1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што Брисел сега бара од Србија?

Немања Рујевиќ/сн11 јуни 2016

Соседите бараат подобра заштита на малцинствата во Србија, додека Германија најавува дека нови преговарачки поглавја ќе се отворат кога ќе напредува дијалогот со Косово.Ова произлегува од документ кој на увид го има ДВ.

https://p.dw.com/p/1J4rx
Фотографија: dapd

Долго се чинеше невозможно дека Србија уште до крајот на јуни ќе ги отвори преговарачките поглавја 23 и 24 во процесот за пристапување кон ЕУ. Меѓутоа, тоа стана можно откога Хрватска пред десетина дена даде зелено светло за отворање на поглавјето 23. Сепак, во Брисел зад затворени врати и понатаму се водат жестоки дебати за тоа каква треба да биде заедничката преговарачка позиција кон Белград. Како што дознава ДВ, различни помали или поголеми барања имаат соседите Романија, Бугарија и Унгарија, но и Германија и Финска.

Напредок со Приштина па поглавја

За време на состанокот на работната група во Европскиот совет која е задолжена за прашањата за проширување, претставниците од Германија предходната недела останаа на позиција дека преговарачките поглавја можат да се отворат само доколку дојде до понатамошен чекор напред во нормализирање на односите со Косово. Тоа не важи за веќе отворените поглавја 35 (односите со Косово), 32 (финансиска контрола) како ни за 23 и 24 (правосудство, слобода, безбедност, човекови права) кои би требало да бидат отворени наскоро.

Меѓутоа, отворање на останатите поглавја Германија ќе поддржи дури „ако има напредок во затворањето на останатите дупки при примена на Договорот за нормализирање од април 2013. година“. Берлин бара Белград и Приштина да продолжат со техинички дијалог, но и разговори на високите политички претставници кога ќе се формира српската влада. Тоа произлегува од еден доверлив документ од германското Министерство за надворешни работи, во кој ДВ има увид.

Берлин инсистира европската преговарачка позиција да се прошири и така да се променат и „загрижувачките“ гласови за време на српската предизборна кампања. Според ставот на германските дипломати, за време на дебатата пречесто се истакнувале „националните интереси на Србија на Косово и во Република Српска“ наместо „амбиција за пристап кон ЕУ“. Во документот не се наведува поточно за чии изјави се мисли.

Symbolbild EU Kroatien Serbien Flagge
Фотографија: DW

Соседите прашуваат за малцинствата

Во работната група задолжена за проширување седат претставници од Европската комисија и сите членки. Од протоколот се гледа дека хрватскиот претставник веќе нема посебни забелешки, но затоа претставниците на Унгарија, Романија и Бугарија го назначија значењето на мониторинг и побараа Брисел да проверува дали Србија ќе се држи до зададените рокови за исполнување на акциониот план. Ставот на Романија е дека Брисел од Србија треба појасно да побара овозможување верски служби на јазикот на малцинствата.

Неодамна шефицата на преговарачкиот тим од Србија, Тања Мишчевиќ, рече оти е свесна за можноста од нови забелешки врз основа на билатерални теми. „На почетокот на процесот направивме преглед на потенцијални билатерални прашања со сите држави, не само со соседите, и за тоа се води голема сметка“, рече таа.

Сепак, изгледа дека во оваа фаза нема да има посебни затегања ни блокади. Бидејќи ставот на Европската комисија за романското барање е дека акциониот план на Србија за заштита на малцинствата е доволен, оти не треба да се бара повеќе бидејќи се исполнети стандардите на Рамковниот договор за заштита на националните малцинства во Советот на Европа. Тој документ е донесен во 1995. година, а Србија го потпиша во 2001. година. На забелешката дека строго треба да се контролира темпото со кое Белград ќе го исполнува она што е зацртано во акциониот план за поглавјата 23 и 24, во Европската комисија повторуваат дека „квалитетот е поважен од брзината“.

Од документите кои ги има на увид ДВ произлегува оти посебно претставникот од Финска го нагласил значењето на незвисно правосудство, соодветно траење на процесот, подобрување на образованието за судии и обвинители, спроведување на акциониот план за борба против корупција и подобрување на законот за заштита на податоци. Хелсинки не побарал во заедничката преговарачка позиција сега да се воведуваат нови елементи, но оти е јасно дека за време на преговорите ќе инсистира на наведените теми.