1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

СЈО не доби прошка од Мицкоски

11 март 2019

Работни групи ќе ги усогласуваат реформските закони. Опозицијата има забелешки за законското решение за СЈО. Според Мицкоски, Катица Јанева нема професионален кредибилитет за да добие опозициска поддршка

https://p.dw.com/p/3ElZG
Mazedonien Press Sonderstaatsanwaltschaft in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Корисна средба за релаксирање на политичките односи, но сеуште со отворени прашања. Ова е епилогот од синоќешната лидерска средба Заев-Мицкоски, која доби и посебна симболика бидејќи се одржа на празникот Велики поклади  - Прочка. Прошка од Мицкоски не доби СЈО. По средбата тој кристализираше две клучни теми на кои разговарале со премиерот Заев: обезбедување на услови за одржување на фер претседателски избори, и процесот на донесување реформските закони. Во вториот сегмент, најкрупната забелешка на опозицијата е насочена кон работата на Специјалното јавно обвинителство, поради што е неизвесна опозициската поддршка на предлог-законот за јавно обвинителство, со кој се уредува надлежноста на СЈО во рамките на редовното Обвинителство.

„Oвој специјален јавен обвинител го загуби комплетниот имиџ и професионален кредибилитет за да ја добие нашата поддршка во иднина, вклучително и нејзиниот тим. Легитимно се постави прашањето да го провериме работењето на оваа институција која што функционираше овие четири години. Тие луѓе потрошија милиони пари на граѓаните и на даночните обврзници. Имаме сериозни индиции дека не е работено по закон“, рече Мицкоски.

Трка со рокови

За лидерот на ВМРО-ДПМНЕ не е пресуден фактот што периодот за усогласување на законските решенија е краток, имајќи предвид дека Собранието ќе се распушти и потоа ќе нема можност за гласање на тој, и на други закони битни за одлуката за почнување преговори со ЕУ.

Führer der mazedonischen politischen Parteien
Фотографија: Press service of the Government of Republic of Macedonia

„Во животот тешко се снаоѓам со рокови и со ултиматуми. Ниту прифаќам, ниту ќе прифатам каков било ултиматум и рок. Можеше законот да ни биде доставен и пред распуштање на парламентот и ние ќе мораше да го усвоиме за да ги задоволиме страстите на поедини структури во општеството? Не. Или ќе направиме производ кој што ќе има супстанца, кој ќе им користи на сите граѓани и ќе биде заштитник на нивните права, или пак е подобро да немавме ваков хибрид како изминатите 4 години“, изјави Мицкоски.

Повеќе:

-Избегнат ли е свилен гајтан за обвинителите на СЈО?

-За СЈО решаваат тие што СЈО не ги „реши“

-„Бомбите“ на буниште, СЈО пред еутанaзија

 

Од друга страна, премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев, потсети дека за формирањето на СЈО во 2015 година гласале сите партии.

„Нашите ставови се јасни, ова Специјално јавно обвинителство треба да се вгради во јавно-обвинителскиот систем на Република Северна Македонија, каде што треба да му се даде шанса да продолжи на чело со Катица Јанева и целиот тим“, изјави Заев.

Но, тој ја потенцираше и важноста на роковите за донесување на законите пред почетокот на изборната кампања, посочувајќи дека членството во ЕУ е аспирација на сите партии. Изрази желба законското решение за СЈО да биде донесено со консензус.

„Ако нема консензус, како Влада ќе направиме се, во рамки на можностите, за да се постигне потребното мнозинство“, рече Заев.

Она за што Мицкоски и Заев се согласиле, е од денеска да бидат формирани работни тимови кои ќе работат на тој, но и на другите реформски закони. 

Mazedonien Katica Janeva neuer Generalbundesanwalt
Фотографија: DW/P. Stojanovski

За фер-избори

И додека е извесно дека во парламентот битката ќе се води за СЈО со стар или со сосема нов тим, на испит ќе бидат и потезите што ќе му претходат на изборниот процес, од чија регуларност исто така зависи напредокот на земјата кон ЕУ.

Каков што е сега почетокот, немам гаранција дека ќе биде процесот фер, коректен и демократски, но затоа ја имавме оваа средба, ги кажавме нашите забелешки, да да дадеме шанса Владата да се корегира во нејзиното однесување за да добиеме  фер, кредибилен и демократски процес. Укажавме на оние случувања што беа за време на референдумот - гласање за 2,4 секунди, и излезеност поголема од 95%. Дополнително потенциравме изборни места каде што имаме докази за неправилности за време на референдумското изјаснување, да не ни се повторат“, изјави Мицкоски.

Тој предупреди дека на претседателските избори има прв и втор круг, „така што многу нешта ќе зависат од Владата, бидејќи таа ги организира претседателските избори“.

„Ќе обезбедиме изборите да бидат кристално чисти“, изјави Заев, посочувајќи дека на тој план не треба се даде ниту еден аргумент на ЕУ, што би бил слабост во пресрет на добивањето датум за преговори во јуни.

Тој рече и дека „го отворил прашањето за процесот на помирување кој треба да продолжи“. Притоа најави дека по средбата со Мицкоски разговорите за реформските закони ќе продолжат и со сите други парламентарни партии. Но, уште пред да заврши средбата, на Фејсбук реагираше лидерот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села.

„Кога се потребни гласови на Албанците, средба со сите лидери на политичките партии. Кога станува збор за државата, состанок само со партнер за државата - Мицкоски. Затоа, НЕ заедничко општество за сите, туку држава за сите", напиша Села.