1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Турски офицери на НАТО во потрага по азил

7 декември 2016

Режимот на Ердоган ги прогонува турските државјани вработени во НАТО, обвинувајќи ги дека учествувале во пучот и бара да се вратат назад во земјата. Ексклузивен извештај за ДВ од Тери Шулц.

https://p.dw.com/p/2Tsx0
Nato Logo
Фотографија: Imago

Десетина високо рангирани турски воени офицери кои служеле во седиштето на НАТО во Брисел и воената команда во Монс се дел од 125.000 луѓе кои се обвинети од страна на претседателот Реџеп Таип Ердоган дека учествувале во обидот пуч против неговата влада во јули оваа година. Овие луѓе Ердоган ги нарече „терористи војници“.

Неколку од офицерите се согласија да разговараат со Дојче Веле под услов да останат анонимни.

Офицерите се прашуваат дали некој висок претставник ќе го праша турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу за деталите за тоа што им се случува ним и како тој ќе ги убеди дека Aлијансата ќе може да продолжи да функционира без некои од нејзините најдобро тренирани специјалисти.

Тие се главно образoвани на запад, дел од нив имаат докторати и повеќе магистерски дипломи од американски универзитети и институции, а учествувале и во многу вежби на НАТО. Офицерите тврдат дека не се поврзани со неуспешниот пуч против владата на Ердоган. По настанот тие веднаш се оградиле од било каква поврзаност и продолжиле да работат како лојални воени претставници на турската влада. Сепак, нивните имиња, едно по едно, почнале да се појавуваат на речиси 20-те списоци на осомничени кои беа циркулирани од Анкара кон турските мисии во странство, вообичаено доцна во петок.

Офицерите велат дека во писмата прикачени на листите биле дадени инструкции да ги вратат своите НАТО легитимации и дипломатски пасоши и дека имаат право на еден документ за лична идентификација кој важи во еден правец – кон Анкара. На повеќето им било наредено да го сторат тоа во рок од три дена откако биле известени, а на некои и порано. Не биле образложени обвинувањата, едноставно биле дадени листи од имиња и воени рангови и информација дека се суспендирани или отпуштени.

Еден од офицерите раскажува дека на почетокот тој и дел од неговите колеги планирале да ги почитуваат наредбите. „Нашата прва реакција беше да се вратиме и да се браниме бидејќи сме невини за било каква антивладина активност“, објасни тој за ДВ. „Се збогувавме со нашите колеги во НАТО“, претпоставувајќи дека по долгогодишните и блескави кариери во војската ќе можат брзо да ја докажат својата невиност и да се вратат на нивните позиции во НАТО.

„Потоа слушнавме дека 17 од колегите кои се вратија биле уапсени“ изјви тој. „Затоа мислевме дека е подобро да чекаме“.

Семејствата предупредени да останат во Белгија

Еден офицер од Брисел не бил на ниту една листа, па кога бил повикан на состанок во Анкара, одлучил да замине. Тој се плашел дека доколку одбие да се врати - тоа би можело да изгледа сомнително. Тоа било пред шест недели.

Од неговото заминувања, неговата сопруга не го видела, ниту разговарала со него. Со тага во очите, додека нејзините најмлади деца си играат во близина, таа ни објасни дека френетично се обидувала да добие било каква информација од турските воени претставници во НАТО откога нејзниот сопруг не се вратил, а таа не можела да воспостави контакт со него преку телефон. Конечно, таа дознала што се случило со нејзиниот сопруг - преку сопругата на некој кој видел како бил уапсен по состанок во владините канцеларии во Анкара. Но, до денешен ден нема никакво официјално објаснување за тоа.

Платата на нејзиниот сопруг престанала да се исплаќа во моментот кога исчезнал и таа нема начин да ги издржува нивните три деца на долг рок. Нејзиниот свекор во Турција имал можност да го посети сопругот во затвор. Неговата порака до неа била: Остани во Белгија.

Но, и тоа носи ризици. Офицерите велат дека претседателот Реџер Таип Ердоган се заканил дека оние кои нема да ги почитуваат наредбите да се вратат дома ќе бидат „ловени“. Повеќето од нив не добиле плата од септември и живеат од заштедите, ги продаваат своите автомобили и друг имот. Многумина се преселиле во помали живеалишта затоа што мораат да штедат, но и на тој начин владата во Турција да не ги знае нивните адреси. Некои побарале политички азил во Белгија, а некои од колегите истото го направиле во воздушната база Рамштајн во Германија.

Еден офицер го пишуваше за ваквата ситуација во своето писмо за збогување до своите колето во НАТО, кои истото го нарекуваат „тивкиот вресок на еден турски офицер“. Тој го сподели писмото со ДВ.

„Како и со останатите турски колеги, моето отповикување не значи само губење на мојата работа. Веќе ги изгубив сите мои воени документи, пасошот, социјалните права, здравственото осигурување, банкарските сметки, пензијата, работните права... Она што е најтажно е дека сум оставен сам на себе, без никакво минато и за жал, без никаква иднина. Досега, мислам дека ние – турскиот народ – ги изгубивме вредностите на почит на човековото достоинство, слободата, демократијата, еднаквоста, владеењето на правото и почитувањето на човековите права. Она што го загубив јас не е ништо во споредба со она што го губи мојата земја“.

Загубата ја чувствуваат и другите вработени во НАТО кои не се од Турција, но кои работеле со турските колеги. Еден од нив за ДВ изјави дека квалитетот на новите замени од турската влада не ги исполнува НАТО стандардите. Истиот соговорник изјави дека се чувствува неудобно поради тоа што Турција отворено не ги почитува обврските од договорот за НАТО како што се владеење на правото и почитување на основните човекови права.

НАТО е претпазлив во справувањето со Турција

Евидентно е дека Турција е многу важен сојузник. Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој досега неколку пати беше повикан да даде коментар за ситуацијата, за медиумите изјави само дека за овие прашања било разговарано со турската влада, но не објасни дали е задоволен од одговорите.

Специјалниот известувач на Обидинетите нации за тортура, Билс Мелцер не беше импресиониран од неговата посета во Турција минатата недела, кога го прозва владејачкиот режим за жестокоста и суровоста со која се соочуваат обвинетите за учество или помагање на неуспешниот пуч. Мелцер изјави дека во затворите каде се наоѓаат илјадници осомничени пучисти „преовладува атмосфера на тортура“.

Во понеделникот во Брисел, американскиот амбасадор Даг Лут објасни дека „наместо наметнување на стандарди“ на турската влада, НАТО и САД одлучиле да „изразат доверба“ во проценката на Турција. „Имаме заеднични сет на вредноси, тие се во преамбулата на договорот од Вашингтон“, потсети Лут. „Очекуваме дека сите 28 сојузници ќе ги почитуваат тие стандарди затоа што според договорот земјите не само што имаат обврски кон другите, туку тоа е и во нивен интерес“.

Еден турски офицер со жалење објаснува дека со ставовите како овој, тој се чувствува предаден, и од неговата влада и од НАТО. Друг потсети дека алијансата е силна колку и нејзината најслаба членка и дека тие чувствуваат дека земјата со вторатата најголема армија сега е најслабата алка.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи