1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ципрас ја обвини Македонија за „срамна“ акција

ЕМФ/ртр/дпа/мета11 април 2016

Грчкиот премиер Ципрас денеска изјави дека Македонија употребувајќи „солзавец и гумени куршуми“ против бегалците спровела „срамна“ акција. Бегалците од Идомени и денеска бараат отворање на границата. Засега е мирно.

https://p.dw.com/p/1ITHv
Фотографија: Reuters/A.Konstantinidis

Одговорот на Македонија на „луѓето кои не претставуваа закана и не беа вооружени“ е недостоен за една европска нација, изјави денеска грчкиот премиер Алексис Ципрас, коментирајќи ги вчерашните безредија на грчко-македонската граница. „Тоа е голем срам за европското општество и за земја која сака да биде дел од тоа“, рече Ципрас, кој тврди дека Македонија употребила „солзавец и гумени куршуми“.

Претходно, грчкиот претседател Прокопис Павлопулос оцени дека „со вакво однесување против бегалците, за соседната земја нема место ни во ЕУ, ниту во НАТО“.

Реакцијата на Македонија денеска ја коментираше и портпаролот на грчката агенција за координација на мигрантите, Јоргос Кирицис, велејќи дека таа била „целосно непотребна и несразмерна“. Кирицис тврди дека имало „употреба на прекумерна и асиметрична сила“ која предизвикала „многу тешка состојба на грчка територија“. Атина испратила и „два многу остри демарша“ до македонските власти, а Кирицис соопшти дека бил упатен протест и до други европски земји кои имаат полициски набљудувачи на македонската граница, „меѓу другите и кон Словенија и Унгарија“.

Македонското МНР обвинува НВО-активисти

Македонското Министерство за надворешни работи, пак, тврди дека во акцијата на македонските сили на границата бил употребен само солзавец и дека „не се употребени никакви други средства на контрола, ниту физичка сила против групата“ бегалци. МНР обвини дека „во обидот да ја поминат грчко-македонската граница со употреба на насилство мигрантите биле поттикнати, заведени и организирани од активисти на невладини организации“. „Било регистрирано и дистрибуирање на летоци кои содржеле лажни информации дека штом мигрантите успеат да ја поминат грчко-македонската граница со употреба на насилство тие ќе можат непречено да го продолжат својот пат до земјите членки на ЕУ“, се вели во денешното соопштение.

Idomeni Proteste Flüchtlinge
Фотографија: Dimitris Tosidis

И денеска протести кај Идомени

Инаку, повеќе десетици бегалци и денеска се собраа во близината на границата кај Идомени. Тие носеа германско и грчко знаме и бараа отворање на границата, јавуваат агенциите. Состојбата засега е мирна. Во безредијата кои вчера избија на границата откако бегалците се обидоа насила да ја пробијат границата, беа повредени над 250 бегалци и 23-ца припадници на македонските безбедносни сили. Претходно меѓу бегалците се прошириле гласини дека границата ќе биде отворена. Во Идомени се појавил леток во кој на арапски јазик стои: „Термин за марш кон Македонија утре, недела, во 9 часот наутро“.

Грчката полиција трага по странски активисти кои би требало да се одговорни за летокот.

ЕК бара преместување на бегалците

Европската комисија денеска упати повик сите мигранти од грчката страна на границата да се преместат во другите кампови во земјата.

„Европската комисија ќе продолжи да ја испраќа пораката дека луѓето од Идомени треба да бидат релоцирани и згрижени во прифатните центри во Грција и дека не треба да ги прават овие опасни обиди. Властите и невладините организации треба да им обезбедат точни информации на мигрантите за да се избегнат понатамошни инциденти“, ја пренесува агенцијата Мета изјавата на портпаролката на ЕК, Мина Андреева.

Бегалците во Идомени и денеска се спротивставуваат на нивно преместување од Идомени во официјалните прифатни центри во Грција