1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заев, обвинет за насилство кон државниот врв, на иста маса!

Катерина Блажевска10 мај 2015

Поканата до Заев на седницата на СБ предизвика разни коментари во јавноста оти тој е обвинет за тешко кривично дело кое автоматски го прави „неподобен“ на иста маса со државниот врв да разговара за безбедносни теми

https://p.dw.com/p/1FNlD
Фотографија: DW/K. Blazevska

Со половина час задоцнување, во 17 и 30 часот, започна седницата на националниот Совет за безбедност (СБ), која во проширен состав ја закажа претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов. Согласно со Деловникот за работата на СБ, претседателот на седница го повика и лидерот на СДСМ, Зоран Заев, на ДУИ - Али Ахмети и на ДПА - Мендух Тачи.
ДУИ, партија која не го признава претседателот Иванов, бидејќи не беше прифатен нејзиниот предизборен предлог за номинирање консензуален кандидат за избор на шеф на државата, денес сепак има свој претставник на седницата. Тоа не е лидерот на партијата Али Ахмети, туку координаторот на пратеничката група на ДУИ, Талат Џафери. На Џафери не му е непозната работата на СБ, бидејќи тој учествуваше во минатиот состав на ова тело по сила на функцијата - министер за одбрана.

Подобен или неподобен?
Поканата до Заев за присуство на седницата предизвика разни коментари во јавноста, со оглед дека тој е обвинет за тешко кривично дело насилство кон државниот врв, што во оваа ситуација автоматски го прави „неподобен“ да седи на иста маса со државниот врв и да разговара за суптилни и чувствителни безбедносни теми. Дел од аналитичарите сметаат дека со оваа покана до Заев, власта де факто ги суспендирала сите обвинувања изнесени досега на негова адреса.
Заев ја прифати поканата да присуствува на седницата, а десет минути пред нејзиниот почеток, откако изрази најдлабоко сочувство до семејствата на загинатите припадници на МВР, ги објасни и мотивите за таквата одлука.
„Одлучив да присуствувам на денешната седница на Советот за безбедност, но моето присуство не значи дека јас и опозицијата даваме легитимитет за сето она што државните институции го правеа изминатите неколку години а особено последниве неколку месеци. Нашите ставови за капацитетот и легитимитетот на оваа власт се познати, од нив не отстапуваме. Но денеска имаме друг приоритет, да се спречи процесот кој очигледно води кон дестабилизација на државата и загрозување на безбедноста на граѓаните. Моето присуство на седницата на Советот за безбедност е исклучиво поради загриженоста за безбедносната состојба во државата“, рече Заев. Тој најави дека на седницата, во име на граѓаните, ќе бара објаснување - кој, зошто и со каква цел ја дестабилизира Македонија, дали воопшто кризата во Куманово е завршена и дали е точно дека и во некои други региони има инфилтрирано вооружени групи? Дали безбедносните служби знаеле од порано за оваа вооружена група и од кога?
„Исто така, од суштинско значење е дали овие луѓе имаат било каков план и стратегија за смирување на состојбата и спречување на можна ескалација“, потенцираше Заев.

Gorge Ivanov Präsident Republik Mazedonien
Македонскиот претседател Иванов ќе даде изјава по седницата на СБФотографија: MIA
Mazedonien Unruhen Polizei
По судирот на полицијата со терористите во Куманово, седница на националниот Совет за безбедностФотографија: picture-alliance/dpa/N. Batev

Безбедносни изјави
Неофицијално дознаваме, дека на присутните кои не се членови на СБ и немаат безбедносен сертификат за постапување со класифицирани информации, пред почетокот на седницата ќе потпишат изјави со кои ќе се обврзат дека во јавноста нема да изнесуваат детали од разговорите и податоците изнесени на седницата.
Советот за безбедност има осум членови, од кои пет се по функција: претседателот, премиерот и министрите за внатрешни работи, за одбрана и за надворешни работи, како и тројца членови што ги именува шефот на државата. На денешната седница по функција присуствуваат претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, премиерот Никола Груевски, министерот за одбрана Зоран Јолевски, министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, министерот за надворешни работи, Никола Попоски, како и членовите на СБ, Вели Креци, Флора Кадриу и Насер Сејдини.
По завршувањето на седницата, како што најави кабинетот, претседателот Иванов ќе им се обрати на граѓаните на Република Македонија.