1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Катастрофи

Силен земјотрес во Мексико

Ноткер Оберхојзер
8 септември 2021

Земјотрес со јачина од 7,1 степени го погоди југозападниот дел на Мексико. Потресот предизвика лизгање на земјиште, а паѓаа и делови од искршени карпи и дрвја.

https://p.dw.com/p/403yW
Mexiko | Erdbeben
Фотографија: Francisco Robles/AFP/Getty Images

Во силниот земјотрес што го погоди Мексико загина најмалку едно лице. Епицентарот на земјотресот со јачина од 7,1 степени бил на 18 километри североисточно од Акапулко. Познатото туристичко место се наоѓа на околу 230 километри од главниот град Мексико Сити. Земјотресот, според Американската агенција за геолошки истражувања (УСГС) бил релативно површински, односно се случил на длабочина од околу 19 километри.

Во Акапулко по потресот многу луѓе излегоа на улиците. „Само што сакавме да се пријавиме во хотелот, ги имаме сите работи со нас“, изјави жена која дошла во посета со цела група туристи од Мексико Сити. „Ни рекоа дека не е безбедно да влеземе во собите.“ Друга жена, која во моментот на потресот била во кино, вели дека не бил даден аларм за потрес. „Шокирани сме“, нагласува таа.

Mexiko | Erdbeben
Фотографија: Bernardino Hernandez/AP Photo/picture alliance

Претседателот Андрес Мауел Лопез Обрадор изјави дека земјотресот не предизвикал поголеми штети. Службата за заштита од катастрофи, меѓутоа, информира за лизгање на земјиште, паѓање на делови од карпи и паднати дрвја. Голем број улици се блокирани.

Во повеќе сојузни држави во Мексико потресот предизвика прекин на електричната енергија. Според државниот снабдувач со електрична енергија Комисион федерал де Електрисидад, без струја се околу 1,6 милиони потрошувачи.

Во Мексико Сити електрична енергија снема во квартот Рома Сур. Исплашени луѓе, делумно во пиџами, излегоа на улиците, држејќи ги на дождот в раце своите деца или домашни миленичиња. „Беше страшно. Секогаш кога ќе се случи вакво нешто, се сеќавам на земјотресот во 1985 година“, изјави Јесмин Ризк, 70-годишна жителка на Рома Сур. Тогаш, во тежок земјотрес во Мексико Сити, загинаа илјадници луѓе.

Erdbeben in Mexiko
По земјотресот, жителите на Рома Сур се плашеа да се вратат во домовитеФотографија: Leslie Mazoch/AP Photo/picture alliance