Кој седи во новиот Бундестаг?
24 октомври 201719. состав на Бундестагот има рекорден број членови, 709, што е за 78 повеќе отколку во последниот состав. Новост е и бројот на политички партии кои се застапени во новиот парламент. Со Либерално-демократската партија (ФДП) која по четиригодишна пауза пвторно е во Бундестагот и Алтернатива за Германија (АфД), која првпат влезе во сојузниот парламент, сега во зградата на Рајхстагот има претставници на шест партии. Последен пат толку пратенички групи Бундестагот броеше во 50-те години. Големите партии, Унијата ЦДУ/ЦСУ и Социјалдемократската партија на Германија, во секој случај губат влијание. Поради влезот на двете нови партии во парламентот, но и поради слабите резултати на изборите од септември, Унијата и СПД имаат осетно намален број пратеници.
Помалку жени, повеќе пратеници со мигрантско потекло
Жените во Бундестагот бројно се намалени: само 219 од 709 пратеници се од женски пол. Германија сепак е пред САД, каде во пратеничкиот дом седат само 19,6 проценти жени, но значително зад Франција со удел од 39 пратеници-жени или Шпанија со 40 проценти. „Виновници“ за драстичниот пад на бројот жени во Бундестагот се двете нови партии, АфД и ФДП, кои очигледно не се претерано атрактивни за политичарките. За разлика од партиите со лева ориентација, кои во своите редови имаат и до 50 проценти жени.
Затоа пак има повеќе пратеници со странско потекло - 58, што е околу осум проценти. Тоа е повеќе во споредба со претходниот состав, но сѐуште непропорционално со уделот на граѓани со мигрантски корени, кој на ниво на Германија изнесува 22,5 проценти. Најголем процент од пратениците со странско потекло припаѓаат на партиите со лева ориентација. Занимливо е што во редовите на десно-популистичката АфД, која не се смета за партија наклонета кон странците, има осум пратеници со странско потекло. Притоа, не станува збор за припадници на класичните иселенички заедници, туку за пратеници родени во Романија, некогашна Чехословачка, како и припадници на германското национално малцинство од Казахстан, доселени во Германија во 90-те години.
„Сениори“ од АфД
АфД може да се пофали не само со „странци“, туку и со „сениори“: од 11 пратеници постари од 70 години, осум се од АфД, меѓу кои и 77-годишниот Вилхелм фон Готберг, претставник на ултрадесното крило на својата партија, кој се залага за враќањето на бившите германски подрачја од источна Прусија кон „матицата“.
Најмладиот пратеник, Роман Милер-Бем, доаѓа од редовите на ФДП и има 24 години. Тој е првпат во Бундестагот, што не може да се каже за 60 проценти од неговите колеги кои припаѓаа и на последниот состав на Бундестагот.
Патот во Бундестагот и натаму е најтежок за занаетчиите, кои во новиот состав ги има само 30 (меѓу кои и социјалдемократскиот пратеник со хрватско потекло, Јосип Јуратовиќ). Најзастапена професија во Бундестагот се правниците, зад нив следат економистите и политиколозите.