Избори во Русија: Опозицијата е исклучена
17 септември 2021Зошто на еден продавач на волна би му било потребно паметно гласање - „Votesmart“? Суд во Москва на почетокот на септември им забрани на американскиот концерн Гугл и неговиот руски пандан Јандекс при пребарувањето да го поврзуваат со линк поимот „паметно гласање“ (Umnoje golosowanije). Во позадината на случајот стои тужбата на трговец со волна од јужна Русија кој го патентирал поимот. На опозицијата во Русија ѝ стануваше сѐ потешко да ги мобилизира своите избирачи за тридневните парламентарни и регионални избори во земјата кои почнуваат денеска.
Приврзаниците на Навални се борат за оние кои гласаат од протест
„Votesmart“ е проект на затворениот опозициски политичар Алексеј Навални. За да се ослабне Кремљ-партијата „Единствена Русија“, избирачите кои гласаат од протрест беа повикани да го дадат својот глас за други партии и нивните директни кандидати. Веб-страницата беше пуштена на 15 септрември, но веднаш беше затворена од страна на руските телекомуникациски власти. Создавачите на веб-страницата, меѓутоа, тврдат дека апликацијата ќе функционира и натаму.
Во текот на изминатите години Навални оствари успеси со „Votesmart“, како на пример на изборите за московскиот градски совет во 2019 година. Опозициските кандидати тогаш добија речиси половина од директните мандати. И првиот човек на партијата на Кремљ во Москва загуби од еден комунист.
Опозицијата да се држи настрана
На опозициските кандидати им било отсекогаш тешко на изборите во Русија, но овојпат притисокот е особено голем. Кога Навални беше ставен зад решетки, неговата „Фондација против корупција“ (ФБК) беше означена како екстремистичка и беше уништена. Така неговите приврзаници беа исклучени од учество на изборите, дел од неговите соборци живеат во егзил. „На Навални во Кремљ се гледа како на реална опасност“, вели рускиот опозициски политичар Владимир Милов за ДВ, „затоа што тој има способност да ги мобилизира граѓаните преку интернет“.
Повеќе: Меркел: Од Путин побарав ослободување на Навални
Малкуте познати опозициски политичари не добиваат воопшто дозвола за избори или се приморани да заминат во странство. Некои од нив дури мора да се борат со „двојници“, како на пример Борис Вишневски од леволибералната партија „Јаблоко“. Долгогодишниот пратеник во градскиот совет во Санкт Петербург за својот реизбор се соочува со уште двајца кандидати со исто име. Дозвола да настапат на изборите не добија голем број непознати опозиционери. Виталиј Аверин од руското движење за набљудување на изборите „Голос“ (во превод - глас) зборува за „илјадници“ опозиционери без дозвола да излезат на избори. Затоа изборите се „нефер“, вели Аверина за ДВ.
Со Шојгу и Лавров против слабиот рејтинг
Односот на силите во Думата најверојатно ќе остане непроменет. Се очекува „Единствена Русија“ да остане најсилна. Од останатите 14 партии кои се во трка за парламентот, за сигурен се смета влезот и на Комунистите, деснопопулистичката ЛДПР и левонационалната „Праведна Русија - за вистината“, сите партии кои и досега имаа свои пратеници во Думата.
Сепак, можно е да дојде до поголеми поместувања. Додека Комунистите во анкетите имаат околу 20% поддршка, Путиновата владејачка партија е со историски најнизок рејтинг. Дури и државниот институт за истражување на јавното мислење ВЗИОМ во меѓувреме објавуваше дека „Единствена Русија“ е падната на под 30% доверба. Непосредно пред изборите, меѓутоа, тој рејтинг е повторно околу 42%, смета ВЗИОМ. Но, дури и тоа значи пад од повеќе од 10% во споредба со 2016 година.
Повеќе: Русија: Партијата на Кремљ се ниша
На незадоволството на избирачите владеачката партија реагираше со нов двоец на врвот. „Единствена Русија“ првпат настапува со популарниот министер за одбрана Сергеј Шојгу и министерот за надворешни работи Сергеј Лавров, а не како досега со лидерот на партијата и поранешен премиер Дмитриј Медведев.
Партијата смета на дополнителни гласови од источна Украина. Според наводи на Москва, околу 600.000 граѓани во самопрогласените проруски сепаратистички републики добиле руски пасоши. Тие може да одат во соседните региони и да гласаат, а својот глас може да го дадат и онлајн. На неколку недели пред изборите, беа дадени и еднократни исплати за пензионерите и т.н. „силовики“, односно припадници на армијата и безбедносните власти. Опозицијата зборува за поткуп на потенцијални гласачи.
Критичките медиуми - под притисок
Гласањето од протест во Русија се зголеми во последните години, пред сѐ поради порастот на животните трошоци. Колку е навистина зголемен бројот на вакви избирачи, останува нејасно. Независниот институт за истражување на јавното мислење „Центар Левада“ смее да ги објави своите истражувања дури по изборите, поради тоа што е категоризиран како „странски агент“. Ваквата категоризација, која многу од погодените ја отфрлаат како клевета, на неколку месеци пред изборите погоди и два водечки онлајн-медиуми кои се критички настроени кон Кремљ: интернет весникот „Медуза“ и телевизијата „Дожд“. Многу е зголемена и интернет цензурата. На пример, извештај на „Дожд“ беше блокиран на Јутјуб поради тоа што таму во предизборна дискусија беше побарано ослободување на Навални. Во дел од руските медиуми се поставува прашање дали тоа земјата оди во насока на Кина, каде интернет-забраните се секојдневие.
Повеќе: Русија: Секој може да стане „странски агент“
Претседателката на Централната изборна комисија, Ела Памфилова, уверува дека медиумите означени како „странски агенти“ нема да бидат спречувани во нивното известување. Но, нема да има инстанца која ќе ги документира прекршувањата. На изборите, првпат од 1993 година, нема да има набљудувачи на ОБСЕ. Русија сакаше да покани само 60 набљудувачи поради пандемијата, додека ОБСЕ сакаше да испрати 500 набљудувачи, па на крајот се одлучи против мисија во Русија. Од Европа изборите во најголемата земја на светот ќе ги набљудуваат само претставници на Парламентарното собрание на Советот на Европа - вкупно 5 лица.