1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Конгрес на СДСМ во Охрид: „време за нови победи“

7 јуни 2009

Под мотото „Време е “, СДСМ денеска (07.06.2009) во Охрид го одржа 10- от вонреден конгрес. Во новиот Централен одбор останаа само дел од старите партиски кадри, во него нема многу досега познати имиња.

https://p.dw.com/p/I4yr
Црвенковски е уверен во својата партијаФотографија: MIA

СДСМ на денешниот 10-ти вонреден конгрес на партијата во Охрид го избра новиот Централен одбор. Со нов подмладен состав и 80 проценти сосема нови имиња ќе се обиде да ја врати довербата меѓу граѓаните. Новиот Централен одбор има 90, а Надзорниот одбор 9 членови со просечна возраст од 38 години, рече портпаролот на СДСМ Емилијан Станковиќ на брифингот со новинарите. Од избраните, 90 проценти се високо образовани кадри, има 5 доктори на науки, 13 магистри и неколкумина докторанти .

Дел од старите кадри останаа, дел не

Во Централниот одбор од актуелните високи партиски членови останаа: Зоран Заев, Игор Иваноски, Јани Макрадули, Љубомир Јанев и Андреј Петров. Во новоизбраните е и Наташа Савова , близок соработник на Црвенковски од периодот кога тој беше претседател на Република Македонија.

Radmila Sekerinska von der SDSM Partei in Mazedonien
Радмила Шеќеринска не е во Централниот одборФотографија: Petar Stojanovski

На листата на нови членови на Централниот одбор се и амбасадорите Александар Тавчиоски, Тихомир Илевски, Виктор Димоски, како и универзитетските професори Рената Тренеска Дескоска, Људмил Спасов и други.

Место во новиот Централен одбор немаше за истакнатите партиски членови: Владо Бучкоски, Радмила Шеќеринска, Никола Попоски, Горан Минчев, Ѓорѓи Спасов, Илинка Митрева ... , како и за градоначалниците на Охрид и Куманово Александар Петрески и Зоран Дамјаноски.

Мотото на конгресот беше: „Време е за нов почеток , време е за работа , време е за нови политички битки и време е за нови победи “. Старо – новиот лидер Црвенкоски изјави дека очекува партијата да излезе посилна. На 24 мај годинава Бранко Црвенковски со громогласни овации беше избран за претседател на СДСМ.

Потребен е премин од зборови на дела

Денеска во Охрид најголем број од делегатите беа резервирани пред микорофоните. Делегатот и пратеник Андреј Петров изјави:

„Консолидацијата заврши. Сега треба да се работи врз промоцијата на програмата на СДСМ, на промоцијата на алтернативата на оваа постоечка власт во Македонија.Сметам дека социјалдемократската опција во Македонија се‘ повеќе ќе добива на сила. Претпоставките се тука. Со еден квалитетн состав на новиот Централен одбор, партијата да продолжи да работи и да биде активна алтернатива на владеачката ВМРО ДПМНЕ .“

СДСМ лани ги загуби парламентарните, а фијаско доживеа и на неодамна одржаните претседателски и локални избори.

Автор: Милчо Јованоски

Редактор: Жана Ацеска