Средбата Грабaр-Китаровиќ-Вучиќ е чекор кон подобра иднина?
20 јуни 2016Не е објаснето зошто состанокот не е организиран на премиерско ниво и каде во сето тоа е хрватскиот технички премиер Тихомир Орешковиќ. Дотолку почудно е што овојпат претседателката и премиерот на двете земји ќе потпишат и документ - Декларација за унапредување на односите и решевањето на отворените прашања меѓу Србија и Хрватска.
Српскиот премиер Александар Вучиќ се вбројува во несаканите политички фигури од соседството, најмногу заради поранешната улога на Српската радикална партија на Шешељ и дејствувањето на окупираната хрватска територија за време на војната од 90-тите. Денес, како што изјави за хрватската телевизија, не е сосема сигурен дека она што тогаш го зборувал таму било исправно, но, како што вели, бил со својот народ. Како знак на добра волја тој најавува и можност за отворање на прашањето на застапеноста на Хрватите (и останатите малцинства) во српскиот парламент.
Ниту хрватската претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ, која на таа должност беше лансирана од ХДЗ, не е омилена во Србија. Изборите ги доби врз основа на будењето на националниот занес, кој, како што сметаат многумина, ја преминал границата на добро политчко дејствување. Таа, во возвратниот разговор за српската телевизија, потврди дека е подготвена за решавање на проблемите на ниво на меѓународни судски тела, како дел од нормалната пракса на бројни пријателски земји. Впечатливо е што на новинарското прашање за „порастот на усташтвото, првенствено низ изјавите на министерот за култура Златко Хасанбеговиќ (ХДЗ) и одењето на хрватски функционери во Блајбург“ каде што се одбележува т.н. Пат на солзите (така се нарекува страдањето на припадниците на поразените сили на НДХ и избеганите хрватски цивили по испораката на Југословенската армија кај Блајбург, на 15 мај 1945 година, н.з.), Грабар-Китаровиќ не застана во одбрана на министерот, туку порача дека се работи за изолирани случаи, а не за државна политика. Хрватската претседателка тврди и дека денешниот состанок не е организиран под притисок на меѓународната заедница.
Косор: Носењето на Вучиќ е непромислено
Поранешната хрватска премиерка и екс-шефица на ХДЗ Јадранка Косор во разговор за ДВ оценува: „Во овој момент, кога не е решено ниту едно отворено прашање меѓу Србија и Хрватска, кога на маса, од за мене неразбирливи причини, не се ставаат најважните прашања, најчувствителните, а тоа е прашањето на исчезнатите, кога на ниту еден начин не е допрено прашањето на границите и тоа токму затоа што Србија преговара со ЕУ, кога воопшто до крај не е решено проблематичното прашање во поглавјето 23, за таков состанок во таква ситуација не постојат доволно причини, освен вистинска поддршка на Србија на нејзиниот европски пат, за што ние одамна се определивме.“
Косор, сепак, додава дека Загреб доследно ќе инсистира на исполнување на критериумите:
„Сето тоа покажува апсолутно лутање на надворешната политика чиј ко-креатор е Колинда Грабар-Китаровиќ, зашто сетете се дека во кампањата велеше 'не веќе регион', а таа исклучиво се занимава со регионот. Необично е што претседателката му е домаќинка на премиерот, но најважната работа во симболична смисла, според мене, е носењето на Вучиќ, кој не мрдна со прст кога Шешељ на денот на падот на Вуковар зборуваше дека Вуковар е и натаму српски град и дека повторно ќе дојде таму. Вучиќ како премиер не рагираше на ниту еден начин. И сега, да се носи во Вуковар токму во неделата во која го славиме Денот на државноста, и тоа токму него, кој произлезе од под шинелот на Шешељ, според мене не е доволно промислена одлука.“
Шкаре-Ожболт: Изборни кампањи се едно, а реалноста друго
Но, поранешната министерка за правда, исто така членка на ХДЗ, Весна Шкаре-Ожболт, во денешната средба навистина гледа почеток на некаква подобра иднина на Хрватска и Србија. Според нејзе, односитѕ на двете земји и во изминатите години стагнирале и имале „лош вкус“, па време е за промени. „Сите се окупирани со паѓањето на владата, па помалку внимание се посветува на тоа. Но, секоја иницијатива која оди во насока на конструктивен договор и натамошен развој е - добра. Тоа лично го поддржувам. Секогаш треба да се разговара, да се стреми кон подобро, но и да с е изнесуваат оние работи кои пречат. Хрватска ги изнесе во изминатиот период и тие односи беа затегнати поради тоа. На некој начин тоа прилично се поправи и сега може да се оди натаму.“
Но, дали Грабар-Китаровиќ е таа која искрено сака вртење на страницата? Токму таа и технички владеачката ХДЗ тврдеа дека сакаат да ја тргнат Хрватска од регионот, а претседателката се посвети на проектирање и нагласено промовирање на т.н. вертикала Јадран-Балтик. „Не би го поврзувала тоа со дистанцирање. Хрватска и Србија се ссесдни земји кои во минатото имаа многу лоши односи, се случуваа работи кои Европа не ги памети од Втората светска војна. Меѓутоа, светот и животот мора д а одат натаму. Нормализација на тие односи значи и нормализација на целото ова подрачје, а тоа треба да се има на ум. Реториката во изборните кампањи на двете држави е едно, но кога ќе се дојде на власт се согледуваат реалностите и се презема одговорност за водење на државата. На тој начин се презема и одговорност за натамошен развој. Односите мора да продолжат натаму“, вели Шкаре-Ожболт и ги набројува проблемите кои ги оптоваруваат односите - од исчезнатите лица во војната, преку границата на Дунав, до враќање на хрватското културно богатство. Тоа се работи кои досега не успеа да ги реши ниту оформената меѓудржавна комисија. „Морате да разговарате, зашто тие проблеми нема да се решат сами од себе. Оние кои заговараат заладување на односите, воопшто не размислуваат за тоа дека проблемите треба да се решат. Тие се коцнентрирани на создавање нови проблеми.“