За културата и за заштитата на нашите „бели мечки”
6 април 2018Дискусијата за националната стратегија за развој на културата од 2018-2022 се одржа во исполнетата сала Борис Трајковски на Собранието. Со претходно доставен материјал на разгледување, вклучително и акционен план, со можност за дискусии, предлози, коментари, и сугестии. Можеби не беа присутни сите што требаа да бидат таму, но колку што можев да заклучам, имаше претставници од сите сегменти на културата. Додека го читав материјалот немав некоја конкретна забелешка. Сумирана во една реченица стратегијата би гласела: децентрализација, департизација и демократизација на културата. Звучи одлично! Но по тричасовната дискусија „во живо” ја добив вистинската слика за тоа какви се вистинските состојби и размислувања и во националните и во независните културни институции. Кој ги раководи, што недостасува, што е потребно да се направи. На крајот од дискусијата имав само еден заклучок - дека планираната нацрт – стратегија, запишана на хартија, e во расчекор со нашата реалност и дека тешко ќе се преточи во нова посакувана реалност во културата.
Последно скалило за искажување на маките
Слушнав за барањата за спас на исклучително важни уметнички вредности и културни наследства што се во процес на распаѓање. Слушнав и за превработеноста во музичката и сценско-изведувачката дејност, како и за „насушната потреба” од нови вработувања во истите!? Од страна, сето тоа ми делуваше во исто време и апокалиптично и апсурдно. Слушнав за недостиг на стручни и обучени лица за конзервирање и заштита на уметнички дела, но и за немање средства за таква обука. Слушнав за одличен турски театарски ансамбл, што нема свој театар. Слушнав за доктори на науки и магистри вработени на одговорни места во музеј, со основна плата од 18 000 денари. Беа искажани мислења и за независната сценско-изведувачка и ликовна дејност (секако, недоволно опфатени во стратегијата), како и за филмската уметност. Проблемите се растегнуваа од една крајност до друга. Слушајќи ги излагањата, ми се менуваа чувствата од жал и разочараност, до лутина, бес и рамнодушност. Растргната од овој спектар на емоции, не си дозволив да земам збор.
Претходни колумни на авторката:
Нашата историја и нашата покисната сегашност
Најкултурен од се' беше тонот со којшто се водеше дебатата, што за еден ваков настан и не е особен комплимент. На крајот, еден од присутните за неколку минути успеа да излезе од кожа, но „бунтовните” културњаци го сопреа, за да можат да заминат што побргу на ручек, но и за да ја прекинат потенцијалната експлозија. Имаше и такви што си заминуваа среде дебатата, зашто увидоа дека сето ова е повеќе формален чин и нужност. Тоа што ме вознемири најмногу беше чувството дека добар дел од луѓето беа дојдени небаре на последното скалило за да си ги кажат маките, да посочат решенија, да замолат за помош, па дури и да зазвучат дека бараат „преку леба погача”, верувајќи дека нивниот збор ќе се слушне и ќе има тежина. Многумина од нив беа вработени во државни институции (не сите!), а дел од нив покажаа и искрена, лична грижа за состојбите. Само навистина не знам што правеле и каде биле сиве овие луѓе изминатите десет, дваесет години. Очигледно беше дека партизацијата, лефтерноста и незнаењето систематски не' растуриле и не' уништиле сосема.
Културата во Македонија е узурпирана
Мојата професија – глумата, колку и да не сакам, секогаш ми помага во проценките на вистинитоста на кажаните зборови. Чувствувам кога некои се срамат, кога им е непријатно, кога лажат, кога се загрижени, но и кога им е сеедно. Доволно ми е да ја следам содржината, тонот, артикулацијата, енергијата, гестикулацијата, фокусот и акцентот на говорникот, за да осетам од која позиција настапува. За жал, често ме поразуваше мислата дека луѓето од културата како да дигнале раце и од самите себе. Континуираната неспособност на државниот, тром, диносауруски апарат, што заборавил дури и зошто постои (ако не само заради себе самиот!), резултирала со состојба на негова предсмртна агонија. Гласот на уметникот како да ни останал забетониран и закопан во барокните зданија на “Скопје 2014”. Независната културна сцена пак, што треба да е некаква светла точка во мракот - испаѓа дека се перцепира повеќе како рана. Можеби затоа таа тема и најмалку се отвори. А токму за неа требаше да се зборува најмногу, за наoѓањето начини и средства за нејзин поттик, за создавањето услови за нејзино самоодржување. Зашто нема ништо посилно во едно општество од слободата и независноста на уметникот што ја бранува, но и ја обликува реалноста, и и' дава визија за иднината. Зарем можноста да се биде независен, креативен и отворен кон нови и непознати искуства не е највозвишената смисла на едно уметничко постоење и творење?! Никој не зборува, на пример, за тоа дека „сонот” на еден уметник не смее да биде институционално вработување и вечна плата. Државниот „уметник” секогаш ќе биде камен темелник на некоја нова барокна и стиропорна „културна несреќа” и секогаш ќе потсетува на некое следно Скопје 2014. За една “колевка на културата” премногу се 112 институции со 3 287 вработени на буџет! Да, стратегијата и акциониот план ги содржат овие податоци и посочуваат решенија за нив. Ама кој ќе ја префрли четата уметници на „локални јасли”? Колкав е интелектуалниот и образовниот капацитет на општините за да можат да создаваат и одржуваат културни програми и стратегии, или да одлучуваат сами за својата „културна” иднина?
Заклучив дека културата во Македонија е узурпирана - и онаа институционалната и онаа независната! Не се проблем само партизацијата и централизацијата. Проблемот е во немањето луѓе со интегритет, знаење, квалитет, ентузијазам, образованост и визионерството. Наместо тоа, во неа царува непотизмот, личните врски, „нати-дајми” услугите, и „купи-ден-помини” менталитетот. Како и во образованието, што е во нераскинлива врска со културата, „долните ешалони” на запоседнатите културни апаратчици се оние што царуваат во неа. Изгледа ни' нема „куртул” од намножените шефчиња и директорчиња, од чиј бирократски потпис, личен (тендерски) интерес, и расположение зависи нашата култура!
Учмаеноста во културата ни ја задави културата во човекот. За почеток, мора да најдеме начин да ги демотивираме сите оние што чекаат како бели мечки во државните сценско-изведувачки институции на постојана општествена заштита и издршка. Образованиот процес треба да го поттикне и оформи сознанието дека улогата на уметникот треба да е „непријател” на државниот апарат, а не негов штраф. И дека тој самиот треба да е двигател и носител на промените, а не некој учмаен бирократ, што се движи и мисли во “нацрт-мизансцен”. Но не сум сигурна дека нашите „уметници-бели мечки” доброволно ќе се согласат да отворат фронт со комфорот на улежаноста, непотизмот и учмаеноста. И се' дотогаш, секоја културна стратегија што нема да го отвори ова прашање, ќе биде само обид за заштита на нивниот натамошен опстанок, по цена на нашиот општествен.