Меркел го критикува говорот на Трамп во ОН
20 септември 2017Германската канцеларка Ангела Меркел остро го критикуваше говорот на американскиот претседател Доналд Трамп пред Генералното собрание на ОН. Во интервју за Дојче Веле, Меркел вели дека е против закани какви што во говорот испрати Трамп.
„Јас сум против такви закани. Од мое, и од име на владата сакам да кажам дека секој вид на воено решение го сметаме за апсолутно несоодветно и се залагаме за дипломатски напори. Тоа мора енергично да се имплементира. Според мене, санкциите и нивната имплементација се вистинскиот одговор. Но, сѐ друго во однос на Северна Кореја мислам дека е погрешни. И во тој дел имаме јасни разлики со американскиот претседател“, вели Меркел за ДВ.
Таа порака, Меркел му ја испратила на Трамп и во телефонски разговор пред неговиот настап пред ОН.
Во пресрет на гласањето в недела на 24 септември, според анкетите, Меркел и нејзината демохристијанска партија ЦДУ се во убедлива предност и речиси е сигурно дека по 12 години на чело на владата, Меркел ќе остане канцелар и во следните четири години. На второ место се Социјалдемократите кои ги предводи Мартин Шулц и кои во изминатите четири години беа дел од широката владина коалиција.
Темата која ги обременува изборите е потенцијалниот успех на десно-радикалната АфД (Алтернативата за Германија) која би можела да стане трета најсилна партија во новиот состав на Бундестагот. Најдобрата стратегија против десните популисти, вели Меркел, е да се решаваат проблемите на луѓето. „Грижите кои ги имаат луѓето, да си обезбедат работа, да има добри училишта, добра медицинска нега- да се погрижиме за тие проблеми. Но во истовреме, од друга страна, да поставиме јасен знак против омразата и насилството“, рече канцеларката Ангела Меркел во интервју за ДВ.