1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Црвенковски е избран за лидер на СДСМ

24 мај 2009

Бранко Црвенковски беше избран едногласно за претседател на Социјалдeмократскиот сојуз на Македонија. На конгресот во Скопје, тој рече дека на партијата и‘ се потребни длабоки реформи.

https://p.dw.com/p/HwJu
Замина за да се врати - Бранко ЦрвенковскиФотографија: Macedonian Information Agency

Бранко Црвенковски, во своето обраќање, нагласи дека СДСМ ќе има една цел - победа на следните парламентарни избори, а на членството му порача дека нема намера да потроши ниту една секунда било кого во партијата да мири, и оти добредојден е секој кој ќе се построи под симболот - знамето и името на СДСМ.

“СДСМ не е драгстор во кој можеш да влезеш и да го земеш само она што ти се допаѓа. За да бидеме успешни мора да бидеме партија во која владее ред и поредок. Партиските одлуки ќе се донесуваат во седиштето на Бихаќка, а не на улица Македонија“, истакна Црвенковски пред да ја добие довербата за претседател.

Не порекнувајќи дека СДСМ е во долготрајна криза и дека има намален углед, Црвенковски подвлече дека се враќа подготвен за предизвикот - консолидирање на партијата.

“СДСМ ниту ќе стане партија каква што посакуваме, ни пак заслужува да победи на избори, ако единствено се надеваме на незадоволството на граѓаните од актуелната власт“, рече Црвенковски, додавајќи дека програмската определба на СДСМ под негово водство ќе биде завршена најдоцна до август.

Блокираност на евроатлантските аспирации, невработеност, трговски дефицит, уназадување на демократијата, узурпирање на медиумскиот простор, притисок врз судството, се дел од негативностите кои Црвенковски ги адресира на сметка на власта.

“Факт е дека власта немаше да биде толку агресивна и неодговорна, ако наспроти себе имаше силна и моќна опозиција.... За нас, судбината на живите ќе биде многу поважна од спомениците на одамна мртвите. Преку 70 отсто од нашиот ангажман ќе биде посветен на економијата. Што се однесува до најважното прашање на нашата земја, ЕУ и НАТО интеграциите и решавање на спорот со Грција, нашиот став кој е добро познат останува константен“, истакна Црвенковски во обраќањето.

Деветтиот конгрес на СДСМ, во еуфорична атмосфера во Македонската опера и балет, го проследија стотици приврзаници, членови и некогаш првите луѓе на партијата, Киро Глигоров, Владо Бучковски, Радмила Шеќеринска, како и Зоран Заев.

Инаку, СДСМ го редефинира својот партиски симбол, чија основна карактеристика сега е новата роза во која е вметнат симболот на европската социјалдемократија - стисната дланка.

Автор: ЕМФ/нетпрес