1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Русија: Партијата на Кремљ се ниша

Роман Гончаренко
10 септември 2019

На локалните избори во Русија се покажа пад на популарноста на партијата на Кремљ. Од „паметното гласање“, кое го препорача опозицискиот лидер Алексеј Навални, профитираа првенствено комунистите.

https://p.dw.com/p/3PKl5
Russland Kommunal- und Regionalwahlen in Moskau l Wahllokal
Фотографија: AFP/O. Maltseva

Локалните избори во Русија на кои во неделата беа избирани гувернери, градоначалници и градски советници, почнувајќи од Калининград па до Владивосток, веќе со месеци беа предмет на посебно внимание. Првенствено во Москва постоеше невообичаено силно протестно движење пред изборите, на кои обично не им се обраќа големо внимание. 

Повод беше што повеќемина опозициски политичари не добија дозвола за кандидирање.Меѓу нив имаше и луѓе од блиското опкружување на опизицискиот политичар Алексеј Навални. Како причина беа наведувани формални пропусти. Самиот Навални ги повика своите приврзеници да „гласаат паметно“, односно за секој кандидат кој има шанса да биде избран, освен за кандидатите на партијата Единствена Русија.

Силна опозиција во градското собрание на Москва

Привремените резултати од изборите покажуваат дека тактиката делумно успеа. Единствена Русија претрпе големи загуби, нејзиниот московски шеф Андреј Метелски загуби во борбата за директен мандат од еден комунист. И покрај тоа, Единствена Русија со преку 20 мандати остана најсилна во градското собрание.

Речиси половина од мандатите, 20 од вкупно 45, им припадна на опозициони партии. За волја на вистината, комунистите во Русија само формално се сметаат за опозиција, а често го поддржуваат Кремљ. Слично е и со левичарската партија Праведна Русија, која овојпат во московското собрание ќе има три мандати.

Исто толку мандати доби и либералната партија Јаблоко. На четврто место е независната кандидатка Дарија Беседина, која ја поддржува Јаблоко. „Московјани секако сакаа да видат поинаков градски парламент“, изјави Беседина во разговор со Дојче веле околу резултатите од изборите. Притоа, таа мисли дека изборните резултати ќе беа уште поповолни за опозицијата ако беше дозволено пријавување на сите нејзини кандидати.

Нема втор круг избори меѓу кандидатите за гувернери

Сепак, резултатите од изборите во Москва не се големо изненадување. Единствена Русија веќе со години губи симпатизери во целата земја, посебно во главниот град. Поради тоа, нејзините политичари настапуваа како независни кандидати. Но, тоа не ѝ помогна на партијата на Кремљ. Премиерот Дмитри Медведев во понеделникот изјави дека би требало да се размисли за таа пракса, и можеби треба таа да се промени. Излезноста во Москва, со 21 процент, беше на многу ниско ниво.

Russland Moskau Nawalny bei Kommunal- und Regionalwahlen
Алексеј Навални со ќерката Дарја на гласачко место во МоскваФотографија: Imago Images/TASS/S. Bobylev

И во други делови од Русија сликата беше слична. Партијата на Кремљ се ниша, но сепак стои. Од нејзините слабости профитираа комунистите и десните популисти од Либерално-демократската партија ЛДПР, која исто така се смета за „системска опозиција“. Така во регионот на Хабаровск на пацифичкиот брег победи кандидат на ЛДПР, а на второ место е комунист. За Единствена Русија се кандидираше пејачка на шансони верна на Путини освои трето место.

На гувернерските избори Кремљ не потфрли: нема да има втор круг избори. Изгледаше дека до тоа ќе дојде во Санкт Петербург, но најизгледниот кандидат на комунистите, познатиот филмски режисер Владимир Бортко, се откажа од кандидатурата, жалејќи се на нееднакви услови. 

Во 2018 година, владејачките гувернери во четири региони во Русија не успеаја да победат во првиот круг. Овојпат власта направи сѐ за Единствена Русија да ги задржи позициите, изјави за Дојче веле Дмитриј Шурављов, директор на московскиот Институт за регионални проблеми. „Во текот на подготовките за изборите, се водеше сметка за искуствата од 2018 година, кога Единствена Русија забележа и еден неочекуван пораз“, дополнува Алексеј Титков, доцент на московската Висока школа за економија. „Последица беше што на силните опозициски кандидати не им беше дозволено да се кандидираат.“

Тактичко гласање и на изборите за Думата во 2021 година?

И опозицијата и експертите му признаваат на Навални дека успехот на опозициските сили во Москва е последица на неговата тактика. „Мислам дека ‘паметното гласање' беше успешно. И властодршците ја потценија ефиканоста на тој инструмент“, изјави во разговор со Дојче веле Андраш Рас од Германското друштво за надворешна политика.

Некои набљудувачи во Русија укажуваат дека последица на таквото гласање е успех на комунистите. Нејасно е каков ќе биде нивниот однос кон тоа. Останува да се види дали тактичкото гласање има смисла и на изборите за Думата во 2021 година. Дмитриј Шурављов смета дека успешни протестни избори во Русија се можни само кога станува збор за социјални теми.