1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Неизвесна иднина на слободната трговија

Андреас Бекер/З.Ј.11 јули 2016

Во Брисел започнува наредната рунда од преговорите за договор за слободна трговија меѓу ЕУ и САД. Поради брегзитот изгледите за успех натамошно се намалија.

https://p.dw.com/p/1JMys
Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Bugi

Веќе три години ЕУ и САД преговараат за Договорот за слободна трговија – ТТИП. Сега во Брисел започнува 14. преговарачка рунда. Но, кај важните прашања и натаму не е не повидок согласност.

Тука спаѓаат во Европа и првенствено во Германија спорните арбитражни судови, кај кои инвеститори можат ќе можат да ги тужат државите, ако сметаат дека со закони им биле кршени „легитимните интереси“. Неизвесно е дали тука ќе може да биде постигнат компромис како во договорот меѓу ЕУ и Канада (ЦЕТА), каде двете страни се согласија првобитно предвидените приватни арбитражни судови да бидат заменети со еден постојан суд.

И натаму нема согласност и за правилата за јавни тендери распишувани од владите и од општините. Овде станува збор за многу пари, вели Лаура фон Даниелс од фондацијата „Наука и политика“ од Берлин: „Во ЕУ вредноста на тендерите изнесува 16, а во САД до 12 проценти од бруто домашниот производ“.

Купувај американски работи?

Европејците сметаат дека во тој дел се неправедно третирани. „Кај конјунктурните програми Амерканците вградиле една бај-америкен одредба: тендерите ќе мора примарно да им бидат доделени на американските понудувачи, ако нема никаква важна причина која би зборувала против тоа“, вели фон Даниелс.

ЕУ, пак, притиска за колку што е можно подалекусежно отворање. Нејасно е дали американските преговарачи овде воопшто смеат да прават отстапки: „Во САД е спорно прашањето дали федералната влада во Вашингтон е овластена во меѓународно-правно обврзувачки договор да утврдува како треба нејзините федерални единки и општините да ги доделуваат своите тендери“, објаснува Лаура фон Даниелс.

Нема согласност и во уште една точка која го вжештува расположението во Европа: мора ли да бидат посебно обележани прехранбените производи кои содржат генетски модифицирани организми? Кај заштитата на потрошувачите, Европејците се раководат од принципот на превенција – ако постои сомневање дека нешто е штетно, тогаш е подобро тоа да биде забрането или барем обележано. Американците на тоа гледаат обратно – ако нема докази за штетност, тогаш е дозволено.

На работите не може да се гледа во црно-бела мостра

Најновиот развој покажува дека сепак работите се покомпликувани отколку што може да се претпостави според застарените клишеа: американскиот Сенат во четвртокот (07.07.2016) усвои закон со кој за првпат се пропишува означување на прехранбени средства со генетски променети организми. Се смета дека е веројатно оти и Конгресот ќе даде согласност. И сепак не се сите задоволни, Лаура фон Даниелс притоа укажува на дебатата која се води во САД дали означувањето е доволно, оти некои сојузни држави, како Вермонт, веќе имаат построги закони.

Во моментов е сосем нејасно дали било кога ќе се дојде до конечен резултат во преговорите за ТТИП. Во април на Индустрискиот саем во Хановер американскиот претседател Обама искажа очекување договорот да биде готов до крајот на годинава. Во меѓувреме шансите се влошени.

Gentechnik
Производи со ген-техника на мала врата?Фотографија: picture-alliance/chromorange

Непогодни времиња за слободна трговија?

Во Европа брегзитот отвора многу прашања кои веројатно долго време ќе останат неодговорени. Заострен е и тонот во политиката. Ни оддалеку не е сигурно дека договорот со Канада (ЦЕТА) било кога ќе стапи во сила откако е јасно дека согласност за него ќе мора да дадат и националните парламенти на државите од ЕУ. „ЦЕТА е лош договор и не треба ни привремено, ниту дефинитивно да се применува“, рече Јирген Тритин, пратеник на Зелените во Бундестагот и поранешен сојузен министер за екологија. Во десет германски покрани Зелените учествуваат во владите и оттука е прашање дали тој договор ќе биде одобрен во Бундесратот.

Петер Рамзауер, пратеник од ЦСУ и претседател на Комисијата за економски прашања на Бундестагот, смета дека во отпорот против слободната трговија има „многу ирационалност“ и оти „никој не би се возбудувал поради ЦЕТА, да не беше ТТИП“. Лаура фон Даниелс укажува дека од сите анкети произлегува оти „Германците се загрижени поради можното разводнување на високите стандарди во Германија и ЕУ, од стандардите кај работните услови, екологијата, прехранбените производи, заштитата на потрошувачите, па се` до односот кон безбедноста на податоците и кон приватната сфера“.

Слободната трговија е тема во предизборната кампања во САД

Во САД не се толку загрижени поради ТТИП. Ако тој воопшто се спомнува, тогаш побргу во позитивна смисла, вели фон Даниелс: „Дури и синдикатите, кои генерално се критички настоени кон договор за слободна трговија, се надеваат дека ТТИП ќе донесе подобрувања кај заштитата на работниците и еколошката заштита“. Но, договорот со ЕУ игра многу понезначајна улога отколку ТПП – договорот на САД со 11 држави од бреговите на Пацификот, меѓу нив и Мексико, Јапонија, Виетнам и Малезија.

А ТПП е трајна тема во предизборната кампања. За републиканскиот претседателски кандидат Трамп тоа е „ужасен договор“, а и демократската противкандидатка Клинтон стана попретпазлива во поддршката на ТПП. За разлика од Германија, во САД дискусиите не се водат првенствено околу работните и еколошките стандарди, туку околу работните места. „Најголема е загриженоста дека евтинииот увоз ќе ги потисне американските производители и ќе води кон губење на работни места“, вели фон Даниелс.

ТПП е веќе потпишан, но мора да биде ратификуван од Конгресот, а неизвесно е дали ТТИП било кога ќе стигне дотаму. Според фон Даниелс, „најлоша варијанта за Европската комисија би бил преговорите едноставно да останат без резултат и подзаборавени, без никаков план за времето по ноемвриските претседателски избори во САД“.