Меркел говори за војна во Авганистан
18 декември 2010Шефицата на германската влада, Ангела Меркел за време на нејзината ненадејна посета на германските трупи во северниот дел на Авганистан, изјави дека на Хиндукуш се води војна. Говорејќи пред новинарите во базата на Бундесверот во градот Мазар и Шариф Меркел истакна: „Ако се погледне реалноста на нашите војници може да се види дека во регионот Кундус се водат борби, какви што водат војници во војна. Мислам дека тоа треба да се нарече со вистинското име“. Меркел натаму продолжи: „Вакво нешто ние не познаваме од Втората Светска Војна, за што ни раскажувале нашите татковци и дедовци“.
Меркел во раните утрински часови допатува во авганистанскиот град Кундус каде под засилени мерки за безбедност ја посети базата на германските војници. Таа е придружувана од министерот за одбрана Карл Теодор цу Гутенберг, како и генералниот инспектор на Бундесверот, Фолкер Викер.
Меркел и во таа пригода даде слична изјава во врска со состојбата во Авганистан: „Ние овде не само што имаме услови на војна, туку и германските војници се вовлечени во битки кои се случуваат само во војни“.
Загина германски војник
Првата посета на канцеларката, на германските трупи во Авганистан од април 2009 година наваму е засенета од загинувањето на еден германски војник. Како што соопшти воената команда во Потсдам, припадникот на Бундесверот во тој момент не учествувал во некој од вооружените судири. 21 годишниот војник е пронајден во провинцијата Баглан, тешко повреден со прострелни рани. Тој подоцна подлегнал на повредите. Канцеларката Меркел и министерот Гутенберг изразија длабоко жалење поради овој трагичен настан.
Меркел инаку во германската база во Мазар и Шариф се сретна со авганистанскиот претседател Хамид Карзаи и командантот на НАТО силите во земјата, американскиот генерал Дејвид Петреус. Канцеларката притоа истакна дека целта на германската влада останува до крајот на 2011 година од Авганистан да бидат повлечени првите војници на Бундесверот.
Автор:СН/ АТ/ дв/ дпа
Редактор: Александра Трајковска