1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

UN Wasser Menschenrechte

29 јули 2010

Обединетите нации со резолуција на Генералното собрание утврдија дека правото на чиста вода за пиење е основно човеково право.

https://p.dw.com/p/OX6a
Фотографија: dpa

Правото на секој жител на Земјината топка на чиста вода за пиење сега е официјално признато човеково право, исто како правото на храна или правото на живот без измачување и расистичка дискриминација. Генералното собрание на ОН вчера (28.07.2010) ја усвои резолуцијата, со која го регулира ова прашање.

Тоа ја сигнализира итноста за решавање на проблемот со се‘ помалку чиста вода за пиење за светското население кое постојано се зголемува. Според Програмата на ОН за екологија, 884 милиони луѓе во светот немаат воопшто никаков или недоволен пристап до чиста вода за пиење. Освен тоа, речиси 2,7 милијарди луѓе немаат тоалет и основни санитарни уреди. Секоја година, поради недостиг на чиста вода за пиење или од последиците на пиењето загадена вода, умираат повеќе од два милиони луѓе. „Од нечиста вода умираат повеќе луѓе отколку од сида, маларија и сипаници“, рече амбасадорот на Боливија Пабло Солон пред присутните на Генералното собрание на ОН. Најголемиот број од жртвите се деца под пет години.

Nach Zyklon in Birma, Trinkwasser für Opfer
Фотографија: picture-alliance/ dpa

Недостигот од вода и пресушувањето на пределите кои некогаш биле плодни, проблеми кои некогаш постоеја само во Африка и Азија, одамна се присутни и во Европа. На југот на Шпанија пустината секоја година се шири за еден километар во насока на север. Во се‘ поголем број региони во светот недостигот на вода предизвикува конфликти - на Блискиот исток меѓу Израел и Палестинците, во Индија или во земјите долж Нил. Проблемот уште повеќе се зголемува поради приватизацијата на снабдувањето со вода, што ја спроведуваат големите концерни за прехранбени производи. Поради приватизацијата, водата станува прескапа за потрошувачите.

„Проект сина планета“

Sauberes Trinkwasser wird Mangelware
Фотографија: picture-alliance/ dpa

Во времето кога се носеше „Основната повелба за човекови права“, во 1948 година, за сите овие проблеми човештвото немаше поим, аргументира Мод Барлоу, основач на „Блу планет проџект“. Во 2010 година, меѓутоа, недостигнот од чиста вода за пиење е „најголемата повреда на човековите права во светот“: „Ако не престанеме со загадување, нема да има доволно вода за секого. Се наоѓаме во еколошка криза за вода.“

„Проектот за сина планета“ се ангажира за заштита и поправедна распределба на ресурсите со вода во светот и ја иницираше меѓународната кампања за вметнување на правото на чиста вода во Повелбата на ОН. САД, Канада и Велика Британија попусто се обидуваа да спречат гласање за резолуцијата. Сепак, толку единствен како при гласање за слични теми, овојпат блокот држави од северот не беше. Германија, на пример, која според зборовите на нејзиниот амбасадор Петер Витиг е една од земјите кои најрешително се борат за право на чиста вода, гласаше за резолуцијата. Инаку за резолуцијата поднесена од страна на Боливија, гласаа 122 од 163 присутни членки на ОН. Останатите 41, исклучиво индустриски земји од северот, беа воздржани.

Автор: Андреас Цумах/ Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Александра Трајковска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема