1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Колкав е ризикот од катастрофи во Македонија?

ЕМФ /епд/кна14 септември 2016

Лошата инфраструктура го зголемува ризикот од катастрофи при екстремни природни појави, велат експертите. Во извештајот за загрозеност на светот, Македонија според Индексот на ризик се наоѓа на средина на табелата.

https://p.dw.com/p/1K1mf
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Gambarini

Во најголем ризик од катастрофи, според Светскиот извештај за ризик за 2016 година, се наоѓа островската држава Вануату, во јужниот Пацифик. По нејзе следуваат Тонга, Филипини, Гватемала и Бангладеш. На дното на листата од 171 земји, што значи соочени со најмал ризик, се Гренада, Барбадос, Саудиска Арабија, Малта и Катар.

Македонија е на 98. место. Од регионот како поризични се категоризирани Албанија (40 место), Србија (68 место), Грција (76 место) и Босна и Херцеговина (91 место), додека членките на ЕУ - Бугарија (120 место) и Хрватска (125 место), се подобро подготвени.

При определувањето на т.н. Индекс на ризик предвид се земаат не само можните природни опасности, туку и ранливоста на општеството. Состојбите во здравството, медицинската нега и начинот на којшто се владее во државата влијаат во голем дел врз тоа дали една природна екстремна појава ќе се претвори во катастрофа, оценува Торстен Веле од Институтот за просторен поредок и развојно планирање на Универзитетот Штутгарт, кој соработуваше на пресметување на Индексот на светски ризик 2016-та.

Кога еден земјотрес ја уништил инфраструктурата, неопходни се капацитети за да се компензира загубата и да му се помогне на населението, објаснува раководителот на студијата Матијас Гаршаген. Неопходни се „заобиколни рути, хеликоптери за транспорт на помош, железнички линии кои се конструирани така што, на пример, лизгање на земјиштето кое често се случува по земјотреси, не им може ништо“, вели Гаршаген.

Индексот на светски ризик е дел од Извештајот за светски ризик кој се прави од 2011. година. Со студијата се сака да се покаже кои држави се особено загрозени од екстремни природни појави и колкав е ризикот овие настани да се претворат во катастрофа.