1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Советот за безбедност едногласно против Северна Кореја

ЕМФ /агенции
30 август 2017

Советот за безбедност на ОН ја осуди Северна Кореја поради лансирањето ракета која ја прелета Јапонија. СБ бара од земјата да се држи до резолуциите на ОН и да ја запре ракетната програма.

https://p.dw.com/p/2j3xT
USA UN-Sicherheitsrat in New York - Sondersitzung zu den Rakektentests in Nordkorea
Фотографија: Reuters/A. Kelly

Итната седница на Советот за безбедност на ОН траеше три часа. Резултат е едногласната осуда на ракетниот тест на Северна Кореја. Членките на Советот го повикаа Пјонгјанг да запре со тестовите и во согласност со резолуциите на ОН да ја запре својата атомска програма. Најновите ракетни тестови на севернокорејската армија „намерно ги поткопуваат регионалниот мир и стабилност и предизвикаа големи безбедносни дилеми ширум светот“, се вели во изјавата на највисокото тело на ОН.

„Советот за безбедност нагласува дека дејствата на Северна Кореја се не само закана за регионот, туку и за сите членки на ОН“, стои во изјавата, во која нема ниту збор за евентуални нови санкции, но затоа се бара стриктно спроведување на веќе постоечките. СБ сака да најде мирно, дипломатско и политичко решение за конфликтот со Северна Кореја.

Nordkorea Kim Jong-Un
Ким Јонг Ун го надгледувал тестотФотографија: Getty Images/AFP/STR

Ким Јонг Ун е задоволен

Претходно, Пјонгјанг потврди дека е испалена ракета со среден дострел која целно прелетала преку Јапонија и завршила во Пацификот. Државната агенција КЦНА денеска јави дека претседателот Ким Јонг Ун го надгледувал лансирањето на ракетата и оти е задоволен со тестот. Ова е првпат Пјонгјанг да признае ваква постапка. Кога во 1998 и 2007 година прелетаа ракети преку Јапонија, Северна Кореја тоа го опиша како дел од вселенската програма. Во соопштението кое денеска го објави КЦНА се вели дека 29 август бил избран намерно за да се потсети на 109-годишнината од јапонско-корејскиот договор од 1910 година, врз чија основа Јапонија го колонизирала Корејскиот Полуостров.

Американскиот претседател Доналд Трамп го осуди тестот и нагласи дека „сите опции се на маса“. Кинеското Министерство за надворешни работи предупреди дека конфликтот на Корејскиот Полуостров ја има достигнато „критичната точка“.