1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој не сака да се прилагоди, не мора да остане

Сабине Кинкарц / превод: ЕМФ16 април 2016

Германската владејачка коалиција постигна согласност за основите на закон за интеграција. Што беше тешко тоа да се стори и порано? Па, она што е запишано сега, е нешто што и онака се подразбира, оценува Сабине Кинкарц.

https://p.dw.com/p/1IWTQ
Фотографија: picture-alliance/dpa/W. Kastl

Политиката е „дупчење дебели штици“. Интеграцијата на странците во Германија, за жал, е многу дебела штица. Со години, не - со децении оваа тема беше опасно занемарувана од страна на различни германски влади. Со поразувачки резултат. Има луѓе кои уште пред 20 години дошле во Германија, а знаат само по некој германски збор. Затоа не можат да најдат работа или работат за многу малку пари и живеат со други луѓе кои се во слична ситуација, во сиромашни квартови, во кои многу Германци веќе не сакаат да стапнат. Мораше ли навистина да дојде дотука?

Очигледно да. Тоа се должи и на тоа што Германците многу долго полагаа многу врз тоа да останат сами меѓу себе. Доселување? Не, благодариме. Оној што како странец доаѓаше во Германија беше само гостин, а гостите, како што е познато, некогаш треба и да си заминат. Но, не си заминаа. И, може да се смета со тоа дека многу од 1,2 милиони бегалци кои сега се во Германија, на крајот нема да се вратат во својата татковина. Кога децата ќе фатат чекор, тогаш не си одат ниту родителите.

Kommentarfoto Sabine Kinkartz Hauptstadtstudio NEU
Сабине КинкарцФотографија: DW/S. Eichberg

Ова е премиера

Претставата дека бегалците го зголемуваат јатото на оние кои завршиле во социјалните жаришта во државата, разбуди страв и протести. На три покраински избори успех славеше деснопопулистичката Алтернатива за Германија. Дали тоа можеби беше алармот за будење кој ѝ беше неопходен на политиката? Сеедно, важно е што сега конечно нешто ќе се случи.

Првпат во историјата на Германија треба да се донесе закон за интеграција. Закон, кој вели дека оној што сака да живее во земјата, мора да го учи германскиот јазик. Дека тоа е важно и исправно. Дека важно и исправно е што е можно побрзо да се најде работа или да се добива обука. Дека тој или таа мора да има желба да се интегрира, значи да се вклопи во општеството. Дека сите што тоа ќе го одбијат, нема да имаат право на социјални услуги. И тоа е исправно, зашто на крајот на краиштата - ваквите услуги ги плаќаат оние со кои „одбивачите“ не сакаат да имаат ништо.

Една заедница - а заедничкото живеење во една држава е токму тоа - функционира само ако постои заедничка основа, заеднички вредности и правила кон кои се придржуваат сите. Германија е успешна земја, но за да го задржи статусот кво мора да се прилагодат оние кои доаѓаат кај нас. Па, тоа е нешто што се подразбира само по себе. Кој не сака да се прилагоди, не мора ниту да остане овде.

На Германија ѝ е неопходно доселување

И, уште нешто. СПД на законот за интеграција гледа како на прв чекор кон модерен закон за доселување. На прв поглед, едното нема ништо со другото. Но вреди да се размисли: демографите проценуваат дека на Германија ѝ е неопходно доселување. Додуша, целно доселување. Живееме во општество што старее и кое итно има потреба од подмладок. Подмладок кој ќе го продолжи германскиот модел на успех.

Законот за интеграција се концентрира пред сѐ на бегалците со перспектива за останување. Другите немале среќа. Зошто? Оној што нема право на азил во Германија, би можел сепак да биде корисен за земјата - ако е квалификуван, или ако има потенцијал да ја задоволи потребата од работна сила. Можеби германската влада би можела да размисли за тоа. Тогаш чекорот кон итно неопходниот закон за доселување навистина нема да биде далеку.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема