Кој е следниот?
12 мај 2015Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков, денеска на премиерот Никола Груевски му ги доставиле оставките на нивните функциите. Премиерот за тоа го известил претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски и до парламентот доставил предлог за избор на двајца нови членови на Владата. За нов министер за внатрешни работи го предлага Митко Чавков, а за министер за транспорт и врски Владо Мисајловски. Чавков е актуелен директор во Бирото за јавна безбедност, а Мисајловски е директор на Јавното претпријатие за државни патишта. Вељаноски седницата за избор на новите членови на Владата ја закажа за утре во 13 часот.
По оставките на владините функционери, се шпекулира дека вечерава или во наредните денови ќе паднат и оставки во обвинителството.
Јанакиески: Девет години предизвици
„Во периодот од 9 години имаше многу предизвици, проблеми, непроспиени ноќи, но моја водилка и мотив беше реализацијата на проектите од програмата на ВМРО-ДПМНЕ“, пишува Јанакиески во образложнието на оставката. По набројувањето кои се проекти се реализирани во неговиот мандат, Јанакиески додава: „Гледајќи ја политичката состојба во РМ, и сите обвинувања кон мене со сечени, монтирани и креирани разговори од кои не беа поштедени ни членови на моето семејство, ви ја доставувам мојата неотповиклива оставка на функцијата министер за транспорт и врски. Сметам дека оваа моја оставка ќе придонесе за стабилноста на политичкиот систем во РМ и ќе овозможи нашата земја да продолжи да чекори на патот кон ЕУ и НАТО“. Јанакиески во оставката му се заблагодарува на премиерот за поддршката и на сите сегашни и поранешни колеги во министерството.
Образложението на оставката на Јанкулоска е многу пократко. По потсетувањето дека работела професионално и посветено, водена од интересите на граѓаните на РМ, таа пишува: „Во овие тешки денови, кога Македонија е во длабока политичка криза, ценам дека е време да се повлечам, верувајќи дека тоа ќе придонесе за нејзино надминување“.
Мијалков: Аргументите се на наша страна!
Директорот на УБК, Сашо Мијалков, не штедел зборови во образложението на оставката.
„Најголема чест во животот е да служиш на својата татковина Македонија на одговорна позиција. Позицијата што ми беше доверена ја извршував патриотски и одговорно, пред се во интерес на земјата и граѓаните, и секогаш смело и одлучно пристапував кон секоја задача.
Граѓаните најдобро знаат дека Македонија има бројни успеси во полето на кое дејствував. Дел од тие успеси беа и вистински мит во разговорите меѓу граѓаните, и ги говореа со гордост
Сакам да ја истакнам мојата огромна благодарност за довербата и што ми овозможивте да бидам дел од тимот, кој носи напредок за нашата држава и кој ги брани националните и државни интереси. Вие ја имате мојата полна поддршка. Во интерес на Македонија, гледајќи дека доколку го направам ова ќе помогнам во надминување на политичката криза, која ја наметна опозицијата со своето недржавничко однесување, а свесен дека вистината и аргументите се на наша страна и дека сето тоа со тек на времето ќе станува уште појасно, сакам да информирам дека поднесувам оставка на позицијата директор на Управата за безбедност и контраразузнавање. Со пиетет им благодарам на сите припадници на безбедносните сили на Република Македонија, со кои работев сиот овој изминат период и до сите други институции за целиот нивен ангажман, посветеност, храброст и сила. Тие се нашата главна поткрепа, тие се нашата гордост и Македонија може да смета на нив“, пишува Мијалков. Тој додава дека ќе продолжи да дејствува согласно со своите принципи и убедувања и секогаш ќе бидам тука за Македонија и за народот.
„Познавајќи ја мудроста на нашиот народ, убеден сум и знам дека вистината ќе победи, предизвиците ќе бидат надминати, а Македонија и понатаму ќе продолжи да чекори напред со тимот кој никогаш не го изневерил народот. Голема благодарност до граѓаните на Македонија, кои денеска искажаа огромна поддршка за полициските сили, таа поддршка значи многу, мотивира и е во вистински момент, и сакам на крај на овој мој допис да истакнам дека, секогаш ќе бидам во првите борбени редови кога тоа ќе биде потребно за татковината“, се вели во оставката на Сашо Мијалков до премиерот Никола Груевски.
Експертската јавност оставките на владините функционери ги гледа во корелација со вчерашната и денешната средба на амбасадорската „шесторка“ со премиерот Груевски и неговиот коалициски партнер Али Ахмети, при што, кон нив беа упатени сериозни критики за „неприфатливо“ однесување во време кога е потребен излез од кризата и утврдување на одговорноста за причините што доведоа до неа.