1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел не помислува на промена на курсот

Венке Бернсен/Ж.А.29 февруари 2016

Германската канцеларка Ангела Меркел во врска со бегалската криза бара трпение. Таа и натаму цврсто инсистира на меѓународно решение. Европа мора да остане единствена и да покаже хуманост, изјави Мрекел за АРД.

https://p.dw.com/p/1I3yP
Фотографија: picture-alliance/dpa/R. Jensen

Ангела Меркел на канцеларката функција е десет години и не е чест гостин во телевизиските дебати. Тоа што во само пет месеци вторпат гостува во студиото на првата програма на германскиот јавен телевизиски сервис АРД, мора да се должи на притисокот под кој се наоѓа владата. Уште повеќе под притисок, како внатрешнополитички, така и на европско рамниште, е Ангела Меркел поради својата политика во бегалската криза.

Две недели пред три важни покраински избори, една недела пред, овојпат навистина решавачкиот самит на ЕУ посветен на бегалците, Меркел војува на повеќе фронтови во одбрана на својот курс. „Кога ќе попуштите, госпоѓо Меркел?“, гласи насловот на емисијата во која е гостин канцеларката. По едночасовното интервју, резимето гласи: Меркел не планира промена на курсот, нема план „Б“.

Хајденау, Клаусниц

Но, во прашање е првенствено германското општество, радикализацијата, ксенофобијата, бегалските сместувалишта во пламен. Дали е Германија поделена, гласи воведното прашање. „Постои поларизација, политизација“, признава Меркел. Исто и дека поларизацијата се зголемува, но Меркел не се вдлабочува натаму во тоа. Настаните во Клаусниц се одвратни, но уште пред пет месеци се случи слично во Хајденау, аргументира Меркел.

Поранешниот шеф на Христијанско социјалната унија Едмунд Штојбер, исто така и лидерот на СПД Зигмар Габриел предупредуваат од распаѓање на општеството. Дали се во право или станува збор само за ширење паника? Шевицата на ЦДУ залагањето на Габриел за донесување социјален пакет за Германците го оценува за лошо: „Црно-црвената коалиција направи многу за децата, родителите, пензионерите и болните: болничка реформа, зголемување на детскиот додаток, пензија со 63 години, пензија за мајките. Да се создава впечаток дека ни е потребен огромен дополнителен напор, не гледам причина“.

BdT Deutschland Rügen Bauzaun Wir schaffen das nie Frau Merkel
Меркел на удар на критикиФотографија: picture-alliance/dpa/S. Sauer

Мултикулти не е одговорот

Според неодамнешна анкета, 81 процент од Германците веруваат дека владата ја нема бегалската криза под своја контрола. „Го разбирам тоа. Ние сме на пат, но мора да изодиме уште многу чекори. Анкетата е резултат на настаните во новогодишната ноќ во Келн. Келн делуваше катастрофално“, признава Меркел, додавајќи дека токму тука се покажува предизвикот пред кој стои интеграцијата. „Мулти култи значи не е одговор.“ Интеграцијата не е доброволна задача. Постојат правила кои мора да се почитуваат. На дилемата на многумина луѓе, кој се‘ влегува во земјата и колкумина, Меркел одговара: „Мора да го намалиме бројот на бегалците“, но и натаму одлучно одбива да наведе бројка, горна граница за примени бегалци. Таа не сака да каже нешто што по три недели нема да може да важи, при што е длабоко убедена во исправноста на патот кој го има одбрано.

Меѓутоа, внатрешнополитички, политиката на Меркел на отворени граници се‘ повеќе доаѓа до своите граници и на отпор од сопствените редови, покрај оној од коалициониот партнер и ЦСУ. Падот на поддршката кој го отсликуваат анкетите Унијата ја прават нервозна, кандидатите од ЦДУ бараат спас во странични движења, во големата коалиција владее затруена клима, а деснопопулистичката партија АфД профитира.

Ова не е мојата Европа

Меркел е засилено изолирана на европско ниво. „Колаицијата на согласните“, по истапувањето на Австрија, фактички не постои, се‘ поголем број држави решение бараат во национални горни граници за прием на бегалци и во утврдување на своите граници, Шенген системот се ниша. Бегалската криза предизвика длабок расцеп во ЕУ, тонот е се‘ поостар, освен Меркел и претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер, речиси никој веќе не верува во европско решение со помош на Турција. Вонредниот самит на ЕУ на 7 март се заканува да заврши со фијаско.

Flüchtlinge Protest an der Grenze zwischen Griechenland und Mazedonien
Бегалската криза - судбински предизвик за ЕУФотографија: Reuters/A. Avramidis

Сепак, Меркел не сака да знае за песимизам. Таа не го дели ни стравувањето од анархичен развој искажано од луксембуршкиот министер за надворешни работи Жан Аселборн. „Не е задача на политичарите да го опишуваат светот и да даваат оценки дека е катастрофален“, револтирана е канцеларката, која признава, и таа е понекогаш очајна, но се обидува од тоа да извлече нешто разумно. „А моја проклета должност е Европа да најде заеднички пат.“

Но, тој не е на повидок, напротив. Австрија воведува национални горни граници за прием на бегалци, балканските земји ги затвораат своите граници. „Тоа е токму она од што сега се плашам: кога еден ќе ја дефинира својата граница, другиот мора да страда. Тоа не е мојата Европа“, подвлекува Меркел. Според канцеларката, Грција не смее да биде оставена сама на себе со товарот на бегалците. Земјата не беше задржана во еврозоната за сега да биде оставена на цедило.

На прашањето на крајот на емисијата, дали има план „Б“, Меркел одговори: „Не, немам план ’Б’, имам друг план.“

На вонредниот самит на ЕУ и Турција на 7 март ќе се покаже дали во ЕУ навистина владее толкаво единство колку што тврди Меркел. Или дали ќе дојде до катастрофа. Една недела по самитот се одржуваат три важни покраински парламентарни избори. Меркел не помислува на промена на курсот, иако многумина не веруваат во него.