Пјонгјанг повторно се закани со атомски напад
22 август 2016Поради почетокот на годишните заеднички воени маневри на американските воени сили со Јужна Кореја, Северна Кореја го заостри тонот и се закани со превентивен атомски напад. Народната армија на Северна Кореја ги обвини САД и Јужна Кореја дека подготвуваат нуклеарна војна на Корејскиот полуостров. Доколку има најмали предзнаци за аgресија, Северна Кореја „со превентивен напад во корејски стил центарот на провокацијата ќе го претвори во куп пепел“, го цитираа севернокорејските медиуми, портпаролот на Армијата.
Воените маневри треба да ја одржат стабилноста на Корејскиот полуостров
САД и Јужна Кореја ги негираат вообичаените обвинување на Северна Кореја дека подготвуваат напад врз оваа земја, која е меѓународно изолирана поради нејзината спорна атомска програма. Северна Кореја како и досега била информирана за маневрите, соопштија американските сили во Кореја. Целта на 12-дневните маневри наречени "Ulchi Freedom Guardian" е да се подобри борбената готовност на сојузниците за заштита на регионот и за одржување на стабилноста на Корејскиот полуостров. Од американска страна на маневрите учествуваат 25 илјади војници, додека пак од јужнокорејска 50 илјади војници.
Во фокусот на маневрите вообичаено се компјутерски симулации на војна на Корејскиот полуостров. Состојбата во регионот е многу тензична по последниот атомски тест во јануари и спорните рекетни тестови на Северна Кореја.
Пребеганиот дипломат донесе уште поголеми тензии
Во изминатата недела висок северонокорејски дипломат пребега во Сеул. Заменикот амбасадор на Северна Кореја во Лондон, Тае Јонг Хо, пребегал заедно со сопругата и синот, соопшти Министерството за повторно обединување во Сеул. Семејството се наоѓа под заштита на владата во јужнокорејскиот главен град.
Северна Кореја пребеганиот дипломат го нарече криминалец, затоа што ја одбил наредбата да се врати во земјата на распит. Без да му го спомене името, Пјонгјанг поранешниот дипломат во амбасадата во Лондон го обвини за „ проневера на големи суми државни пари, издавање на државни тајни и силување на малолетник“.