Судбината бегалска е иста
20 јуни 2016Недалеку од центарот на Белград, неколку бараки од 90-тите години на минатиот век, сместени меѓу ромска населба и депонија за отпад, служат како сместувалиште за бегалци. Во овој „центар“, кој настанал како сместувалиште за прифаќање на протераните од остатоците од поранешна Југославија, сѐ уште живеат околу 100 Срби од Хрватска.
Слични судбини
Една од нив е 74-годишата Јела Вукса, која во последно време ги минува деновите набљудувајќи ги автобусите кои во сместувалиштето носат нови бегалци. „Во овој има многу деца. Се надевам дека ќе ги сместат во некоја од подобрите бараки“, вели Јела додека ги следи со поглед новодојденците од тремот на својата барака. Во прифатниот центар Крњача, како што службено се вика овој збир бараки, од минатото лето бегалците од 90-тите делат судбина со новите од Блискиот и Средниот Исток. На баба Јела тие не ѝ пречат, зашто и самата минала низ истото и знае како се чувствуваат. Секој кој е присилен да го напушти својот дом има тежок живот. Ние сме во слична ситуација и ги разбирам зашто знам како се чувствуваат. Децата се мали, тие не сфаќаат што се случува и брзо ќе заборават сѐ“, вели таа. И, се потсетува на својата судбина, кога во 1995 година дошла во Крњача и кога со денови не престанувала да плаче. Била присилена да го напушти својот дом во Загреб, вели, и очајнички гледала како синот ѝ умира од гангрена која ја добил откако граната му разнесла дел од ногата.
Бегалци доаѓаат и натаму
Во Крњача пристигнала со другиот син, ќерката и сопругот, кој не го поднесол добро животот во новата средина. „Почина од срцев удар во 2000 година. Не можеше да поднесе семејството да му живее во такви услови. Му беше срам и тоа му го наруши здравјето“, вели Јела. Истите работи таа ги забележува и кај сириските бегалци. „Ниту еден родител не сака да гледа како децата му раснат во вакви услови“, вели таа. Денес таа добива помош од децата и внуците, ѝ носат што ѝ е потребно и постојано прашуваат зошто не сака да се пресели во старечки дом. Не сака, зашто се навикнала во Крњача. И, не е осамена. Како што вели координаторот за сместување Милутин Лучиќ, српската влада се обидела да ги преразмести долготрајните жители на Крњача, но многумина одбиваа. „Ако се преселат, самите ќе мора да плаќаат сметки“, вели Лучиќ, кревајќи ги рамената. А, место во сместувалиштето има сѐ помалку. Зашто, и покрај договорот меѓу Турција и ЕУ за прифаќање бегалци, дневно од Македонија и Бугарија во Србија пристигнуваат околу 200 мигранти.
Подобро им е да заминат на север
„Ние сме нешто меѓу прифатен и транзитен центар“, вели Лучиќ. Зашто, помалку од еден процент од новодојдените бегалци побарале азил во Србија. Кај некои староседелци во кампот обновувањето на некои бараки за новите бегалци предизвика љубомора. Но, нема основа за тоа, нагласува Лучиќ. „Тоа се само козметички зафати на бараките однадвор. Внатре сѐ останува по старо.“ Но, нетрпението кон новодојденците се сведува на неколку изолирани случаи. Староседелците само жалат што тогаш не постапиле како бегалците денес. „Барем да побегнев на север, во Гeрманија или Австрија“, вели 55-годишниот Илија Гашпар. И Слободанка Бабиќ, која во бегалскиот камп нуди реики-терапија се согласува со Илија. „Овде не ги чека ништо. Тие треба да одат натаму. Србија не е место за нив.“ Баба Јела од својот трем трезвено порачува: „На секое човечко суштество му е потребен покрив над главата.“