Иванов:ЕУ и НАТО да ги деблокираат интеграциите на земјата
10 мај 2015
„На седницата на Советот за безбедност изразивме најостра осуда за нарушувањето на безбедноста и за обидот за дестабилизација на Република Македонија. Спречена е намерата за дестабилизирање, создавање хаос, страв и цивилни жртви, поради што се претрпени човечки и материјални загуби. Плативме висока цена за тоа“, рече претседателот на државата, Ѓорге Иванов, во неговото обраќање до граѓаните, по завршувањето на седницата на националниот Совет за безбедност.
Тој соопшти дека сите надлежни безбедносни институции добиле насоки за натамошно постапување и најави дека наскоро ќе бидат објавени заклучоците од седницата на СБ.
„Терористичка група нема поддршка ни во Македонија ни во регионот. Знаевме дека е сочинета од екстремни криминални поединци и не ги потценивме нејзините можности за терористички напад“, нагласи претседателот. Тој соопшти дека за активностите на групата бил запознаен уште на почетокот на годината. За тоа писмено биле известени партнерските служби за безбедност од 17 земји на ЕУ и НАТО, но тоа не дало резултати.
„На Република Македонија и‘ се случи она за што предупредив во моето обраќање во Советот за безбедност на Обединетите нации. Нема да дозволиме ескалација на тензиите, ниту нарушување на меѓуетничките односи“, дециден беше Иванов.
За таа цел побара поддршка од политичките лидери и ги повика да се однесуваат одговорно, побара поддршка од медиумите, но и од меѓународната заедница. Нагласувајќи го негативното влијание на досегашното статус-кво во интеграциите, тој повика: „Барам од ЕУ и НАТО да ги деблокираат евроатлантските интеграции на Република Македонија!“
Иванов испрати повик и до македонското општество и политичките лидери да учествуваат во политички дијалог за надминување на кризата.
„Жалам што требаше да дочекаме вакви моменти, за да седнеме на заедничка маса“, констатираше Иванов. За таа цел, побара да престанат меѓупартиските конфронтации и рече дека е за пофалба присуството на партиските лидери на денешната седница на Советот за безбедност.
На седницата на СБ во проширен состав вечерва присуствуваа лидерот на СДСМ, Зоран Заев, од ДПА наместо лидерот Мендух Тачи присуствуваше пратеникот Имер Алиу, а наместо лидерот на ДУИ Али Ахмети, присутен беше координаторот на пратеничката група, Талат Џафери.
На крајот Иванов го отвори и прашањето на одговорноста за состојбите.
„Одговорност за состојбите во Македонија мора да има и за сето она што е сторено и за сето она што не е сторено, а требало да се стори. Треба да одиме напред, а не назад. Република Македонија е единствената заедничка татковина што ја имаме“, порача на крајот од обраќањето претседателот Иванов.