1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

САД - земја уморна од војни

Симон Брол / Елизабета М. Фиданоска22 јуни 2014

Ирак бара помош од Западот во борбата против ИДИЛ. САД ги испратија првите војници за заштита на својата амбасада. Претседателот Обама не сака долг ангажман на копнени сили. Многу американски граѓани тоа го поздравуваат.

https://p.dw.com/p/1CNuZ
Фотографија: picture-alliance/dpa

Кога американскиот офицер Пјер Хајнис пред пет години заминал од Ирак, бил уверен дека во земјата наскоро ќе завладее мир. Кога денес ќе го вклучи телевизорот знае дека не бил во право. „Крајно вознемирувачки“, вели ветеранот додека ги гледа сликите од окупираните градови на северот на земјата. „Не можам да верувам колку бргу се влоши ситуацијата.“

Овој 28-годишник седи на клупа во еден парк во Вашингтон, недалеку од Белата куќа и недалеку од своето работно место. Хајнис во меѓувреме студира право на реномираниот универзитет Џорџтаун и во моментот е на пракса во една адвокатска канцеларија. Војничкиот живот го ставил зад себе во 2012 година. Така барем мислел. Меѓутоа, вестите од Ирак за брзото напредување на ИДИЛ ги оживуваат сликите од Ирак, особено од Мосул.

Пјер бил стациониран во тој втор по големина град во Ирак, кој сега е под контрола на ИДИЛ. Како офицер разузнавач една година живеел во кампот Марез, на аеродромот во Мосул. Оттаму раководел со акциите и бил во контакт со домашните преведувачи. Да е војник и ако тоа од него се бара, без колебање повторно би заминал во Ирак. „Но, како цивил загрижен сум околу должината на новата американска мисија.“

Сомнежи во „ограничена мисија“

Хајнис зборува од искуство. Кога САД во 2003 година вмаршираа во Ирак се зборуваше за т.н. „ограничена мисија“, односно мисија со сосема конкренти, тесно дефинирани цели. Планот на администрацијата на Буш беше да се собори Садам Хусеин и да се уништи наводното оружје за масовно уништување. Хајнис во тоа време бил се‘ уште средношколец. Кога четири години подоцна заминал во војска, САД се‘ уште беа во Ирак. Ако сега се почне нова офанзива, таа може да трае со години, вели загрижено Хајнис.

Irak-Veteran Pierre Hines
Пјер ХајнисФотографија: DW/S. Broll

Слично размислува и Тарша која седи во истиот парк и ужива на попладневното сонце. Оваа 41-годишна жена не сака да го каже своето презиме, затоа што нејзиниот сопруг е во армијата. „Сериозно сум загрижена дали ќе го пратат повторно. Двапати веќе беше во Ирак и двата пати многу стравував за него.“ Поради тоа, како што вели Тарша, таа сега многу ретко може да се опушти.

Најавата на Обама за испраќање војници за заштита на американската амбасада во Ирак, за дел од американските граѓани, како Џонатан Коупленд, е кршење на дадениот збор. „Се разбира дека во Ирак во моментов се случуваат лоши работи, но не верувам дека тие ќе се решат со тоа што ќе се влезе во војна“, вели 39-годишниот готвач.

Американците не сакаат уште една исцрпувачка војна

Според истражувањето на јавното мислење, спроведено од центарот „Пју“ (Pew Research Center) во декември 2013 година, 52 проценти од американските граѓани сакаат државата да се грижи повеќе за внатрешните проблеми, додека само 38 проценти се за тоа земјата да интервенира во конфликти во други земји. Толку мала поддршка за мисии во странство не е забележана откако се спроведува оваа студија - од 1964 година.

Obama Pressekonferenz US Politik Irak 19.06.2014
Американскиот претседател ОбамаФотографија: Reuters

И Кеjти Луш го променила своето мислење за Ирак. Во 2003 година оваа адвокатка уште му верувала на тогашниот министер за надворешни работи Колин Пауел дека Садам Хусеин поседува оружје за масовно уништување. „Мислев дека мора да влеземе“, вели таа. Денес веќе не е толку сигурна. Таа не им верува на политичарите. „Имам чувство како да сум премалку информирана од страна на нашата влада за состојбата во Ирак и тоа ме заморува. Состојбата во Ирак делува хаотично. Истовремено, ескалацијата во таа земја значи дека оние 4.500 војници кои го загубија животот во ирачката војна, загинале попусто. „Ако не сториме ништо, тогаш тие загинаа попусто“, вели Луш.

Воздушни напади како алтернатива?

Многу граѓани се на мислење дека воздушни напади би биле алтернатива на испраќање копнени сили. Уште подобро би било испраќање беспилотни летала. Пјер Хајнис како војник веќе работел со беспилотни летала за надгледување на регионот околу Мосул. Сепак, тој се сомнева дека овие летала би биле ефективни за големите градови како Мосул. „Полициската станица која е во рацете на бунтовниците се наоѓа среде град, а на другата страна од улицата има куќи на цивили. Додуша има извештаи дека многумина од нив побегнале, но кога се користат беспилотни летала треба да се биде многу внимателен, за да нема поголема штета отколку полза.“

Последното нешто што би им требало на САД би биле цивилни жртви, вели Хајнис и додава дека тоа само би бил дополнителен аргумент за екстремистите.