1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нуланд: крајно време е за решение!

Катерина Блажевска13 јули 2015

Крајно време прво да се најде решение за кризата, а потоа и за името, порача американската дипломатка Нуланд по средбите со македонскиот државен врв и опозицијата во Скопје

https://p.dw.com/p/1Fxx6
Фотографија: DW/F. Musliu

Крајно време е да се најде решение за кризата, преку пакет реформи со кои Македонија може да се врати на патот на евроинтеграциите. Ова е главната порака што по средбите со владините функционери и партиските лидери во Скопје ја испрати помошник државниот секретар на САД, Викторија Нуланд. Веднаш по решавањето на домашната политичка криза треба да се пристапи и кон решавање на спорот за името со Грција, побарала Нуланд.

„Македонија и САД имаат одлична соработка и силно пријателство веќе 20 години“, рече Нуланд по средбата со премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, потенцирајќи дека на сите средби најмногу се разговарало за актуелната криза во земјата.

„Од она што го слушнав на средбите со лидерите, верувам дека има волја да се надминат проблемите. Крајно време е да се најде решение за кризата, преку пакет реформи со кои Македонија може да се врати на патот на евроинтеграциите“, порача Нуланд.

Таа потенцираше дека решение на кризата треба да се бара во основата на договорот постигнат на лидерската средба на 2 јуни.

Во однос на барањето за решение на кризата, премиерот Груевски изјави: „ЕУ-вредностите ни се водилка за разрешување на тековните политички премрежиња, чие разрешување единствено е можно како правно, политичко и институционално решение“.

Новинарите немаа можност да постават прашања.

Протест пред Владата

Претходно демонстранти ја дочекаа Нуланд пред зградата на Владата со емитување снимки од „бомбите“ на опозицијата, со знамињата на САД, ЕУ и Македонија, но и со скандирање упатено до премиерот и до Владата: „Оставка, оставка“, „Вратете ги парите“, „Нема правда, нема мир“.

Пред разговорите со Груевски, Нуланд се сретна со лидерот на СДСМ во партиското седиште, а на средбата присуствуваа и заменик претседателот на СДСМ, Радмила Шеќеринска, Рената Десковска и Оливер Спасовски.

„Тема на разговорот беше можноста за решавање на политичката криза во земјава, преку споделени гаранции меѓу власта и опозицијата за практична примена на решенијата за критичните области посочени во извештаите на ЕК и Стејт Департментот, како и споделени гаранции меѓу власта и опозицијата за организирање фер и демократски избори. Важно за граѓаните на Република Македонија е враќање на слободата и демократијата и обезбедување и заштита на човековите права. Во таа насока дејствува Социјалдемократскиот сојуз и инсистира на механизми што тоа ќе го овозможат, рече претседателот Заев“, соопшти СДСМ.

Kombibild Politiker Mazedonien
Американската дипломатка одржа одвоени средби со водечките политичари во земјата

На средбата била изразена согласност дека се неопходни промени за функционалноста на институциите, судството, медиумите, како дел од процесот на промена на партизираниот државен систем.

Како што се вели во соопштението, Заев констатирал дека договорот од 2-ри јуни предвидува решенија за критичните прашања и дека се потребни итни решенија во интерес на нормализација на земјата, доколку се постигне договор за организација на влада што ќе подготви и спроведе избори.

Прво кризата, па името!

Лидерот на ДУИ, на средбата во амбасадата на САД, на која присуствувале и Евелин Фаркаш заменик-помошник на секретарот за одбрана и американскиот амбасадор во Скопје, Џес Бејли, разговарал за политичка криза во Македонија, за начините за најзино надминување, како и за интеграцијата на земјата во НАТО и ЕУ преку решавање на прашањето за името и структурните реформи.

„САД останува силен партнер и поддржувач на евроатлантската интеграција на Македонија. Ахмети ја запозна Нуланд за позицијата на ДУИ во врска со политичката криза во земјата како и за активностите што ги има преземено ДУИ за одржување на состаноците на лидерите, предлозите и иницијативите на ДУИ, исто така и за постапките што планира да ги преземе во зависност од исходот на разговорите во наредните денови. Ахмети го оцени како неприфатливо продолжувањето на политичка криза, бидејќи целото општество е во очекување на решение и продолжување на нашиот евроатлантски пат“, соопшти ДУИ по средбата.

Партијата најавува дека ќе ги поддржи реформите што произлегуваат од препораките на ЕУ и на Рајнхард Прибе, бидејќи нивното спроведување го прават демократскиот систем постабилен.

„Во врска со спорот за името, Нуланд и Ахмети разговараа да продолжат со заедничките напори во правец за наоѓање решение за спорот за името со Грција веднаш по решавање на политичката криза во државата“, се вели во соопштението на ДУИ.

Соговорниците разговарале и за борците од регионот во војните во Сирија и Ирак, како и за различните методи за да се спречи таа негативна појава, неприфатлива за општеството.

Партиите не соопштуваат повеќе детали од клучните теми на разговори, но неофицијално дознаваме дека на некои од средбите се разговарало и за стратегиски енергетски прашања.