1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нашата историја и нашата покисната сегашност

Синоличка Трпкова
23 февруари 2018

Зачувувањето на идентитетот не е пластична кукла со народна носија седната во дневна на тросед. Не е ниту потпис на протестни писма, ни статус на социјална мрежа, ни протести со знамиња и карти. Пишува Синоличка Трпкова

https://p.dw.com/p/2tBwk
Sinolicka Trpkova, mazedonische Schauspielerin
Фотографија: S. Trpkova

Јас сум Македонка, зборувам македонски, родена сум во Југославија, како и многу постари генерации, но и помлади од мојата. Омажена сум за Холанѓанец  и моите деца се од мешан брак. Имам и друго државјанство, по таа основа. Го имаат и нашите деца. Имам патувано и живеено надвор од Македонија, на подолго време. Зборувам течно холандски, којшто откога го положив, Холанѓаните ми го документираа како “втор мајчин”. И ден денес, мојата професорка од институтот за социјална историја во Холандија, сеуште го "фали” мојот “холандски”. Со нејзина помош успеав да оставам трага во нивната дата-база за мал дел од македонското културно наследство во Холандија. Нивниот архив е на безбедно и суво место и се вика интернет. Но и оној “оригиналниот” си е во зграда што не прокиснува. Како и да е – иако доста штури, податоците таму за нас се добро заштитени.

Претходни колумни на авторката: Девојчето со ѓеврекот

Македонците и другите етникуми лесно се прилагодуваат на правилата и наоѓаат начин да функционираат брзо и ефикасно во земјите каде заминале. Дали е тоа предавство? Секако дека не е, туку е напротив квалитет. И кога тие се успешни надвор, а не дома, значи дека условите во коишто работат им дале можност за такво нешто. Зарем тоа не е причина, ако не за љубов, тогаш барем за почит кон земјата што им го пружила тоа, иако тие не се се родиле таму, но станале тамошни државјани? Нивното чувство за Македонија ниту се смалило, ниту се зголемило, а останало исто – често врзано за тага и болка, оти нивната родна грутка не успеала да создаде систем на вредности каде што тие би се нашле себе си и би придонеле за заедницата. Ја разбирам нивната грижа зашто и самата сум била во нивни чевли. И не им ја оспорувам тежината на “гласот” подигнат за Македонија.

Културно и цивилизациско наследство

Постојат различни Македонци. Вредни и мрзеливи, чесни и крадци, олигарси и сиромаси, образовани и необразовани, информирани и неинформирани, патриоти и космополити, зли и добри. Но сето тоа не ги прави поголеми или помали Македонци. Сите тие се подеднакво Македонци, без разлика на тоа што прават или направиле во општеството. Од тоа што го имам научено од моите родители, пораснати и воспитани во Југославија, луѓето ги делам на добри и лоши, на чесни и нечесни. И тоа е мое културно и цивилизациско наследство со кое се гордеам и го сметам за сосема нормално и вообичаено. Да повторам, за оние што сакаат тоа почесто да го чујат и прочитаат - јас сум Македонка, зборувам македонски и живеам и работам во Македонија. Не се сметам себеси за херој поради тоа. Тоа ми дава точна географска и јазична карактеристика, ми дава историја, традиција, свесност и разбирање за тоа што се случило во минатото. Но, тоа што го правам секојдневно со години е најсуштинскиот дел од моето делување, што ме дефинира најпрецизно во припадноста кон овој простор. 

Претходни колумни на авторката: Глупи капиталисти и снаодливи Балканци

Никој никому не би смеел да наметнува или негира идентитет, зашто тоа е лично, интимно чувство и одлука на поединецот. Се спротивставувам на грчкото ирационално и непојмливо во 21 век условување со име, идентитет и јазик, промена на устав за влез во ЕУ и НАТО! Но бескомпромисно се спротивставувам и на оние дома, коишто секој оној што не се идентификува јавно со потпис во список, го прогласуваат за предавник и за не-Македонец. Иако нивната “љубов” кон Македонија можеби е исто така еден светоглед за тоа како се сака и се брани татковината. Та нели сме различни! Слободата на индивидуалецот за да одбере начин како ќе се сака родината е неприкосновена. Секое друго присилно наметнато “чувство” од свои или туѓи - го сметам за национализам и политички мобинг. Но зошто борбата против кичот и барокот, против мафијата и корупцијата, против партиските вработувања, борбата за подобро образование, за подобро здравство, за повеќе зеленило, за достоинствен живот, за чиста земја, за еманципација - не е патриотизам?! Дали патриотизмот е единствено веењето знаме (она “нашето”), пишувањето памфлети, турањето потписи за проблематични петиции, молењето на Бога или Алах, мафтањете со иредентистички карти, извикувањето пароли и прогласувањете предавници и патриоти?!

Спирален пат во бездна

Мојата внатрешна одбивност кон национализмот, без разлика дали е Албански, Грчки или Македонски доаѓа од заклучокот дека тоа е спирален пат што води во бездна. Дали ако се издвоиме со нашите патриотски чувства од другите групи и инситираме на нашата посебност и ексклузивност  - ќе ги решиме проблемите? Дали воопшто има зрелост на овие простори за разговор, договори или преговори што би се почитувале од сите, или ќе останеме само на омраза, цинизам и анатеми за различните?! Имаме прв пат после долго време шанса спорот да го решиме, со отстапки од обете страни, но има шанси и да не го решиме. Тоа не мора да биде крај за нас. За почеток, ќе треба да престанеме со плачењето и со обвинувањата на другите, ќе треба да ги засукаме ракавите, да го исчистиме ѓубрето и корупцијата и сето она што ни пречи, а е создавано и акумулирано со години наназад од нас самите. Така сите, без исклучок ќе почувствуваме припадност кон татковината и вистински патриотизам. Без разлика дали ова ова ќе се случи или не, ова ќе зависи само од нас самите!

Претходни колумни на авторката: Експозитура или автономија

Зачувувањето на идентитетот не е апстрактна појава или пластична кукла со народна носија седната во дневна на тросед. Не е ниту потпис на протестни писма, ни статус на социјална мрежа, ни протести со знамиња и карти. Не е ниту патриотска колумна, а не е ни парола што ако се повторува до бесвест ќе не сочува од губењето на идентитетот. Не е ниту градење споменици за некое новосоздадено минато. Прокиснатиот "нов” архив каде се чува нашата историја зборува најсилно и најјасно за нашата сегашна грижа за нас самите, за тоа "шчо сме направиле” да го зачуваме нашиот идентитет. Тоа што сме принудени да размислуваме да го селиме “минатото” во стариот архив од југословенско време кој сеуште е сув и безбеден, најдобро зборува за тоа кои сме, каде сме, до кај сме, и колку искрено сакаме да ја сочуваме Македонија.

Читајте не и преку апликацијата на ДВ за андроид