1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нуланд во Скопје ќе ја дочекаат ланските проблеми и дилеми

Катерина Блажевска11 јули 2016

Викторија Нуланд доаѓа три дена по посетата на германскиот специјален пратеник, и исто како Хајндл, ќе се соочи со отсуство на домашни резултати и напори за излез од кризата.

https://p.dw.com/p/1JMHV
Фотографија: picture-alliance/dpa

Викторија Нуланд, помошник државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања во Стејт департментот, денеска (11 јули) е во кратка посета на Македонија. Агендата на средбите е густа, но нејзиниот престој нема да биде подолг од неколку часа, по што е најавено дека во 13 часот ќе даде изјава за медиумите.

Како што соопштија од амбасадата на САД во Скопје, „Нуланд ќе оствари средби со претставници на Владата, функционери на политички партии и претставници на граѓанското општество, при што ќе разговара за билатерални и регионални прашања, вклучувајќи ја и потребата за решавање на тековната политичка криза, поддршката за работата на Канцеларијата на Специјалниот јавен обвинител и создавањето на услови за кредибилни избори“.

Таа доаѓа три дена по посетата на германскиот специјален пратеник за Македонија, Јоханес Хајндл, што ја потврдува европско-американската координација во помагањето на процесот за излез од македонската криза.

Ако се исклучи кратката посета на Нуланд на прифатниот центар „Винојуг“ кај Гевгелија на 10 март годинава, (со цел непосредно да се запознае со предизвиците со кои се соочуваат македонските власти и условите во кои живеат мигрантите), нејзината денешна посета се случува една година по идентичните активности лани (13 јули 2015), кога таа учествуваше во последните напори за договарање на финалниот протокол на Договорот на Пржино, потпишан на 15 јули.

Она што навистина го сакаме, е Македонците да ги засукаат ракавите и да ги затворат овие последни јазови, за земјата да се врати на својот демократски курс. А и ние да се вратиме на работата, да ви помогнеме во вашите НАТО-аспирации“, рече тогаш Нуланд.

Протоколот се потпиша, но оттогаш до денес Договорот слабо се реализираше.

Заминување на инволвираните во злопуотреби

Една година подоцна, отсуството на резултати сведочи дека Македонците не ги засукале ракавите во изминатата година и дека инвестирањето на дипломатски напори за излез од македонската криза не е проследено со силна домашна иницијатива. И по една година се уште се дебатира за Избирачкиот список, за медиумските реформи, за условите за фер -избори... Од тој аспект, аналитичарите прогнозираат дека на денешните средби Нуланд недвосмислено ќе упати „јасни и директни пораки кои ќе инсистираат на промени и неодложни реформи“.

Засега нема потврда на бројните шпекулации дека е можно да биде акцентирана и одговорноста на партиските раководства кои го опструираат пржинскиот процес, како и нужноста од кадровски реформи во нив. Но, таквата потреба се повеќе се наметнува и нотира во домашната јавност.

„Станува се појасно дека реализацијата на договореното зависи и од повлекувањето од македонската политичка сцена на сите оние, на чело со досегашниот премиер, кои на договореното, од сосема разбирливи лични причини, гледаат како на надворешна принуда. Зашто, во моментот кога ќе се отстранат личните фактори на поединци инволвирани во злоупотребата на власта објавени во снимките, сите останати политички чинители во Македонија, поддржани од ЕУ и од САД, имаат шанса да се обединат околу принципите на демократијата на слободното општество и на правната држава. И да свртат нова страница во демократизацијата на општеството“, напиша професорот Денко Малески во неговата колумна.

Viktoria Nuland
Од посетата на Нуланд на Македонија во 2014 годинаФотографија: DW/F. Musliu

Слабостите на судството

Засега единствената жива и функционална фиданка од пржинскиот Договор е Специјалното јавно обвинителство (СЈО), кое досега покрена истрага за 5 случаи што произлегоа од прислушуваните материјали, а во изминатите месеци се соочи со институционална блокада и со политички напади и етикетирања од страна на владејачките структури. Средбата на Нуланд со тимот на СЈО ја илустрира поддршката што тоа ја добива за независното постапување во делокругот на неговите надлежности, и сосема е извесно дека таква поддршка ќе биде побарана од сите субјекти кои ставија потпис за неговото формирање. Не е исклучено дека во разговорите ќе се акцентираат слабостите на судството и потребата од нивно брзо надминување. Минатата недела на таа тема се осврна и американскиот амбасадор Џес Бејли.

„Дали Специјалното обвинителство ќе биде успешно во спроведувањето непречена, непристрасна и професионална истрага, со целосна поддршка од сите институции, е вистински тест за владеењето на правото во оваа земја (...) Со оглед на критичната улога што ја има за воспоставување правна отчетност, САД го подржува Специјалното обвинителство со обуки и помош, исто како што му помагавме на македонскиот судски систем, Јавното обвинителство и полицијата уште од почетоткот на независноста на Македонија. Овој ангажман ја одразува нашата длабока посветеност за владеење на правото за да му помогнеме на народот во Македонија да ја реши тековната криза, да развие силни демократски институции и да продолжи на патот за членство во ЕУ и НАТО. Оваа наша посветеност останува многу силна“, изјави Бејли.

Тој потсети дека во изминативе 15 години владата на САД придонела со над 55 милиони долари за да се развие капацитетот на македонските судство, обвинителство, правобранителство и полицијата, со цел да ги исполнат своите мандати професионално, транспарентно, ефикасно и со веродостојност. Од тоа бенефит имале над 600 судии, 300 јавни обвинители, 150 правобранители и над 2.000 полицски службеници.

Бенефитот од јакнењето на институционалните капацитети во судството и во другите сфери, треба да го почувствуваат македонските граѓани, а тоа е невозможно без суштински реформски процес. Во тој контекст, се очекува посебно внимание денеска да му биде посветено на „Предлогот за итни демократски реформи“ што минатата недела го презентираа десетина граѓански организации.

Посетата на Нуланд на Македонија е во рамките на турнејата во Југоисточна Европа, во чии рамки, покрај други земји таа ќе ги посети и соседните Косово, Албанија и Србија.