Сомнежи во севернокорејскиот хидрогенски тест
6 јануари 2016Северна Кореја соопшти дека извршила тест на моќна хидрогенска бомба, чекор кој, доколку се потврди за точен, ќе претставува голем скок во обидите на Пјонгјанг да го засили својот, засега, ограничен нуклеарен потенцијал.
Сепак, јужнокорејската разузнавачка агенција и надворешни нуклеарни експерти искажаа сериозни сомнежи во официјалната верзија, оценувајќи дека силината на експлозијата била далеку помала дури и од онаа која ја предизвикува неуспешна детонација на хидрогенска бомба.
Сомнежите сепак не ги спречија славјето и гордоста во Пјонгјанг. Модераторот на севернокорејската телевизија читајќи ја типичната пропагандна изјава, рече дека тестот на „минијатурната“ хидрогенска бомба бил „перфектен успех“ со кој се подигнала „нуклеарната моќ на земјата на ново ниво“.
Голема група луѓе славеа пред главната железничка станица во Пјонгјанг додека објавата беше пренесувана на голем видео-екран.
Загриженост на југот
Во Сеул во исто време владее голема загриженост. Јужнокорејскиот претседател Парк Геун-хие нареди подигнување на борбената готовност на армијата и го нарече тестот „тешка провокација“ и „акт кој е закана за нашите животи и нашата иднина“. Јапонскиот премиер Шинзо Абе оцени: „Ние ова не смееме да го дозволиме“.
Вашингтон и нуклеарните експерти беа скептични и во минатото кога Северна Кореја тврдеше дека тестирала хидрогенски бомби, кои се далеку посилни но и потешки за производство од атомската бомба. Доколку се потврди тестот, тоа дополнително ќе ги влоши и онака очајните односи меѓу Пјонгјанг и неговите соседи, а веројатно ќе доведе и до засилени санкции од Советот за безбедност на ОН. Седница на Советот е веќе закажана.
Јужнокорејскиот парламентарец Ли Чеол Ву изјави дека според информациите кои ги добил од домашната разузнавачка агенција, Северна Кореја веројатно не извела тест на хидрогенска бомба, имајќи ја предвид малата јачина на сеизмичкиот бран кој таа вообичаено го произведува. Синоќешниот тест имал силина од 6 килотони и предизвикал земјотрес со магнитуда од 4,9.
„САД нема да не‘ нападнат!“
Тоа сепак не го спречи славјето во Пјонгјанг каде објавата беше дочекана со изразена националистичка гордост. Ким Сок Чол, 32-годишен, за АП изјави дека не знае многу за хидрогенските бомби но додава: „Сега откако ја имаме, САД нема да не‘ нападнат“. Универзитетскиот студент Ри Сол Јонг вели: „Доколку немавме моќни нуклеарни орудија досега ќе станевме робови на САД“.
Претходниот нуклеарен тест Северна Кореја го одржа на почетокот на 2013 година, но Ким Јонг Ун не го спомена нуклеарното оружје во неговото редовно новогодишно обраќање. Некои аналитичари тогаш оценија дека Ким бил загрижен поради влошените односи со Кина, последниот голем сојузник на неговата земја, која во неколку наврати искажа фрустрираност поради провокациите од Северот.
Колку е навистина голема заканата од севернокорејската нуклеарна програма останува мистерија. Се смета дека земјата има повеќе застарени нуклеарни бомби, но веќе со децении се обидува да усоврши повеќенаменски проектил со голем дострел кој би можел да погоди цели на територијата на САД.
Нуклеарните тестови и‘ се потребни на Северна Кореја од практични воени и политички причини. За да изгради кредибилна нуклеарна програма, Северот мора да врши тестови на нови бомби, за нејзините научници да ги подобрат дизајнот и технологијата. Нуклеарните боеви глави потоа можат да бидат користени за заплашување, за дипломатски преговори и особено против САД од кои Пјонгјанг со децении бара повлекување на трупите од Корејскиот Полуостров и потпишување на мировен договор со кој формално ќе заврши Корејската војна.