Авганистан повторно ги подели мислењата
6 април 2010Досегашниот претставник за вооружување Рајнхолд Робе од Социјалдемократската партија на Германија (СПД), укажува на недостатоци во обуката и опремата. Тројцата загинати војници беа падобранци од Седорф, единица која ја посети претставникот за вооружување кратко пред неговото преместување во Авганистан. Притоа војниците се жалеле дека немаат доволно возила за да вежбаат за случај на престрелка, изјави Робе во едно интервју за дневниот печат.
Опременоста и обуката на Бундесверот
Други политичари, пак, го истакнаа нивното барање за Бундесверот итно да се набават борбени хелихоптери и повеќе модерна радарска опрема. Политичарот од Христијанско-демократската унија на Германија (ЦДУ) Рупрехт Поленц не може да го сфати тоа. Политиката е добро советувана да не се стави во улога на заменик-командант, и според претседавачот на Одборот за надворешни работи таа мора да и‘ верува на одлуката на војската: „Мене во секој случај не ми е познато дека одредени конкретни барања на Бундесверот, поврзани со мисијата во Авганистан, не биле земени предвид. Поаѓам од тоа дека во оваа мисија ги праќаме нашите војници добро опремени и обучени, во поинаков случај не би можел да се даде одговор.“
Дебатата добива сосема нов правец
Генералниот инспектор Фолкер Викер објасни зошто војниците на теренот не се поддржани од бомбардери од воздухот: Се ограничивме на ниски летови ("Show of force"), но со исклучок на употреба на оружје, оти не може да се исклучи изложувањето на опасност на останатите трупи и на цивилното население. По фаталниот воздушен напад од минатиот септември Бундесверот е особено внимателен во тој поглед.
Дебатата добива нов правец со тоа што министерот за одбрана Карл-Теодор цу Гутенберг сега зборува и за откажување од „војната“ во Авганистан, кое војниците веќе одамна го практикуваат. Тоа автоматски го отвара прашањето дали не се потребни повеќе борбени трупи со уште подобра опрема и поинтензивни подготовки за мисијата, за да ги победат Талибанците во Северен Авганистан. Можеби деталната истрага на смртоносната престрелка од Велипеток ќе доведе до овој резултат.
Автор: Нина Веркхојзер/Јасна Мушиќ Јанчулева
Редактор: Трајче Тосев