1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кризата со Северна Кореја на „критична точка“

ЕМФ /агенции
29 август 2017

Конфликтот околу Северна Кореја натамошно ескалира. И покрај сите санкции, Пјонгјанг продолжува со ракетни тестови. Испалена е ракета преку Јапонија.

https://p.dw.com/p/2j0ah
Nordkorea schießt Rakete über Japan hinweg
Фотографија: picture-alliance/dpa/kyodo

Северна Кореја ги игнорира сите санкции на ОН и закани од страна на САД: повторно е испалена ракета, која овојпат прелета преку Јапонија и заврши источно од островот Хокаидо во Пацификот. Јапонската телевизија НХК, повикувајќи се на армиски извори, јави дека не била испалена одбранбена ракета. Јапонија во минатото најавуваше дека ќе пресретне севернокорејски ракети кои претставуваат опасност за јапонската територија. Според јапонскиот министер за одбрана Ицунори Онодера, проценето е дека ракетата, која летала околу две минути, не претставува закана за јапонската територија.

Јапонскиот премиер Шинзо Абе оцени дека станува збор за сериозна закана, со каква што досега земјата не се соочила. Јапонија доби поддршка од Јужна Кореја и САД. Според Абе, овие две земји имаат намера да го зголемат притисокот врз севернокорејскиот властодржец Ким Јонг Ун.

Советот за безбедност на ОН најверојатно веќе денеска ќе одржи итна седница, се вели од дипломатски кругови. Кина ги повика сите страни на воздржаност и побара враќање на маса за преговори и соопшти дека проблемот со Северна Кореја не може да се реши со притисок и санкции.Според Пекинг, кризата е на „критична точка“. 

Nordkorea Kim Jong-Un
САД и Јужна Кореја имаат намера да го зголемат притисокот врз севернокорејскиот властодржец Ким Јонг УнФотографија: Getty Images/AFP/STR

Дел од експертите сметаат дека Северна Кореја со ракетните тестови сака да ги принуди САД да се вратат на преговарачка маса. Пјонгјанг е уверен дека ќе се отвори патот за дијалог доколку се демонстрираат сопствените способности, оценува професор Масао Оконоги од јапонскиот универзитет Кеио. „Меѓутоа, остатокот на светот не ја разбира оваа логика и тоа не ја олеснува целата работа“, вели професорот.

Конфликтот околу Северна Кореја предизвика нервоза на азиските и европските берзи. Се бараат сигурни влогови, како злато или швајцарски франци, а се продаваат акции.