Цезар од Босфорот
7 мај 2016Весникот Зиддојче Цајтунг му префрла на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган дека открил нова форма на „цезаризам“.
„Тој нема да се смири сѐ додека не го оствари својот идеал за османлиски претседателски систем, кој би требало да функционира по принципот 'автократски султан 3.0'. Секој кој сите свои надежи ги полагаше во реформаторот Ердоган, сега на дело го гледа резултатот од нескротливата желба за власт. Надежта во плуралистичка и демократска Турција се растопува со секој уапсен новинар, со секој нов закон за безбедност усвоен во парламентот, со секоја своеволна реакција на оправданата понуда на ЕУ за соработка“, смета Зиддојче Цајтунг.
Весникот Манхајмер Морген се прашува дали промените во врвот на власта во Турција значат и пропаст на договорот ЕУ-Турција за бегалците.
„По оставката на премиерот Давутоглу во берлин и во Брисел ѕвонат ѕвоната за тревога. Тој вложи големи напори и се залагаше за склучување на договорот. Притоа се докажа како партнер во кој може да се има доверба. наспроти тоа, претседателот Ердоган сака од договорот да извлече политичка полза за себе. Тој бегалците ги користи како оружје против ЕУ“, заклучува Манјахмер Морген.
„Ердоган веќе се прости од ЕУ“, пишува пак весникот Вествелише Нахрихтен:
„Тој го одби барањето на ЕУ да го измени законот за борба против тероризмот. Ердоган ја омаловажува ЕУ кога порачува: ние одиме по нашиот, вие одете по вашиот пат“. Сигналите кои ги испраќа Анкара не значат ништо добро.Брисел полека би морал за заземе јасен став и за почеток да ги прекине пристапните преговори со Турција“, пишува овој весник
„Кој сега го критикува недемократското однесување на претседателот на Турција, тој мора да говори и за грешките на владите во Берлин и во земјите од ЕУ“, читаме пак во весникот Франкфуртер Рундшау:
„Кој бара поостар став на ЕУ кон Ердоган поради тоа што тој го покрена конфликтот со Курдите,што дејствува против новинарите, што го отстрани премиерот Давутоглу и што тежи кон автократски претседателски систем, тој не смее да заборави и на тоа во каква слаба позиција самите си се доведоа Ангела Меркел и ЕУ. Станува збор за договорот за враќање на бегалците кој се склучен со Турција. Со други зборови: кој сега мисли сериозно да го критикува Ердоган, тој конечно мора да поведе и расправа за прекин на илузионистичката политика која ја водат Берлин и Брисел“, заклучува Франкфуртер Рундшау.