1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На Европа не и треба штетен договор со САД

Јенс Турау/превод:БГ3 мај 2016

За Европејците, листата на недостатоци на планираниот Договор меѓу ЕУ и САД е долга: проблематична транспарентност, приватна арбитрација и друго. ЕУ не смее да прави компромис со стандардите, смета Јенс Турау

https://p.dw.com/p/1Igso

Идејата сама по себе не е лоша: Владата на САД, која претставува околу 320 милиони Американци, подготвува договор за подобрување на трговијата со ЕУ- дома на околу 510 милиони Европејци. Во мултиполарен свет, како денешниот, во кој Азија (и особено Кина) и Јужна Америка забрзано добиваат на значење, германската канцеларка Ангела Меркел беше во право кога забележа дека нема да штети доколу ткн. „Стар Свет“ биде што пообединет.
Од стартот, целта беше Трансатлантското партнерство за трговија и инвестиции (ТТИП) да има ефект и надвор од ЕУ и САД. Целта беше да се рашират западните идеали, како либерализмот и демократијата, низ светот. И тоа требаше да се постигне во период кога земјите членки на Светската трговска организација (СТО) спорат околу поединечните правила.

Дали овие правила се подобри за сите?

Но ќе го постигне ли ТТИП тоа? Дали навистина ќе создаде појасни, подобри правила за сите? Малку веројатно. Европа има високи стандарди за многу нешта, како хемиските производи на пример. Храната за потрошувачите мора да биде ослободена од генетска манипулација, исто како и онаа за животните. Но тоа не важи и за нашите пријатели од преку Атлантикот. Американските земјоделци користат ГМО и тоа сакаат да ни го продадат и нам. За возврат, САД најави дека ќе го отвори автомобилскиот пазар за европските модели, особено за германските. Гласините дека Европа размислува да го замени земјоделскиот за автомобилскиот пристап, беа потврдени во понеделничкото откритие на Гринпис. Сега имаме цврст доказ за тоа.
Но зошто се преговарачите толку затворени? Чуму целата тајност? Договор од таков обем мора да биде транспарентен од самиот почеток или луѓето ќе почнат да се сомневаат дека целта на договорот е да се обезбедат подобри услови за големите, мултинационални компании.
Но таа штета е веќе сторена, а документите на Гринпис само додаваат масло на огнот. Тие покажуваат дека САД не е подготвен на компромис околу приватните судови за арбитрација, во кои компаниите можат да ги тужат државите за кои чувствуваат дека ги третираат нефер. Тоа не е на линија со европското чувство на правда.

Thurau Jens Kommentarbild App
Јенс Турау

Европските принципи

Соочени со ваков отпор, гаранциите на германската влада дека Европа нема да прави компромиси на штета на своите принципи, звучат празно. Најавата дека нема да се прифати генетски модификуваната храна е тешко остварлива со оглед дека таму е главниот фокус на САД.
Голем дел од политичката фрустрација во Германија, па и во Европа, е содржана во обидот да компаниите да ги сменат правилата во своја корист- и подготвеноста на политичарите да им помогнат во тоа. Каде се парламентарните дебати? Каде е јавноста? Ним не им е дозволено да учествуваат.
Вистина е дека ТТИП е далеку од ратификуван. Преговорите се на половина пат. Но сега ни е потребно она што цело време недостасува: транспарентност. Европа не може да прави компромис со своите стандарди.
Доколку тоа значи дека ТТИП ќе пропадне, нека пропадне.