1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Турција е повеќе од Ердоган

Кристоф Хаселбах
25 ноември 2016

Европскиот парламент официјално побара замрзнување на преговорите за пристапување на Турција кон ЕУ, но полага надежи во дијалогот. Тоа е исправно, смета Кристоф Хаселбах.

https://p.dw.com/p/2TE0L
Türkei AKP mit Flaggen am Flughafen Ataturk
Фотографија: Getty Images/M. Ozer

Ердоган ѝ приредува бескрајни тешкотии на ЕУ. И покрај многу големиот сомнеж во неговата политика, Европската Комисија досега официјално ги продолжуваше преговорите за пристапување на Турција во ЕУ. Што всушност уште мора да направи турскиот претседател, за Брисел да му го покаже знакот стоп? Сѐ уште ли не се доволни илјадниците отпуштања и апсења по пучот, или замолкнувањето на печатот?

А и сега одлуката на Европскиот парламент е прилично кротка. Преговорите би требало определено време да бидат замрзнати, а не прекинати. Ако би биле целосно стопирани, тоа веројатно би значело и крај за пристапниот процес, зашто бројни земји членки тогаш би морале да го одобрат повторното започнување на преговорите. Барем Австрија би била сигурно против. Расположението во Европа севкупно и без тоа сѐ повеќе се поместува против изгледите за членство на Турција во Унијата. 

Исходот од гласањето во Европарламентот не е обврзувачки ниту за Еврокомисијата ниту за земјите членки кои ја донесуваат конечната одлука. А во европските престолнини има малку апетит за радикални мерки, и не само поради тоа што, таму се стравува дека Турција повторно непречено ќе ги пропушта мигрантите кон Европа. Затоа одлуката на ЕП не е ништо повеќе од симбол, згора на тоа прилично беспомошен симбол. Со уживање уште завчера Ердоган изјави дека гласањето во ЕП за него нема никакво значење. Што се однесува до практичните ефекти, тој е во право.  

Смртната казна би значела крај

Од самиот Ердоган зависи, како натаму ќе се одвиваат односите со ЕУ. Тој воопшто не сака да ги прифати политичките барања - во прв ред промената на антитерористичките закони. Сега самиот тргнува во офанзива и бара од Брисел, до крајот на годината да одлучи, дали преговорите за членство треба да продолжат или не. Во спротивно тој има намера да им остави на Турците самите да гласаат за тоа. Тој воопшто не ја крие неговата рамнодушност кон ЕУ. Ердоган би можел да ги стопира пристапните преговори и со само еден единствен потег. Имено ако дозволи повторно воведување на смртната казна во Турција. Во тој случј на ЕУ нема да ѝ преостане ништо друго, освен да објави крај.

Christoph Hasselbach
Кристоф ХаселбахФотографија: DW/M.Müller

Што впрочем има Русија да ѝ понуди на Турција?

Но без оглед на тоа: како би требало да се однесува ЕУ? Сите институции, Европарламентот, Советот на ЕУ и Еврокомисијата, би требало при бескрајните провокации од Анкара секогаш пред очи да го имаат сознанието дека си имаат работа не само со една личност, не само со Реџеп Таип Ердоган. Станува збор за сигнали кон еден цел народ од речиси 80 милиони луѓе, од кои многумина размуслуваат сосема поинаку од својот претседател. Целосен прекин на пристапните преговори, кој би потекнал од Европа, ќе им ја одземе надежта на овие луѓе.

Независно од политичкиот курс на Ердоган, многу фактори говорат против турско полноправно членство во ЕУ, а за соработка под ова ниво. Но процесот на приближување поради тоа не е погрешен: тој претставува стимуланс за бројни внатрешни реформи. Тоа што Ердоган сега голем дел од нив повторно ги анулира, не значи дека процесот самиот по себе бил погрешен. Напротив. А што се однесува до Ердоган, тој  наместо ЕУ би можел да се заврти кон друг партнер. А што впрочем можат да му понудат Москва и Пекинг, освен да внатрешнополитички да го остават намира? Токму економски Европската унија е далеку поатрактивен партнер.

Затоа е добро што Европарламентот испрати јасна порака, но не дозволи да биде искината нишката на разговорите. И ЕУ севкупно би требало да задржи ладна глава и да има трпение. Тоа им го должи на луѓето во Турција. Некогаш ќе дојде и времето по Ердоган.