во интервју за ДВ објаснува: „Садам претставуваше предизвик за САД – едноставно затоа што ја преживеа Заливската војна во 1991 година. Америка се надеваше дека тој тогаш ќе биде соборен, но остана на функција. А Садам беше пречка за американската хегемонија на Блискиот исток.“
Војната против тероризмот која е објавена по 11 септември 2001 година креираше прилика за спроведување на тие стари планови. Бидејќи „претседателот имаше голем маневарски простор да го канализира гневот на јавноста и да ја обликува реакцијата“, вели Вертхајм.
Двојни стандарди на САД и војната во Украина
Една деценија по крајот на Советскиот Сојуз, САД се чувствуваа дека се на врвот на својата моќ. Во тој униполарен момент, американската администрација не сакаше да биде ограничена со правилата од повелбата на ОН. Американскиот експерт Стивен Волт вака го опишува тоа:
„Американците сакаат да зборуваат за поредок заснован на правила и колку е тој важен. Но тоа се правила кои радо ги кршиме кога не ни се по волја.“ Кај Амос претпоставува дека тоа е еден од причините зошто толку земји, од Бразил преку Јужна Африка до Индија воздржано ја осудија руската агресорска војна во Украина или не воведуваат санкции за Москва.
„Овие очигледни двојни стандарди биле препознаени токму на глобалниот југ,“ вели експертот за меѓународно право од Гетинген и додава: „А сега тоа ни се враќа како бумеранг“.