1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Бомбите“ на буниште, СЈО пред еутанaзија

31 јануари 2019

Мислењето на Врховниот суд предизвика многу компликации: Дали „Монструм“ ќе мора пак да се врати во ЈО, што со правосилната пресуда за Чингаровска во „Талир“ и други правни апсурди. Дали е СЈО пред политичка еутаназија?

https://p.dw.com/p/3CU3H
Mazedonien Press Sonderstaatsanwaltschaft in Skopje
Дали во историјата ќе замине надежта за правна завршница на капиталните предмети на СЈО, па дури и самото СЈО?Фотографија: DW/P. Stojanovski

Со правното мислење на Врховниот суд дека СЈО не може да покренува нови обвиненија по истекот на законскиот рок од 18 месеци, практично „бомбите“ како докази во постапките заминуваат во историјата. Во „правен сообраќај“ остануваат само обвиненијата што СЈО ги покрена до 30-ти јуни 2017 година. Сите други обвиненија поднесени по тој рок, дури и да ги преземе Јавното обвинителство, тоа нема да може да ги користи „бомбите“, бидејќи надлежност врз нив имаше само СЈО. 

Со тоа Врховниот суд ги испрати на буниште и „бомбите“ и сите нови обвиненија од СЈО, како и над дваесет нови предистражни постапки што ги води тимот на Катица Јанева. Правното мислење на Врховниот суд практично значи дека предметот „Монструм“ кој СЈО го презеде од ЈО, сега повторно би морал да се врати во ЈО. Одлуката на Врховниот суд имплицира дека неважечки стануваат сите нови обиненија на СЈО: за „Империја“ (против Мијалков, Камчев и десетина други), „Попис“ (за Груевски и Ахмети), „Пациент“ (за Бујар Османи како поранешен министер за здравство), „Моќник“ (за Антонио Милошоски), „Хармонија“ (за Никола Груевски, Миле Јанакиески и Стевчо Јакимовски), „Друмарина“ (за Силвана Бонева), „Рентген“ (за Никола Тодоров), „Актор“ и многу други. Меѓу нив е и „Талир“, капиталниот предмет за незаконско финансирање на ВМРО-ДПМНЕ и за незаконска изградба на партиското седиште, во кој се обвинети Никола Груевски, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Илија Димовски, Леко Ристоски и Елизабета Чингаровска. Токму случајот со Чингаровска покажува какви проблеми ќе предизвика мислењето на Врховниот суд. Таа веќе ја призна вината во случајот „Талир“ и се спогоди со СЈО. Судот на 21-ви декември ја осуди Чингаровска на двегодишна условна казна која нема да се изврши ако таа во наредните 5 години не стори ново кривично дело.

Mazedonien Land und Leute Gericht in Skopje Oberster Gerichtshof Eingang
Врховниот суд ги испрати на буниште и „бомбите“ и сите нови обвиненија од СЈОФотографија: Petr Stojanovski

„Според правното мислење на Врховниот суд обвинението за 'Талир' е неважечко, а во тој предмет веќе има прва правосилна пресуда за Чингаровска. Ако Судот го прифати како обврзувачи ставот на Врховниот суд, таа ќе биде во апсурдна ситуација. Да е апсурдот уште поголем, во таква ситуација токму СЈО кое го покренало обвинението против неа, би требало да достави Барање за заштита на законитоста, бидејќи не би било фер таа да биде осудена за обвинение кое подоцна станало неважечко“, објаснува поранешен судија.

Што ќе решат судовите?

Ваквите состојби ги зголемуваат шпекулациите дека СЈО е пред политичка еутаназија, односно дека ваков расплет им одговара на повеќе партии, имајќи предвид кои се клиентите на СЈО. Но, се шпекулира и дека одлуката на Врховен го вклучила црвениот аларм во меѓународни центри, кои очекуваат високи правни стандарди во Македонија, а кои се и клучни критериуми за нејзино интегрирање во ЕУ. Од тие причини, вниманието е вперено во днешниот прв тест за односот на Судот кон мислењето на Врховниот суд. Адвокатите на осомничените во предметот „Империја“ денеска експресно ќе поднесат барање за ослободување од притвор на Сашо Мијалков, Јордан Камчев и другите обвинети. Според правни експерти, и Судот по службена должност може да им ги укине притворите ако мислењето на Врховниот суд го прифати како облигаторно.

Ljubomir Joveski
Љубомир Јовески: Одлуката на Врховниот суд отскокнува од досегашната практикаФотографија: privat

Токму на ова прашање се кршат копјата во правосудството - едни сметаат дека мислењето на Врховниот суд е правно издржано, други дека излегол од неговите надлежности. Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески вели дека одлуката на Врховниот суд отскокнува од досегашната практика, бидејќи толкува нешто што треба да го прави Собранието. Запрашан дали Јавното обвинителство ќе ги преземе истрагите кои сега се загрозени во СЈО, тој рече дека „ако има потреба ќе разговараат со обвинителите од СЈО и ќе ги прифатат истрагите.“

Повеќе: 

Рекетот ги полнел чекмеџето и Белата палата на ВМРО-ДПМНЕ

Мијалков: Квадратурата на моќта и падот

Озлогласените

Под Дамоклов меч во Стразбур

Но, дури и да ги преземат предметите, во ЈО нема да можат да ги користат „бомбите“ како докази, а успехот во докажувањето на обвиненијата ќе зависи од тежината на други докази, надвор од корпусот на снимките од незаконското прислушување. Но, ова не единствениот спорен аспект. И на голем дел од „регуларните“ обвиненија кои ги поднесе СЈО и за кои веќе се водат или привршуваат судските процеси, им се заканува неизвесен епилог. Причина за тоа е амнестијата што за дел од обвинетите од СЈО ја даде претседателот Иванов. Иако подоцна ја повлече, тој чин не е верификуван со официјален акт дека таа амнестија била незаконска. Токму статусот на „еднаш помилувани лица“ веќе им помогна на двајца обвинети од СЈО и бегалци од правдата - Горан Грујевски и Никола Бошкоски, да избегнат нивна екстрадиција од Грција.

Други обвинети чекаат да завршат судските процеси во земјава и амнестиите од Иванов да ги ефектуираат преку жалба пред Судот во Стразбур. Ако не се докаже дека таа амнестија била незаконска, извесно е дека голем дел од предметите на СЈО ќе паднат пред Судот во Стразбур. А, ако се има предвид вчерашната одлука на Врховниот суд, сѐ поизвесно е дека покрај „бомбите“ и новите обвиненија на СЈО, во историјата ќе замине и надежта за правна завршница на капиталните предмети на СЈО, па дури и самото СЈО, без оглед дали и во каква форма тоа во иднина ќе продолжи да функционира.