1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Северна Кореја подготвува нов ракетен тест?

ЖА
4 септември 2017

Министерството за одбрана на Јужна Кореја јавува за знаци кои најавуваат испалување нови балистички ракети од страна на Северна Кореја. САД се закануваат со масивен воен одговор, Кина и Русија повикуваат на воздржаност.

https://p.dw.com/p/2jJ2t
Erdbeben erschüttert Nordkorea - Neuer Atomversuch befürchtet
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/Ahn Young-Joon

Може да се очекува комунистичкото раководство во Пјонгјанг да нареди испалување на нови балистички ракети, како и повторно тестирање на интерконтинентална ракета, изјави соработник на Министерството за одбрана од Сеул утрово на седница на парламентарната Комисија за одбранбени прашања.

Северна Кореја вчера го изврши својот шести и досега најголем нуклеарен тест и со тоа значително го ескалира конфликтот со меѓународната заедница. Била тестирана хидрогенска бомба, како што јави официјален Пјонгјанг, која е повеќекратно посилна од атомските бомби. Според кинески наводи, експлозијата предизвикала земјотрес со јачина од 6,3 степени.

Јужнокорејското министерство за одбрана денеска најави привремено стационирање на американскиот ракетен одбранбен систем ТХААД и на провокацијата од северниот сосед одговори со воена вежба во чии рамки изврши испалување своја ракета.

Претседателот на САД Доналд Трамп претходно упати закани до раководството во Пјонгјанг дека во краен случај, своите сојузници ќе ги бранат и со атомско оружје. На барање на САД, Јапонија и Јужна Кореја за најновата провокација од Северна Кореја денеска ќе расправа и Советот за безбедноност на ОН, вторпат во една недела. Прашање е дали ќе биде одлучено натамошно заострување на економските санкции против Пјонгјанг.

Со оглед на растечките тензии поради севернокорејската нуклеарна програма, Русија и Кина повикаа на воздржаност. Секој непромислен чекор може да води до експлозија, предупреди рускиот заменик-министер за надворешни работи Сергеј Рјабков денеска. „Посилниот и попаметниот“ мора да демонстрира воздржаност, изјави тој, алудирајќи на американските закани со масивен воен напад во случај Северна Кореја да им се закануваат на САД и нивните сојузници. Тој е убеден дека одговорот на најновите ракетни тестови не може да биде воведување нови санкции, иако не ја исклучи ни таа можност.

Сличен е ставот и на кинеското Министерство за надворешни работи, кое препорачува „симнување на температурата“, а не натамошно разгорување на конфликтот. На Северна Кореја ѝ било пренесено длабокото незадоволство на Пекинг поради најновиот ракетен тест.