Берлин се збогува од аеродромот Тегел
7 ноември 2020Секој кој слетал на Берлин-Тегел нема да го заборави уникатното доживување. За оние кои никогаш не биле таму можеби е тешко да се разбере вревата околу неговата замена и затворање на 8 ноември.
Но, за многумина Тегел, во аеродромски јазик ТХЛ е многу повеќе од само аеродром. Тој е парче историја исполнета со емоции. Приказната му е за борба, истрајност и на крај успех од кој се префорсира.
Кога беше изграден Тегел го поврзуваше Западен Берлин со остатокот од светот. Во тоа време Западен Берлин бил како островче опкружено од ѕид и жичана ограда изградена од комунистичка Источна Германија. Имало неколку „транзитни” патишта и железнички линии кои можеле да се користат за влез во западната енклава. Но, сите воделе низ советски окупираната источногерманска територија. Единствен пат да се заобиколи тоа и источногерманските власти било да се лета надвор од Берлин.
Оригиналната зграда на терминалот А е посебна поради нејзиниот облик. Шесте страни формираат голем хексагон. Во средиштето има отворен двор за сообраќај и се користи за оставање и земање луѓе. Тоа значително го скратува патот до авионот. Од паркирано возило до гејт имаше пешачење од само 28 метри. Затоа Тегел наскоро го доби прекарот „драјв ин аеродром”.
Островче во Студената војна
Просторот каде сега се наоѓа аеродромот се користел за авијација повеќе од еден век. На почетокот на 20 век таму биле стационирани авионите. За време на двете светски војни тоа било воена база за обуки. По Втората светска војна Берлин беше поделен на два дела, Источен и Западен.
Западен Берлин беше поделен меѓу британските, американските и француските сили. Кога Русите почнаа со блокадата на Берлин во 1948 година, постоечкиот аеродром Темпелхоф не беше доволен да одговори на потребите. Дополнително патничките летови беа субвенционирани од западногерманската влада. Евтините летови го зголемија бројот на патници и Темпелхоф пукаше по шавови.
Повеќе:
Со девет години задоцнување во Берлин се отвора нов аеродром
„Вечно“ недовршениот аеродром - срамот на Берлин
Имајќи го тоа на ум Французите почнаа да градат писта и провизорна инфраструктура во Тегел, дел од францускиот сектор на Берлин.
Зачудувачки по 85 дена првите авиони слетуваа на најдолгата писта во Европа носејќи намирници за да се одржи градот во живот. Подоцна се користел од војската, но во 1960 бил даден само за цивилна употреба. Дополнителните згради беа доградени и Ер Франс започна со комерцијални летови. Потоа во 1961 година беше изграден Берлинскиот ѕид по што изолацијата на Берлин беше комплетна.
Навистина посебен аеродром
Идејата за аедордомот Тегел е на архитектот Мајнхард фон Геркан. Дизајн на новиот аеродром му била една од првите работи на овој сега 85- годишник. Со малку искуство тој и неговите партнери започнале со негово планирање во 1965 година. Изградбата започнала во 1970., а тој е отворен на 1 ноември 1974. година. Една година подоцна Тегел го престигна Темпелхоф како аеродром во Западен Берлин. Денес тој има големина колку 650 фудбалски игралишта.
Покрај тоа што е близу центарот на градот, аеродромот е невообичаен и поради нешто друго. Секој гејт има свој чек-ин, безбедносна контрола и лента за багаж. Нема потреба да поминете низ фри шоп за да стасате до гејтот каде што се чека влез во авионот. Тегел е создаден за летање, не за шопинг, забава или јадење.
Откако ќе влезат на главниот терминал, патниците можат да свртат целосен круг и повторно да се вратат на првичниот гејт од каде што тргнале без да излезат надвор. Има 14 мостови кои служат за 16 шалтери за чекирање. Закосената зграда, аглите, конзолни скали и употребата на метал, стакло и бетон во изградбата придонесуваат таа да изгледа како футуристички вселенски брод. Користењето на шарена сигнализација пак потестува на сосем друга ера.
Подоцнежните надополнувања беа доградени на почетокот на 2000., но се сметаа само како привремени решенија. Технички аеродромот сега има пет терминали, но еден е всушност долг ходник кој некогаш беше паркинг гаража, а другиот е долга метална конструкција. И двата се поврзани со надворешни пешачки патеки, а не со модерни трамваи или подземни движечки елеватори.
Жртва на успехот на Берлин
Не е само аеродромската архитектура што го право посебно искуство летањето во Берлин. За време на поделениот град, целиот воздушен сообраќај во Западен Берлин беше под контрола на сојузничките сили, а можеа да летаат единствено авиокомпании регистрирани во овие земји. Па дури и екипажот мораше да има француски, британски или американски пасош.
Германската авиокомпанија Луфханза беше заклучена, оставајќи простор за Ер Франс, Бритиш Ервејз и Пан Ам. По обединувањето, и на други авиокомпании им беше дозволено да го користат аеродромот во Западен Берлин. Луфтханза откупи најголем дел од правата за патување од Пан Ам и нејзините термини на Тегел. Како што Берлин стана популарна туристичка дестинација екстремно се зголеми фреквенцијата на аеродромите во градот.
За Тегел тоа буквално значеше гужва. Многу скоро голем број патници мораше до авионите на писта да се пренесуваат со автобуси при бординг или при слетување бидејќи немаше доволно гејтови.
И покрај овој раст Тегел никогаш не се вброи меѓу топ-рангираните аеродроми во Европа. Франкфурт, Минхен и Диселдорф прераснаа во главни авио-точки додека Тегел во најголема мера служеше како конекциска точка од и до овие големи аеродроми. Ова се должи на фактот дека Тегел нема транзит зона и патниците мораа повторно да поминуваат низ безбедносна контрола доколку менуваат авиони.
Крај за долгата авијатичка историја
Лоциран во близина на центарот, официјално наречен аеродром Ото Лилиентал во чест на германскиот пионер во авијацијата познат по едрилици, денес Тегел е четврт најфреквентен аеродром во земјата. Минатата година забележа историски максимум од 24 милиони патници сервисирани од 65 различни компании. Огромен скок од 2010. кога се регистрирани 10 милиони патници.
Разбирливо корона-карантинот влијаеше на десеткување на бројот на патници и Тегел ќе замине во историјата без голем удар кога ќе биде заменет од Аеродромот Берлин Бранденбург (БЕР) на периферијата на градот.
БЕР беше замислен да го преземе зголемениот сообраќај, но дел од зделката беше затворање на двата други аеродроми во Берлин. Изградбата започна во 2006. и требаше да биде завршена во 2011. Тегел требаше веднаш потоа да биде затворен. Но, тоа не се случи поради постојаното одлагање на отворањето на БЕР. Референдумот со кој се бараше да се задржи и Тегел имаше голема јавна поддршка, но владата рече дека е тоа невозможно.
Последниот лет на Тегел е закажан за утре, 8 ноември – авион на Ер Франс ќе лета до Париз. Потоа зградите со терминали и околното земјиште треба да бидат претворени во истражувачки парк.
Засега плановите се недоречени, но тоа не е ништо ново за Берлин. Она што е сигурно е дека архитектот Мајнхард фон Геркан и неговата компанија ги направија и плановите за БЕР со кој требаше да го заменат своето ремек дело – Тегел. Иронично, кругот е затворен.